Разговор со директорот, д-р Александар Василески, за мултидисциплинарните истражувања, меѓународната соработка и иднината на македонското културно наследство.
Институтот за старословенска култура – Прилеп е една од водечките научни установи во Македонија, позната по својата интердисциплинарна работа и посветеност на културната историја на македонскиот народ. Со повеќе од четири и пол децении истражувања, Институтот ги поврзува археологијата, историјата, историјата на уметноста, етнологијата и лингвистиката, создавајќи подлабока и поверодостојна слика за минатото.
Во ова интервју, директорот ја споделува својата визија за значењето на Институтот денес, ги открива најактуелните истражувачки проекти, ја раскажува вредноста на мултидисциплинарниот пристап, ја истакнува соработката со домашни и странски институции и говори за инспирацијата што ја црпи од македонското културно наследство.
Како би ја опишале улогата на Институтот денес – што значи тој за македонската наука и култура?
Институт за старословенска култура – Прилеп е една од осумте јавни научни установи во државата чија основна дејност е научноистражувачка работа од интерес на највисоко државно и национално ниво. За разлика од поголемиот дел сродни институции, кои својата работа ја реализираат во рамките на строго дефинирани научни дисциплини, Институтот од самиот почеток е замислен и организиран како интердисциплинарна установа.
Таквата поставеност не е случајна, туку произлегува од комплексноста на самиот предмет на истражување – културната историја на македонскиот народ. Таа не може да се согледа изолирано, туку само преку синтеза на археологијата, историјата, историјата на уметноста, етнологијата, лингвистиката и сродните дисциплини.
Во текот на своето повеќе од четири и пол децениско постоење, Институтот минувал низ различни фази, прилагодувајќи се на општествените и научните околности. Сепак, една суштинска константа останува непроменета – ориентацијата кон изворни научни истражувања и кон публикување резултати кои се од суштинска вредност за националната култура, науката и колективната меморија.
Вашата академска позадина е во историја на уметност и археологија – колку ви помага тоа во секојдневното водење на Институтот?
Пред сè, јас сум профилиран како историчар на уметноста, со посебен интерес за византиската и поствизантиската уметничка продукција. Сепак, преку моето долгогодишно учество во археолошки теренски истражувања стекнав и значајно практично и методолошко искуство и во областа на археологијата.
Со оглед на тоа што проучувањето на материјалната култура е една од темелните определби на Институтот уште од неговото основање, ваквата научна и теренска наобразба ми овозможува полесно да ги согледам истражувачките потенцијали, но и реалните ограничувања на различните проекти. Секако, управувањето со една ваква институција подразбира постојано балансирање и почитување на различните научни профили, бидејќи истражувањата од историјата, етнологијата и лингвистиката се подеднакво важни за остварување на целосна и објективна слика за културното минато.
Кои истражувачки проекти моментално ви се најактуелни и највозбудливи?
Во моментов, централно место во нашата работа зазема научноистражувачкиот проект „Византиски монашки центри во Р. Македонија: традиција и континуитет“, финансиран од Министерството за образование и наука. Проектот е замислен како двегодишно, мултидисциплинарно истражување на манастирите како клучни духовни, културни и социјални јадра на овие простори. Преку анализа на архитектурата, ѕидното сликарство, иконите, како и нивното место во народната религиозна практика, се настојува да се согледа културниот континуитет од антиката до современоста.
Особено значајно е што проектот се реализира во соработка со реномирани странски институции, меѓу кои универзитетот КалПоли Хамболдт, од Арката Калифорнија (California Polytechnic State University Humboldt), универзитетот Принстон од Њу Џерси (Princeton University) и Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици од Солун, Р. Грција. Овие партнерства не само што го збогатуваат истражувачкиот процес, туку создаваат и цврста основа за идни заеднички проекти и академска размена.
Институтот важи за место каде науките се „мешаат“ една со друга. Што добивате од овој мултидисциплинарен пристап?
Историските и културните процеси по својата природа се сложени и повеќеслојни. Иако научните дисциплини се неопходни за систематизација и методолошка јасност, тие честопати нудат само делумен увид во проучуваните појави. Интердисциплинарниот пристап овозможува секој артефакт, споменик или традиција да се согледа во поширок историски, општествен и духовен контекст. Токму преку ваквиот пристап се добива поверодостојна и подлабока интерпретација на минатото, што претставува една од основните научни определби на Институтот.
Каква е соработката со другите институции во земјава и надвор?
Институтот има одлична и долгорочна соработка со бројни институции, како во земјата така и во странство. Пред сè, тука е соработката со НУ Завод и музеј – Прилеп, институција со која сме поврзани уште од самото формирање. Воедно, постои тесна институционална и лична соработка со колеги од НУ Завод и музеј – Битола, НУ Завод и музеј – Охрид, Музејот на Демир Капија, Археолошкиот музеј и Филозофскиот факултет во Скопје.
