„DELIRIUM TREMENS“ ВО ДРАМСКИ ТЕАТАР – СКОПЈЕ

Сподели на социјалните мрежи


На 15.01.2026 со почеток во 20:00 часот на големата сцена на Драмскиот театар во Скопје ќе се прикаже претставата „Delirium tremens“, која е работена во продукција на Театарска работилница, Прилеп, во режија на Игор Трпчески, работена по текст на Благоја Ристески–Платнар, сценограф и костимограф Бојана Артиновска, играат: Игор Трпчески, Димитар Ѓеорѓиевски, Методија Костоски, Филип Јездиќ, Борис Миленкоски, мајстор на тон и светло Томе Темелкоски. Оваа претстава се игра повеќе од десет години на сцени во Македонија и надвор од неа.
„Delirium tremens“ или „Алкохолно труење“ е дијагноза која ја добиваат хронични алкохоличари помеѓу 48 и 72 часа од последната испиена чашка алкохол. Проследена е со тресење, дезориентација, па сѐ до халуцинации и стравови кои би можеле да го доведат субјектот во афектна состојба и да го направат опасен по себе и по околината.
Уште на самиот почеток на текстот, авторот го загатнува „театарот во театар“, така што јунакот ни го претставува како сценски работник, кој случајно е тука и ни соопштува дека нема да има претстава, затоа што актерот кој треба да ја одигра претставата е во болница поради делириум тременс.
Така, приказната ја гледаме како низ едно скршено огледало, низ призмата на овој сценски работник, затоа што ситуацијата во којашто тој е затекнат е едноставна од една страна, но и генијална од друга страна затоа што уште со самиот почеток на претставата се поставува директен контакт и однос со публиката што ја прави претставата интерактивна, а публиката соучесник во сè што се случува на сцената.
Текстот започнува како класична комедија која во својот развој преминува низ повеќе фази како апсурд, фарса, музички или кабаретски театар, драма, а стигнува до епски театар, психодрама и антидрама или антитеатар.
Претставата е наменета за сите генерации и во голема мера ги дефинира односите меѓу уметниците и работниците, нивните влијанија, соработки и антагонизам кој се развива од неразбирање на проблемите на другите и, секако, за љубовта и морално–етичките дилеми што кај секој од нас се појавуваат во состојба на љубов, страст и страв.

Фотографии:Емил Петров


Сподели на социјалните мрежи