Од првите детски чекори во светот на музиката до настапите на светските сцени, Софија ја раскажува својата љубов кон хармониката, дисциплината, и важноста на менторството.
Софија Мирческа, хармоникаш од Прилеп, музиката ја носи во срцето уште од детството. Од првите чекори со хармониката до освоените награди на меѓународни натпревари и концерти, таа денес е професорка по музичко воспитување и менторка на новите генерации музичари. Во ова интервју, Софија ги споделува своите први музички искуства, дисциплината која ја бара хармониката, важноста на професорите и семејството во нејзиниот развој, како и своите идни уметнички цели.
Твојата музичка приказна започнува во детството. Како се роди љубовта кон хармониката и како се развиваше таа низ годините?
Првата желба ми беше да свирам гитара. Појдовме во музичко училиште за да се запишам, и мојот татко одлучи дека гитарата не е вистински инструмент за мене, туку дека треба да свирам хармоника. Прво одбивав – не сакав, сметав дека хармониката е машки инструмент и не е за девојче. На почетокот дури плачев кога одев на часовите по хармоника, особено кога гледав дека сите останати се момчиња во класата , тоа ми создаваше некаков вид блокада.
Сепак, постепено почнав да вежбам многу и да настапувам, и без да сакам, навлегов во светот на музиката. Мојата професорка во Основното музичко училиште “Ордан Михајлоски-Оцка” во Прилеп, Кети Петреска, која исто така беше жена и хармоникаш, ме воведе низ почетоците на музички води и ми помогна да го засакам инструментот, и секогаш ми беше голема поддршка. Подоцна се запишав на Средното музичко училиште “Илија Николовски-Луј”во Скопје во класа на професорката Зорица Каракутовска, дипломирав хармоника на Факултетот за музичка уметност во Скопје исто така во класата на професорката Зорица Каракутовска, каде што хармониката остана мојот неизоставен партнер низ годините.
Хармониката е физички тежок инструмент, особено за девојче, и бара голема дисциплина. Како изгледа твојот секојдневен процес на вежбање и подготовка?
Вистина, хармониката бара многу голема дисциплина. Моето тело е ситно, а инструментот тежи околу 16 кг, што е третина од мојата тежина. За да се свири правилно, потребни се многу часови вежбање и дружба со инструментот секој ден. Минимално вежбам 4-5 саати дневно, а пред сериозни концерти и натпревари сум вежбала и до 10-12 саати.
Хармониката е составена од – десен и левполукорпус и мев – и бара свирење на повеќе гласови истовремено. Тоа значи дека треба да се размислува за многу страни и мелодии во исто време. Но, кога го сакаш инструментот, не размислуваш за тежината или сложеноста – музиката станува дел од тебе. Ако си навлезен во светот на музиката и го сакаш инструментот, целосно се посветуваш, без да се размислува за тешкотиите.
– Дали настапувавте на концерти и натпревари во земјата и странство? Какви се твоите впечатоци?
Во целото мое досегашно школување имам настапувано на многу концерти во Македонија,Врање-Србија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Италија, Литванија. Натпревари кои што можам да ги издвојам се Србија, во Аранѓеловец, каде што настапував две години по ред од кои едната година бев победник во мојата категорија (спефцијална прва награда). Двократно бев апсолутен победник и на државниот натпревар во Македонија, а исто така добив и специјални награди.
Подоцна, настапував на меѓународен натпревар во Пула, Хрватска, каде се собраа многу престижни професори од целиот свет. Во Сараево, два пати настапував на натпреварот „Акордеон Арт“ од кои еднаш бев победник во мојата категорија.
Еден од најзначајните натпревари во мојата кариера е Светскиот Куп заХармоника – “Coupe Mondiale” во Каунас, Литванија, каде натпреварот се одржува во две етапи по 30 минути, и постигнав високи резултати. Таму имаше голем број учесници од целиот свет и најпрестижно жири составено од 15 најпознати хармоникаши .
Исто така, настапував во Кастелфидардо, Италија – градот на хармониката, каде се наоѓаат и фабриките за производство на хармоники. Таму исто така освоив висока награда во мојата категорија.
Имаме настапувано заедно со мојата колешка Христијана Матеска на Светскиот Куп за Хармоника во Бијелина-Босна и Херцеговина, во категорија за Класичен ансамбл (камерна музика). Златен медал и апсолутни победници на 13-тиот натпревар “Italia Award 2023” во категорија класичен ансамбл.
Кои се најзначајните концерти во твојата кариера?
Морам да ги споменам концертите во Македонската филхармонија и во Македонскиот народен театар, каде што настапуваме секоја година по повод 6 мај, Светскиот ден на хармониката. Апсолутен победник на “Фестивалот на млади Хармоникаши во Македонија”. Еден од најзначајните концерти беше во Рим-Италија, во театарот „Teatro di Marcello“, каде се изведе делото „Рм-Па-Па“ од познатата композиторка Бете Илин. Тоа е современа композиција со елементи од македонската народна музика, која странската публика лесно ја препозна. Настапивме и во Бијелина, Босна и Херцеговина, каде повторно го изведовме истото дело со мојата колешка Христијана Матеска.
Колку е важно да се изведуваат дела од македонски автори на светските сцени?
Мислам дека е многу важно. Бете Илин е една од ретките македонски композиторки која продолжува да компонира современа музика и музика со народни елементи. Кога нејзините дела се изведуваат надвор од Македонија, тоа не само што го претставува нашиот музички израз, туку ја гради и репутацијата на македонската музика меѓу странската публика. За мене тоа е голема чест и гордост.
Колку влијаеше професорката Зорица Карагутовска на твојот развој и музички идентитет?
Нејзината посветеност и труд беа од клучно значење. Професорката не само што ми пренесуваше знаење, туку и ми помага да ја развијам дисциплината и љубовта кон инструментот. Поддршката од професорката, нејзиниот пристап кон ученикот бидејќи за успешна кариера најважна е врската која што ја има ученикот со професорот, времето вложено во подготовките беа основа за мојот напредок и успех.
Како твојот татко, кој исто така се занимава со музика, влијаеше на твојата музичка кариера?
Тој е една од највлијателните личности во мојот живот. Секогаш беше поддршка, и кога вежбав долго, и кога настапував. Денес често разговараме за музика, разменуваме идеи и се консултираме за композиции. Секогаш ми бил поттик и инспирација, и неговата поддршка е една од причините што сум, каде што сумденес.
Денес си наставник по музичко воспитување. Што сакаш да пренесеш на твоите ученици?
На учениците им пренесувам знаење и љубов кон музиката. Не сите можат да бидат врвни и талентирани музичари, но преку песни, музички примери и активности, сакам да ги мотивирам да ја сакаат музиката, да бидат активни на часовите и да развиваат добра соработка. Најважно ми е да ја пренесам радоста и магијата на музиката.
Кои се твоите идни уметнички цели?
Идните цели вклучуваат проекти со моја колешка, нови концерти и настапи на натпревари во државата и странство, и пренесување на композиции на новите генерации. Сакам да продолжам да настапувам на високо концертно ниво и активно да работам на својот музички развој, бидејќи музиката и емоцијата која што ја пренесуваме на публиката кажува повеќе од зборовите.























