ПРИЛЕПСКИ УМЕТНИЦИ – ТРАГИ ШТО ОСТАНУВААТ, ВО СЕЌАВАЊЕ НА ИЛИЈА МИНОСКИ (1936–2020)

Сподели на социјалните мрежи

ПРИЛЕПСКИ УМЕТНИЦИ – ТРАГИ ШТО ОСТАНУВААТ
Продолжуваме со серија прилози посветени на прилепските уметници кои со своето творештво оставиле длабок и траен белег во македонската ликовна уметност, а денес не се повеќе меѓу нас. Преку овие текстови се навраќаме на нивниот уметнички пат, делата и значењето што го имаат за културната меморија на градот и пошироко.

ВО СЕЌАВАЊЕ НА ИЛИЈА МИНОСКИ (1936–2020)
Мајстор на акварелот и педагог што ги учеше генерациите да го препознаат мигот.

Македонската ликовна сцена, а особено Прилеп, во својата културна меморија трајно го носи името на Илија Миноски – исклучителен акварелист, посветен педагог и тивок хроничар на мигот. Неговиот живот и творештво се вградени во визуелниот идентитет на градот, но и во уметничкото образование на бројни генерации ученици кои преку него ја запознаа уметноста не како дисциплина, туку како состојба на духот.
Роден во 1936 година во Прилеп, во уметничко семејство, Илија Миноски уште од најрана возраст бил опкружен со јазикот на формата и бојата. Неговиот татко, Кирил Миноски, еден од основоположниците на современата уметност во градот, имал значајна улога во неговото рано уметничко оформување. Формалното образование го започнува во Училиштето за применета уметност во Скопје, а во 1978 година дипломира на Педагошката академија – отсек сликарство, во класата на професорите Борко Лазески, Димитар Кондовски, Димо Тодоровски и Димитар Аврамовски-Пандилов.
Неговата професионална биографија е длабоко поврзана со педагогијата. Од 1962 година до пензионирањето работи како наставник по ликовно образование во ОУ „Климент Охридски“ во Прилеп, каде со децении ги воспитуваше младите во љубов кон уметноста, креативноста и слободата на израз. Под негово менторство, учениците учествуваа и освојуваа значајни признанија на меѓународни изложби – во Индија три златни, два сребрени и еден бронзен медал, а во Јапонија две златни, еден сребрен и два бронзени медали – што сведочи за неговиот редок педагошки дар.
Како автор, Илија Миноски остави обемно и значајно творештво. Реализирал бројни самостојни изложби во Прилеп (1971, 1981, 1991, 1995), Скопје – КИЦ (1993, 1999, 2000), Битола (1994), како и во други градови низ Македонија, меѓу кои Штип, Неготино и Гевгелија. Надвор од земјата се претставил со изложби во Грција (2008), а учествувал и на повеќе групни изложби на ДЛУП и ДЛУМ, како и на ликовни колонии во Македонија, Србија и Грција.
За својата уметничка и педагошка дејност, Миноски е добитник на бројни значајни награди и признанија: наградата на ДЛУП за најдобро ликовно остварување (1985), признание од Културно-просветната заедница на Прилеп, специјални награди во Битола и Нови Сад, повеќекратни признанија за најдобар акварелист во Бугарија, награда за успешен акварелист во Грција, како и Наградата за животно дело од градот Прилеп во 2013 година.
Неговиот ликовен израз е нераскинливо врзан за акварелот – медиум што го усовршуваше до највисоки естетски дострели. „Во своите акварели прави неповторливи засечоци како трајни отпечатоци на својата душа, небаре пејзажот се насликал сам од себе, во еден здив“, запишал Кирил Ефремов во каталогот по повод самостојната изложба во Скопје (1999).
Историчарката на уметност м-р Викторија Димеска го определува како „врвен виртуоз на акварелот“, нагласувајќи дека преку експериментирање со техничките можности на овој медиум, Миноски создавал вибрантни и енформелни содржини. Неговиот ликовен и симболичен јазик е создаден од живописни асоцијативно-апстрактни претстави, збогатени со многубројни минуциозни линиски акценти. Современиот академски уметник Илија Миноски експериментирал со колоритот, просторот и формата, истовремено ослободувајќи ги облиците од нивните контурни окови и ригорозни структури, како и создавајќи креативни и неповторливи, односно единствени апстрахирани или флуидни површини што потсетуваат на етерични сеќавања и спомени. (м-р Викторија Димеска – 20.12.2024 – изложба во Ликовна галерија во НУЦК Марко Цепенков – Прилеп).
Посебно место во неговото творештво заземаат прилепските мотиви – старата градска архитектура, пејзажите и камените масиви на Маркови кули. Новинарката Каролина Мицевска, во текстот „Уметник на мигот“, запишува: „Кога ги гледам неговите акварели, суптилно и многу лесно насликани, добивам неодминлива желба да сум таму, во светот кој тој го создава“ (Каролина Мицевска – 10.10.2014 – изложба во Ликовна галерија во НУЦК Марко Цепенков – Прилеп).
Историчарот на уметност Елизабета Дерменкоска-Цефи меѓу другото за овој автор вели: Илија Миноски, знае да го наслика мигот од еден поглед во перспектива на природата и со леснотија да создаде дело, да наслика пред природата одново да се промени и премине во следниот миг. Едноставно, успева да го престигне виденото и доживеаното да го овековечи уште посовршено од што е, притоа оставајќи свој личен печат. (Елизабета Дерменкоска-Цефи – 10.10.2014 – изложба во Ликовна галерија во НУЦК Марко Цепенков – Прилеп).
Илија Миноски ќе остане запаметен како уметник што не мируваше, како педагог што создаваше генерации и како мајстор што знаеше да го задржи мигот. Неговите акварели не се само ликовни дела – тие се зачувани сеќавања, тивки сведоштва за еден живот целосно предаден на уметноста.


Сподели на социјалните мрежи