МАРЈАН СТОЈАНОСКИ – ГЛАСОТ НА СОВРЕМЕНАТА МАКЕДОНСКА УМЕТНОСТ

Сподели на социјалните мрежи

Прилепскиот ликовен уметник и културен работник го истражува човекот, линијата и симболите низ сопствениот визуелен јазик.
Марјан Стојаноски (1983) од Прилеп е препознатлив македонски ликовен уметник и културен работник. Член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и поранешен претседател на ДЛУП, тој со години ја развива современата визуелна експресија, создавајќи дела полни со линии, симболи и човечки мотиви. Покрај сопственото творештво, Марјан активно ја води Ликовната галерија при Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, организира изложби и го поддржува развојот на локалната ликовна сцена.
Марјан, можеш ли да ни раскажеш како твоето патување во уметноста започна и кои моменти од детството и средното образование те обликуваа како уметник?
Раните почетоци: Светот низ бои и форми

Моето патување не започна со првата изложба, туку со мирисот на свежа хартија и првите повлечени линии на маргините од училишните тетратки. Како дете, светот го доживував многу поинтензивно преку визуелното отколку преку зборовите. Се сеќавам на еден дождлив попладневен ден кога наместо да играм со играчки, со часови се обидував да ја фатам сенката на едно дрво што паѓаше врз ѕидот од мојата соба. Таа љубопитност за тоа како светлината ги менува облиците беше мојот прв „учител“.