Од меѓународните соработки, особено значајна е долгогодишната соработка со Adam Mickiewicz University, која оваа година беше продолжена за уште десет години. Во последниве две години започнавме и заеднички активности со погоре споменатите универзитети од САД – КалПоли Хамболдт и Принстон. Дополнително, неодамна беше остварена работна средба со раководствата на Фондацијата Аквилеја (Fondazione Aquileia) и Базиликата во Аквилеја (Basilica di Aquileia), на која се отвори можноста за потпишување трипартитен меморандум и реализација на заеднички активности веќе од наредната година.
Управувате и со Маркови Кули – што најмногу ве инспирира во работата на овој локалитет?
Маркови Кули е исклучителен природен предел, со уникатни геоморфолошки форми и ендемски растителни и животински видови, поради што е ставен и на привремената листа на UNESCO. Нашите надлежности се однесуваат исклучиво на заштитата на природното наследство, но локалитетот во себе содржи и значајни културно-историски вредности.
Инспирацијата произлегува токму од можноста во иднина Маркови Кули да се развие како пример за интегрирано управување со природното и културното наследство. Сепак, мора да се нагласи дека управувањето со овој простор е проследено со сериозни предизвици, пред сè поради недостиг од стручен кадар и финансиски средства, што ја отежнува секојдневната заштита и одржливо управување.
Колку младите научници се вклучуваат во работата на Институтот и како ги охрабрувате?
Вратите на Институтот се отворени за сите млади луѓе кои го препознаваат својот интерес во научноистражувачката работа. Нашата цел е да создадеме стимулирачка научна средина во која младите ќе имаат можност за професионален развој и активно учество во истражувачкиот процес. Во таа насока, библиотеката на Институтот е отворена за користење од страна на студенти и млади истражувачи, а во рамките на нашите можности се трудиме да ги вклучиме и во проектните и теренските активности.
Каде го гледате Институтот во следните неколку години?
Во следните години би сакал Институтот дополнително да ја унапреди својата научна работа и да го засили кадровскиот потенцијал со нови, млади истражувачи. Воедно, очекувам Институтот да стане уште попрепознатлив во домашни и меѓународни рамки, со проширена и зацврстена мрежа на институции со кои соработуваме. Особено важно е да се создадат технички и кадровски услови кои ќе овозможат следење на современите светски трендови во истражувањето, заштитата и презентацијата на културното наследство.
Што ве инспирира во секојдневната работа и кој проект ви е лично најдраг?
Најголема инспирација претставува богатството и уникатноста на македонското културно и уметничко наследство, кое и покрај повеќедецениските истражувања сè уште нуди можности за нови научни согледувања. Преку работата на споменици, локалитети и уметнички дела настанати пред повеќе столетија, не само што го разбираме светот на нашите предци, туку и подобро се разбираме самите себеси. Најголемиот дел од моите истражувања се посветени на средновековните и поствизантиските споменици од просторот на Охридската архиепископија, при што особено место заземаат средновековните цркви во пошироката околина на Прилеп. Моето истражувачко патување започна со проучување на црквите во Зрзе, а континуираниот интерес за манастирот Трескавец останува една од константите во мојата научна работа.
Како изгледа еден ваш работен ден како директор?
Тешко е да се опише еден типичен работен ден, бидејќи динамиката и обврските постојано се менуваат. Покрај административните задачи поврзани со раководењето на Институтот, мојот примарен повик останува научноистражувачката работа. Во последниот период, раководам со проектот „Византиски монашки центри во Р. Македонија“, што подразбира теренски истражувања во земјата и во странство, работа со научна литература, подготовка на трудови и учество на конференции. За ваков тип работа често е потребна непрекината концентрација, која најчесто доаѓа по завршувањето на редовното работно време. Поради тоа често велам дека во науката не постои класично работно време – нешто што можеби не е секогаш лесно разбирливо, но е суштински дел од истражувачката работа.
_______________________________________________________________________________________________________
Д-р Александар Василески е виш научен истражувач и директор на Јавната научна установа Институт за старословенска култура во Прилеп. Неговите научни интереси првенствено се насочени кон византиската и поствизантиската уметност и архитектура, со посебен акцент на истражувањето и заштитата на средновековното културно наследство во Р. Македонија.
Во текот на досегашната научна кариера бил вклучен во бројни проекти насочени кон истражување, заштита и промоција на средновековното наследство на Македонија. Ваквите ангажмани опфаќаат истражувања на некои од најзначајните средновековни локалитети, со особен придонес во проучување и документирање на архитектонските и уметничките вредности од средновековниот и поствизанитскиот период. Академските интереси на д-р Василески се длабоко втемелени во проучувањето на иконографијата и семиотиката на есхатолошките и литургиските теми. Обемните истражувања на средновековните споменици во Македонија, особено оние кои се поврзани со културната и уметничката дејност на Охридската архиепископија, ја одразуваат неговата посветеност кон разбирањето на односите меѓу уметноста, теологијата и културниот идентитет.
Научниот опус на Александар Василески опфаќа бројни трудови објавени во меѓународни научни списанија, зборници од научни конференции и монографски публикации. Неговата монографија „Поствизантиските претстави на Страшниот суд во Република Северна Македонија“ беше наградена со државната награда „Гоце Делчев“ за научноистражувачки труд од особено значење за Република Македонија.
_________________________________________________________________________________________________________




















