Празникот Водици (Богојавление) народот го празнува како еден од најголемите христијански празници, зашто на тој ден Исус Христос е крстен од Свети Јован Крстител во реката Јордан. Со тоа на овој празник му се дава значење на крштевањето како една од повеќето свети тајни на христијанството. Крштевањето значи и духовно раѓање, односно почеток на човековото живеење во верата.
Во понеделник (19 јануари) на големиот христијански празник Богојавление – Водици над 500 верници, на 20 локации, ќе учествуваат во традиционалното фрлање по светиот крст на територијата на Општина Прилеп, од кои за учество на централната манифестација во Аква паркот „Салида“ се имаат пријавено 100 учесници.
Празнувањето на 19 јануари започнува со утрински богослужби, по што следи чинот на положување на светиот крст во вода, со што се одбележува Христовото крштевање, една од светите тајни на христијанството.
Централната манифестација ќе се одржи во 12:00 часот, со положување на светиот крст во базенот на Аква паркот „Салида“ во Прилеп. Покрај централниот настан, светиот крст ќе биде положен и во водите на реките и базените во уште 19 населени места на територијата на Општина Прилеп: Селце, Витолиште, Бешиште, Полчиште, Ново Лагово, Загорани, Кадино Село, Мало Коњари, Големо Коњари, Беровци, Клепач, Ерековци, Галичани, Чепигово, Подмол, Алинци, Тополчани, Плетвар и Штавица.
Утрото, во црквата „Св. Благовештение“, после традиционалното пуштање на гулабите во 6:30 часот и свечената божествена литургија, симболично ќе се одржи и фрлање на светиот крст во фонтаната (базенчето) во дворот на црквата во 9:30 часот. Овој чин е наменет за дечиња, не постари од 13 години, кои ќе го вадат светиот крст од осветените води.
Градоначалникот на Општина Прилеп Дејан Проданоски, претседателката на Советот и делегации составени од членовите на Советот ќе бидат присутни на сите 20 локации. Локалната самоуправа има обезбедено пригодни подароци за сите учесници, а исто така и компаниите „Зегин“ и „Евротип“, ќе обезбедат пригодни подароци за оние што први ќе го извадат светиот крст од осветените води во Прилеп.














