ИГОР ТРПЧЕСКИ – ПРВЕНЕЦ НА ПРИЛЕПСКИОТ ТЕАТАР И ДВИГАТЕЛ НА КУЛТУРНАТА СЦЕНА

Фото: Емил Петров
Сподели на социјалните мрежи

Актер, режисер, основач на Театарска работилница и поетски амбасадор на Прилеп.
Игор Трпчески е еден од најискусните и највлијателни актери во современиот македонски театар, првенец на ансамблот на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ во Прилеп. Роден на 11 октомври 1974 година, Трпчески дипломира на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а специјализира театарска режија на НАТФИЗ во Софија. Во текот на својата кариера, тој одиграл над 70 претстави, како вработен и како гостин во повеќе македонски театри, а неговите монодрами и режисерски проекти биле наградени на национални и интернационални фестивали. Учествувал во филмски и телевизиски проекти.
Освен актерството, Игор Трпчески е основач и претседател на „Театарска работилница Прилеп“, преку која организира и реализира детски, младински и аматерски претстави, културни настани, концерти и изложби, а од 2011 година активно го води националниот поетски натпревар „Поетски слем Македонија“. Неговата страст кон поезијата го носи и на меѓународни сцени, каде ја претставувал Македонија како победник и учесник на Европскиот поетски слем.
Во ова интервју за „Клуб Деница“ разговараме за неговото богато сценско искуство, инспирацијата зад монодрамите, љубовта кон поезијата и културното делување кое го трансформира Прилеп во вистински театарски и поетски центар.
Вие сте првенец на ансамблот на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ и сте учествувале во над 70 претстави. Како започна Вашата театарска приказна и што ве мотивираше да се посветите на сцената?
На сцена сум уште од многу мал. Тренирав гимнастика во „Партизан на Македонија“ уште од осум години и тоа за мене беше првата СЦЕНА! Јавни настапи имав во ОУ „Кочо Рацин“ Прилеп, каде учествував во рецитаторска, драмска и хор, играв дури и во балетот, но никогаш не помислував, ниту посакував да бидам артист. Таа идеја се појави по завршувањето на средно фискултурно училиште како предизвик и како потреба на тогашниот НАРОДЕН ТЕАТАР „Војдан Чернодрински“ кој имаше дадено оглас, кој ќе се запише на ФДУ, ќе добие стипендија од театар, а по завршувањето и вработување…Така и се случи. А важно е да се знае дека, информацијата ја пренел, Димитар Вандески на тетка ми Соње, на стоматолошка столица. Мотивите на почетокот секако беа Верба, Надеж, Љубов и Радост во професијата и континуиран раст и развој… А со времето и настаните се менуваа во Пркос, Жртва, Инает и Страдање. Во мојата 30 годишна работа ТЕАТАРОТ УМРЕ ТРИ ПАТИ. Прв пат во ’98-ма, кога не дозволија да се одиграат две распродадени аматерски претстави на „ММЕ кој прв почна“ од Дуковски во режија на Д. Пројковски уште како средношколец. Втор пат 2004-та кога го изгубивме ИМЕТО и вештачки не споија со Домот на Културата. И трет пат, 2025-та, кога го изгубивме и објектот и смислата на нашето досегашно постоење. Инаку имам преку 55 претстави на матичната сцена, 5 гостувања во МНТ Скопје, НТ ЈХК – Џинот во Велес, НТ Куманово, и два пати во НТ Битола, 10 независни и алтернативни продукции со Театарска работилница Прилеп и неколку телевизиски и филмски остварувања и серии.
Монодрамите се посебен дел од Вашиот опус. Имате режисерско искуство во повеќе претстави, вклучувајќи ги и монодрамите „Јас, Илија Димоски – Шаторо“, „Delirium tremens“ и „Лидија или се што знам за жените“. Како се менува Вашиот пристап кога сте режисер, а не актер?
Прва независна и алтернативна продукција ми беше „Дневникот на лудиот“ од Гогољ со Гоце Јованоски на бас, крајот на деведесеттите и навистина огомно задоволство е да се работи на сопствен проект и вон институционално. Но секако е и голема одговорност и ризик. Сепак и покрај тоа што работевме без буџет, претставата се одржа неколку сезони и се одигра на повеќе локации што не мотивираше да продолжиме. Резултат на тоа се монодрамите „Јас, Илија Димоски – Шаторо“ од Петар Петрески, „Delirium tremens“ од Благоја Ристески – Платнар и „Лидија или се што знам за жените“ од Тихомир Јанчовски од кои последните две и после седум и единаесет години од нивните праизведби и премиери сеуште се играат. Јас специјализирав театарска режија на НАТФИС Софија од причина да учествувам комплетно во создавањето на претставите, да бидам дел од големата слика, да знам што и зошто правам и уште повеќе што и како сакам да кажам. Затоа не можам да речам дека имам посебен пристап како актер или режисер и покрај тоа што имало претстави во кои не сум учествувал и како актер…Но мојот мотив е повеќе насочен кон тоа, да ги вклучам сите учесници во проектот, да го разберат и да се препуштат на креирањето и реализирањето на поставените цели и задачи.