Поддршката од семејството: Клучна беше слободата што ја добивав дома, тоа ми всади чувство дека уметноста е простор каде што нема правила, само изразување. Средното училиште беше периодот кога интуицијата почна да се претвора во вештина. Тоа беше време на техничко созревање, но и на голем внатрешен бунт.Тука за првпат се соочив со дисциплината. Учењето на анатомијата, перспективата и историјата на уметноста ме научија дека инспирацијата е само 10% од работата, а остатокот е упорност. Имав еден професор кој постојано ми велеше: „Не го цртај тоа што го гледаш со очите, туку тоа што го чувствуваш со срцето.“ Овој совет ме натера да престанам да се трудам да бидам „фотограф“ со моливот и да почнам да градам сопствен стил.
„Уметноста не е само професија, туку начин на гледање на светот. Детството ми даде очи за да ги видам боите и формите, а средното образование ми даде раце за да ги обликувам.“
Овие искуства ме научија дека секоја линија што ја повлекуваме е всушност отпечаток од нашето минато, и визуелен траг кон иднината.
Ти си член на Друштвото на ликовни уметници на Македонија и си го водел ДЛУП во неколку наврати. Како ова искуство во организација и лидерство влијае врз твојата сопствена уметничка работа?
Уметноста е често осамена дејност — поминуваш часови сам во ателјето, меѓутоа водењето на колективен орган, осносно здружение – ДЛУП е целосно спротивно од индивидуалната работа на еден ликовен уметник. Можеби звучи парадоксално, но менаџирањето со изложби и проекти бара голема доза на креативност, барем така би требало да биде… Организирањето на настани ме научи на структурно размислување. Тоа влијаеше врз мојот творечки процес — станав поаналитичен во подготовката на делата, посветувајќи повеќе време на концептуализацијата пред да го нанесам првиот слој боја. Честопати, решавајќи некој „административен“ проблем со колеги, разговорот би го завршиле со разговор за нов сегмент од вузиелната област или специфична техника. Тие моменти на „еснафски муабети“ се бесценет извор на инспирација која директно не храни и ја збогатува уметничката мисла и идеја. Лидерството ме научи дека уметникот не е само оној што создава убавина, туку и оној што го гради „домот“ во кој таа убавина ќе живее. Мојата работа денес е спој на таа одговорност кон заедницата и мојата интимна потрага по совршената линија и форма.
Во твоите дела доминираат линии, човечки профили, око и геометриски структури. Како би го опишал својот визуелен јазик и што сакаш да пренесеш со твојата уметност?
За мене, линијата не е само граница помеѓу две површини. Таа е жива енергија. Користам линии што се преплетуваат, се кршат или течат низ просторот за да го доловам движењето на мислата.
Тие се како „пулс“ на сликата. Линијата ја користам за да ја дефинирам структурата на хаосот. Таа го води окото на гледачот низ лавиринтот од емоции. Човечкиот лик е центар на мојот свет, но ретко го претставувам како реален портрет. Профилот сугерира насока, поглед кон иднината или минатото. Тој е симбол на човечкиот идентитет кој е во постојано настанување.Окото е универзален симбол. Во моите дела, тоа често е „будното око“ — свеста. Тоа е точката каде што внатрешниот свет се среќава со надворешниот. Тоа ја претставува нашата способност да согледаме подалеку од очигледното. Мојата крајна цел не е да понудам готови одговори, туку да поставам прашања. Преку фрагментираните ликови, сакам гледачот да се препознае себеси, својата кршливост и својата сила. Моите ликови често немаат специфични етнички или временски обележја — тие се „секој“ и „насекаде“. Мојата уметност е обид да се визуелизира невидливото — тишината помеѓу два збора, погледот што кажува сè и структурата на нашите соништа.
Работиш во Центарот за култура „Марко Цепенков“ и организираш изложби. Како се надополнуваат твојата улога како културен работник и твоето сопствено творештво?
Работата во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп за мене не е само работно место, туку еден вид „второ ателје“, каде што наместо со бои и материјали, работам со енергијата на другите уметници и со јавноста. Овие две улоги — на креативец и на културен оператор — постојано се во дијалог, создавајќи една динамична рамнотежа во мојот живот. Ова искуство ми помага кога ќе се вратам на сопственото творештво. Станувам поригорозен самокритичар. Научив како едно дело „дише“ во галериски простор, што ме прави повнимателен кон деталите кои на прв поглед изгледаат неважни, но се клучни за крајниот впечаток. Преку ликовната галерија во центарот за култура „Марко Цепенков“ поминуваат врвни уметници, млади таленти и различни стилови. Јас сум во постојан допир со тековните трендови во македонската и светската уметност, и овој постојан прилив на визуелни информации ме одржува буден. Не дозволува да западнам во таканаречената „секојдневна рутина“.
Културниот работник како „чувар“ на уметноста
Мојата улога во Центарот ми дава мисија која оди подалеку од моето лично его. Знаејќи колку труд и емоција вложувам во моите дела, исто така пристапувам со огромна почит кон делата на другите. Таа одговорност да се претстави туѓото дело на најдобар можен начин ме прави „почовечен“ метник. Тоа ме потсетува дека уметноста е заедничко добро, а не само индивидуален чин. Мојата работа во Центарот за култура е мојот прозорец кон светот, а моето творештво е мојот поглед кон внатре. Тие се како двете страни на една монета — едната се грижи уметноста да стигне до луѓето, а другата се грижи таа уметност воопшто да се роди.
Како учеството на ликовни колонии, групни изложби и соработката со колеги ја обликува твојата перспектива и стил? Можеш ли да споделиш некое посебно искуство од овие настани?
Ликовната колонија е специфичен феномен. Таму не носиш само материјали за работа, туку ја носиш целата своја имагинација и креативност пред останатите колеги. Мојот творечки опус, стана поекспериментален и поизразен токму поради овие средби, почнав да експериментирам и воведувам нови техники и материјали во процесот на создавање. Од сегашна перспектива сега веќе одамна, речиси пред две декади, се сеќавам на еден момент кој остави можам да речам траен белег на мене и моето творештво. Во неврзан но искрен разговор со еден колега, кој работеше сосема поинаков стил, помина покрај мене и само кратко прокоментира: „Зошто не ја пуштиш линијата да излезе од рамката? Мислам дека тој неврзан разговор со колегата Тони Чатлески, влијаеше врз мене да се ослоботам од тие „стеги“ на „правилото“ кое само го ограничува креативниот концепт на уметниците.
Што значат за тебе самостојните изложби и дали можеш да издвоиш некоја која оставила посебен впечаток во твојот уметнички пат?
За мене, самостојните изложби не се само презентација на готови дела, туку заокружување на еден мисловен циклус. Тие се како точки на крајот од една реченица — ти даваат здив за да можеш да го започнеш следниот пасус во творештвото. Додека твориш, ти си во дијалог со делото. На изложбата, тој дијалог станува јавен. Најмногу ги сакам оние моменти кога набљудувачот стои пред моето дело и во моите линии препознава своја сопствена немир или радости. Тогаш знам дека уметноста си ја завршила работата. Секоја изложба е мапа на мојот развој. Гледајќи ги делата заедно во еден простор, и јас самиот откривам нови врски помеѓу моите геометриски структури и профилите кои претходно не сум ги забележал. Ако треба да издвојам една која оставила длабок личен белег, тоа е мојата самостојна изложба во Ликовната галерија на Центарот за култура „Марко Цепенков“. Иако секојдневно работам во таа институција, моментот кога влегов во галеријата не како организатор, туку како автор, беше преплавувачки. Се соочив со сопствениот „домашен“ терен на сосем поинаков начин. „Самостојната изложба е огледало. Кога ќе го поставиш последното дело на ѕидот, или постаментот ти веќе не си истиот човек што ја започнал првата слика или скулптура од тој циклус. Ти си еволуирал.“ Секоја изложба е нова скала. Таа ми дава потврда дека патот е вистински, но и ме провоцира веќе следното утро да почнам од почеток.
Твојот стил се опишува како искрен, енергичен и интелектуално зрел. Што е најважно за тебе кога создаваш ново дело – идеја, емоција или форма?
Иако мојот стил често се анализира преку призмата на интелектуалната зрелост (поради прецизните линии и геометрискиот ред), мојот внатрешен процес е секогаш борба помеѓу рационалното и интуитивното. Без емоција, делото е само техничка вежба. За мене, секое ново дело започнува како внатрешен немир или импулс. Емоцијата е онаа енергија што го прави стилот „искрен“. Таа е горивото. Не се обидувам да создадам убава форма, туку се обидувам да ја реализирам тежината на еден поглед или тишината на еден профил. Тука стапува на сцена интелектуалниот дел. Емоцијата е сурова и хаотична, па затоа ми е потребна идејата да ја канализирам. Тука се појавуваат моите симболи: окото како свесност и геометријата како обид да се стави ред во хаосот на постоењето. Формата (линијата, профилот, структурата) е финалниот филтер. Таа е инструментот со кој ја правам пораката видлива. Моите карактеристични цврсти линии и геометриски структури се тука за да ја дисциплинираат емоцијата. За мене, успехот на едно дело лежи во самиот моментот кога формата ќе стане емоција, а линијата ќе стане мисла. Сакам кога гледачот ќе застане пред делото, прво да ја почувствува енергијата (емоцијата), потоа да ја препознае (формата) и на крајот да си замине со прашање во главата (идејата).
„Творам со раката на занаетчија, но со срцето на дете што сè уште му се чуди на светот.“ М.С
Како го гледаш развојот на современата македонска уметност и што е твојата визија за нејзината иднина?
Како активен чинител на сцената кој е длабоко инволвиран и во креативниот и во организацискиот дел на ликовната сцена, развојот на современата македонска уметност гледам со голем оптимизам, но и со доза на здрава критичност. Македонската ликовна уметност отсекогаш имала „силен ген“ – ние сме поднебје на силниот експресионизам, и од секогаш сме имале специфичен „рбет“ – токму и затоа македонската ликовна сцена била и сеуште е цврста, емотивна и визуелно моќна, како еден жив, пулсирачки организам кој постојано се бори помеѓу својата богата традиција и немилосрдните налети на глобализацијата. Веќе не сме заробени само во традиционалните медиуми. Гледам враќање кон личниот наратив. Уметниците сè помалку се трудат да им се допаднат на големите европски центри преку копирање на трендови, а сè повеќе го истражуваат сопствениот идентитет и локалните проблеми низ универзален визуелен јазик. Најголемиот предизвик не е талентот – него го имаме во изобилство – туку инфраструктурата. Мораме да се подобриме во тој дел, бидеќи ликовните уметници од земјава, заслужуваат достоинствени простории и галерии, каде што ќе го представуваат својот ликовен опус, во едни модерни и добро опремени галерии! Верувам во иднина каде уметникот не е само некој што создава естетски објекти, туку активен учесник во градењето на општествената свест. Нам ни треба уметност која е храбра, која „окото“ го насочува кон вистината. „Иднината на современата македонска уметност лежи во нејзината способност да остане автентична во свет кој станува сè поуниформен. Ние треба да продолжиме да твориме и пркосиме со македонски темперамент, но да размислуваме со светски ум.“
Што би им советувал на младите уметници кои се на почетокот на својот пат и сакаат да создаваат современа апстрактна и експресивна уметност?
На младите колеги кои го започнуваат својот пат во светот на уметноста и експресијата, би им порачал дека патот до „слободата“ на делото е всушност поплочен со многу дисциплина и искреност. Современата уметност не е бегство од реалноста, туку нејзино длабоко дешифрирање.
Како што и кажав погоре, истото ќе го сугерирам и на помладите колеги:
Продолжете да творите и пркосите со македонски темперамент, но да размислувате со светски ум.
Критиката е подарок, а не напад. М.С

