ЧЕТИРИ ДЕЦЕНИИ „ЧОКАНЧЕ“ – ИЗЛОЖБА И МУЗИЧКИ ПЕРФОРМАНС ВО ПРИЛЕП

Сподели на социјалните мрежи

Во петок, 30 јануари 2026 година, со почеток во 18:30 часот, во Ликовната галерија при Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп, ќе се одржи настан посветен на 40-годишната работа на битолската музичка група „Чоканче“. Преку изложбена поставка, ќе биде презентиран развојот на групата, нејзиниот континуитет, а настанот ќе биде дополнет со изведба на музички нумери од групата.
„Чоканче“ за првпат се појавува на сцената на 12 март 1983 година, на „Рок Парадата“ во киното „Партизан“ во Битола, а од 1986 година, групата започнува да создава и изведува авторска музика, со снимки реализирани за Радио Битола и Македонската радио-телевизија.
И покрај периодите на неактивност, „Чоканче“ опстојува повеќе од четири децении. Во периодот 1994–1995 година, во студиото на Миодраг Неќак – МИКС, е снимен дуплиот албум „Чоканче 1 & 2“, кој во 2024 година доби и винилно реиздание, со најавено издание и на компакт диск.
Низ годините, групата минувала низ различни состави, денешниот состав на „Чоканче“ го сочинуваат: Паљачо, Скрочо, Крчо, Ќебапо и Алеко.


Сподели на социјалните мрежи