Основавте и водите „Театарска работилница Прилеп“. Таа години наназад на публиката и нуди тетарски проекти и други културни настани. Што работи Театарската работилница?
Театарска работилница Прилеп е основана поради потребата на градот на крајот од 90-тите за Младински Културен Центар, кој и ден денес е насушна потреба на Прилеп. Целта беше збогатување на независната и алтернативна сцена и секакви облици на здружување во поглед на поддршка за реализација на истата. Еден од поголемите „УСПЕСИ“ беа соработките со „Чин 4 Сцена 5“ и „Зодијак“ во претставите, „Приказна за војникот“ и „Алан Форд и ТнТ група“, како и повеќе соработки со здруженија на граѓани и слободни уметници. Членка е и дел од оснивачкото собрание на „ЈАДРО“ Асоцијација на независната културна сцена и Културно Социјалниот Простор „Центар ЈАДРО“ каде има реализирано повеќе проекти.( teatarskarabotilnica.mk teatarskiraboti.wixsite.com/prilep )
Вашето творештво не е ограничено само на театарот – учествувате во ТВ серии, сте водител на манифестации и поетски слемови. Како ја балансирате оваа различност на уметнички активности?
Јас во хороскоп сум Вага и тоа воопшто не ми претставува тешкотија. Напротив, само си ја работам сопствената работа.
Вие сте љубител на поезијата и организатор на „Поетски слем Македонија“. Колку поезијата влијае на Вашата актерска и режисерска работа?
Имав среќа или СУДБИНАТА ТАКА САКАЛА да бидам дел од зачетокот на еден нов поетски свет кој се вика: Поетски Слем Македонија. Минатата година го прославивме 15 годишниот Јубилеј и тука морам да се заблагодарам на Министерството за култура и туризам кое го препозна и повеќекратно го поддржа овој, единствен од ваков тип поетски натпревар во Македонија. Имаме издадено 17 збирки и 6 авторски книги поезија, раскази и драми. Три двојазични збирки и еден превод на „Антологијата на македонската Слем Поезија“ на Шпански. Десет победници на Поетски Слем Македонија се натпреварувале на Европските Слем Шампионати од 2014 до денес. Од 2024-та година сме редовен член на Светската Поетска Слем Организација. Па според девизата, „Поезијата ќе го спаси светот“ јас се надевам дека таа исто така позитивно ќе делува и на театарот и на режијата и на уметноста воопшто.
Од вашата филмографија и телевизиски проекти, која улога Ви оставила најсилен впечаток и зошто?
Ако истражувате ќе видeте дека на овој план не сум имал многу телевизиски и филмски проекти, па не би можел да издвојам некоја улога… Но, би сакал да споделам, нешто што само многу малку луѓе го знаат, а тоа е дека гласот на Грегоар Колен во „Пред дождот“ е мој и оваа информација освен за мене, Милчо и некои колеги и пријатели не е јавна. А, ако морам, би ја издвоил улогата на Судијата во „Трето полувреме“, која ако трепниш…Може и да ја пропуштиш.
Вашите проекти и претстави биле наградувани на национални и интернационални фестивали. Како овие признанија влијаат на Вашата инспирација и творештво?
Се разбира дека секоја награда или признание има одредено мотивирачко влијание. Последната награда на Театарска работилница Прилеп беше на НИШВИЛ Џез и театарски фестивал во Ниш, минатава година, за Најдобро користена музика во претставата „Делириум тременс“ и еве на 15-ти јануари 2026-та на Денови на независна сцена ја игравме во Драмски театар Скопје. Но морам да забележам дека целта и мотивот за создавање на една претстава, далеку ги надминува наградите и признанијата.
Како го гледате развојот на театарската сцена во Прилеп и улогата на локалните културни иницијативи за пошироката македонска културна сцена?
Она што и се случува на локалната културна сцена последниве години, за жал, во никој случај не може да се нарече „РАЗВОЈ“. Проблесоците на одредени проекти, ни оддалеку не можат да ги покријат СИСТЕМСКИТЕ НЕДОСТАТОЦИ. За разлика од нас, погледнете каков раст и развој доживеа Битола на пример. Но како што реков, ако таков развој доживееја и Струга, Охрид, Прилеп, Кичево, Демир Хисар, Кавадарци, Гевгелија и други, тогаш ќе можевме да кажеме дека Македонската Културната Сцена е во нагорен тренд.
На што работите во моментов и што можат публиката и читателите да очекуваат од Вас во наредниот период?
Веќе подолго време се подготвувам да ја завршам мојата трета збирка поезија која се вика „Мојата Револуција“, се надевам дека оваа година ќе ја објавам. Правам иницијатива да ги разиграм малку повеќе „Делириум тременс“ и „Лидија…“ и верувам дека ќе ни се вкрстат патиштата со Добрила Грашеска во едно поетско – музичко доживување.


Сподели на социјалните мрежи