СНЕЖАНА ПАНОСКА: ТИВКА ПОЕТИКА СО ЈАСЕН АВТОРСКИ ГЛАС

Сподели на социјалните мрежи

Поезија и проза меѓу интимното, секојдневието и јавната сцена.
Снежана Паноска е авторка која упорно и тивко го гради својот книжевен свет, далеку од метежот на централната културна сцена, но со силно присуство во литературните кругови во Македонија и регионот. Членка на Клубот на литературни творци од Прилеп, добитничка на 3 Ноемвриската награда на Град Прилеп за 2018 година и авторка на бројни стихозбирки и збирки раскази, Паноска пишува поезија и проза што извира од личното, но комуницира со поширокото човечко искуство. Нејзиното творештво е застапено во домашни и меѓународни зборници, а редовно настапува и на поетски манифестации и слем сцени.
Вашата поезија и проза често извираат од длабоки емоции. Како изгледаше вашиот прв контакт со пишувањето и кога почувствувавте дека зборот е ваш природен израз?
Јас пишувам уште од многу млада возраст, чинам за прв пат почнав да пишувам и објавувам во моето основно училиште, каде на огласна табла, на хамер хартија, се објавуваа творби од учениците, за да можат да се читаат. Моите први обиди не се сочувани, но, секогаш бев пофалувана и добро оценувана за секој напишан збор на македонски јазик. Посебно пишував за патрониот празник во Основното училиште ,,Маршал Тито“ во Струмица, каде и сум родена, за 22 декември роденденот на ЈНА, за 8 март итн. Јас многу читав, па можеби и желбата самата да се изразувам преку пишан збор потекнува од таа љубов кон пишаниот збор.
Како би го опишале вашиот авторски глас и поетика на читател кој за првпат се среќава со вашето творештво?
Поезијата е нешто што се сонува, низ сонот се прелева на хартија, таа се живее и низ животот се преточува со стих. Никогаш не можеш никого да копираш, стихот или го имаш, или го немаш. Нема лажење, сето тоа извира длабоко од душата и со иста мерка се враќа. Низ пишаниот збор читателот те препознава и може да каже дека му се допаѓа или не.
Зад вас стои обемен опус од стихозбирки и збирки раскази. Како се менуваше вашиот израз низ годините и кои книги ги сметате за пресвртни во вашиот развој?
Најпрвин беше детскиот стих, па младешкиот, па подоцна животот го обликува стихот. Јас немам некој посебен автор, за кого би рекла, ете тој ми е идол. Јас читав, низ читањето се создаваше и мојот пишан збор. Низ проживеаното, саканото, недоживеаното. Животот и љубовта, се најголемите автори, најголемата инспирација. Потоа беа децата, па децата на моите деца, нивните доживувања и желбата да остане запишано нешто за кое ќе читаат и генерации по нив.
Работите во различни книжевни форми – поезија, краток расказ, а повремено и литература за деца. Што најчесто го одредува изборот на жанрот?
Јас не пишувам по желба, нарачано. Некогаш тоа е мигот, сликата на езерото што се капи во летното сонце, песната на децата во летните ноќи, заедничката песна испеана на некоја веселба, детските бисери изговорена од најчистата детска душа.
Вашите дела се објавувани во бројни домашни и меѓународни зборници, како и во заедничко регионално издание со поети од Хрватска и Србија. Какво значење има ова регионално книжевно вмрежување за вас?
Знаете, ако останувате само во своето окружување, само тоа и ќе ве познава или нема да ве познава, признава и почитува. Ние сме мало окружување, секој пишува и секој сака да биде познат. Регионално вмрежувањето за секого е еден вид сон, да бидеш познат и признат и малку подалеку од своето маало . Средбите со пријатели по перо се навистина едно искуство, кое секој од нас го посакува. Јас ја имам таа среќа да живеам во една голема земја, да го знам тој заеднички јазик, да се изразувам на тој јазик, но и да познавам пријатели по перо, кои ќе помогнат во преводите и препевите, на кои јас ќе им помогнам во преводот и препевот на македонски јазик. Тоа е богатството на пријателството, тоа останува и се памети.
Вие сте активен учесник на поетски манифестации, слем натпревари и на „Поетско Маркукуле“. Колку сценскиот настап ја менува или дополнува вашата поезија?
Манифестациите се можност да се прикажеш во еден момент, да се истакнеш со она што го имаш. Но не секогаш од тие манифестации произлегува ново дело или нова песна. Тоа доаѓа подоцна, барем за мене, кога ќе се сумираат впечатоците, кога ќе стивне џагорот и радоста. Сценскиот настап е уметност на искажување. Не секој може својата поезија да ја прочита и интерпретира онака како ја почувствувал, понекогаш се критикуваш дека си можел поинаку и подобро, но радоста на сценската изведба секогаш е нова, колку и да ги имаш тие настапи, секогаш постои онаа радост и почит кон оние што слушаат, како да ти е прв пат.
Добитник сте на 3 Ноемвриската награда на Град Прилеп. Колку е важно признанието од сопствената средина за еден автор?
Јас сум многу благодаран најпрвин на моите колеги по перо од Клубот на литературни твоци од Прилеп на предлогот. Тоа е прво чест, но и одговорност секако. Јас, која сум дојдена од друг град, чувството да бидеш добитник на оваа престижна награда е неописливо. Радост, почит, воодушевување и восхит, дека она што си го напишал, некој го препознал и го вреднувал. Благодарам Прилеп, што ме прифати како своја.
Често укажувате на помалата видливост на авторите од внатрешноста. Како ја гледате денешната литературна карта на Македонија и местото на регионалните творци во неа?
Јас многу често го истакнувам фактот дека ние од внатрешноста сме оставени на маргините на книжевните случувања. Најчесто и најмногу е неможноста да бидеш прифатен од ,, поголемите“ автори кои се родиле пред нас ( мене). Јас не велам дека сум којзнае колкав голем писател, поет, но и меѓу нас постојат луѓе кои пишуваат многу добро, но издавачките куќи не сакаат да ризикуваат со нас, да објават нешто што не е комерцијално и познато. Посебно не сакаат да ризикуваат со поезијата. Ние објавуваме сами, собираме средства, се снаоѓаме како знаеме и умееме, а не продаваме, најчесто цели тиражи подаруваме. Ако не се тие книжевни манифестации што се организираат од литературните клубови во Македонија, остануваме анонимни и познати само во нашето окружување.
На што работите во моментов и во кој правец се движи вашето понатамошно книжевно истражување?
Јас работам се уште, пишувам поезија за деца, возрасни, кратки приказни од животот. Се чека на печат новата книга за деца ,, Децата од кампот Асамати“, збирка кратки раскази со работен наслов,, Недо(рас) кажано, збирка поезија ,,Стихоред“. За роман се уште истражувам, не сум се уште кадаран да ,, влезам во таа вода“. Се надевам дека времето ќе ми биде сојузник и дека од моето перо ќе излезат уште многу дела.


Сподели на социјалните мрежи