—————————————————————————————————————————————————————————-

Биографија

Роден во Прилеп 1983 година. Средно образование завршува во уметничкото училиште „Лазар Личеноски” во Скопје. После завршување на средно образование, се запишува на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, во класата на професорот Ибрахим Беди, каде што под неговото менторство го завршува факултетот. Член е на друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ). Во два наврати е претседател на друштвото на ликовни уметници од Прилеп (ДЛУП) каде што во 2015 година, ја добива наградата за скулптура „Јордан Грабул” од друштвото на ликовни уметници од Прилеп Има реализирано голем број на изложби, како самостојни, така и групни изложби. Живее во Прилеп, каде што и работи во Центарот за Култура „Марко Цепенков” ликовна дејност.
Реализирани проекти
Реставрација и конзервација на монументален Ќуп -проект за Музеј на град Скопје.
Изработка на мозаик за ДСУПУ „Лазар Личеновски“- Скопје.
Скулптура „Мир“ поставена во центарот на Прилеп во чест на Тоше Проески. Како и повеќе скулптури поставени во централното градско подрачје.
Награди од повеќе конкурси: Ѓорче Петров, Пере Тошев, Пеце Атанасоски, Свети Наум, Методија Шаторов – Шарло и др.
Скулптура од метал во центаротна Прилеп Еко Прилеп „велосипедист“
Изложби
Има учествувано на повеќе од педесетина групни изложби во земјата и странство, како и реализирани повеќе самостојни изложби во Република Македонија. Учесник е на повеќе ликовни колонии во земјава, и организатор на ликовната колонија„ ДРЕН “ во склоп на НУЦК „Марко Цепенков“ Прилеп.

________________________________________________________________________________________________________


Сподели на социјалните мрежи