МЕЃУ ЖИЦИТЕ И СТИХОВИТЕ: УМЕТНИЧКИОТ СВЕТ НА АНДРИЈАНА ДУКОСКА

Сподели на социјалните мрежи

Виолончелистка, педагог и поетеса во создавање, чија уметност тивко, но длабоко, ја облагородува културната сцена.
Андријана Дукоска (1987, Прилеп) е уметница чиј израз се движи меѓу класичната музика, духовната песна и поетскиот збор. Со солидно музичко образование, бројни државни и меѓународни награди и настапи на значајни културни манифестации во земјата и странство, таа го гради својот пат како виолончелистка со препознатлива сензибилност. Покрај изведувачката и педагошката работа, Андријана се изразува и преку поезија, ракотворби и хорско пеење, создавајќи тивок, но автентичен уметнички универзум. Во ова интервју разговараме за музиката како повик, за внатрешната потреба од творење и за патиштата по кои уметноста ја води низ животот.
Вашиот уметнички пат започнува со виолончелото уште од средношколските денови во Музичкото училиште во Битола. Што Ве привлече кон овој инструмент и како денес го доживувате неговиот глас?
Виолончелото не го доживеав како избор, туку како повик. Уште првиот пат кога го слушнав, неговиот тембр ме привлече затоа што звучеше како човечки глас. Длабок, топол, понекогаш тажен, понекогаш утешителен. Тоа беше звук во кој можев да се сокријам, но и да се изразам. Денес, после сите 24 години заедно, виолончелото го доживувам како продолжение и одраз на мојата внатрешност. Тоа е мојот начин да зборувам без зборови, да се исповедам, да простам, да се молам. Неговиот глас за мене не е само музика, туку сведоштво за сè што носам во себе.
Зад себе имате сериозно музичко образование и награди од рана возраст. Колку натпреварите и мајсторските часови, особено со Јоханес Мозер, влијаеја врз Вашето уметничко созревање?
Натпреварите и мајсторските часови беа важна школа, но не само технички. Тие ме научија на дисциплина, на одговорност кон музиката, но и на соочување со сопствените граници. Средбата во факултетските денови со уметник како Јоханес Мозер ми отвори нов хоризонт, не толку во насока на тоа како да се свири, туку зошто се свири! Тогаш почнав да разбирам дека виртуозноста нема смисла ако не е во служба на вистината. Тие искуства ме обликуваа да бидам помалку насочена кон докажување, а повеќе кон искреност и длабочина.
Но, моето уметничко созревање не би било возможно без темелот што го добив од моите професори по виолончело. Искрено и длабоко сум благодарна на Проф.Панде Тунтевски, кој ме водеше во средното музичко образование, и на Проф.Живко Фирфов, мојот професор на ФМУ, за целокупното знаење, посветеност и доверба што ми ги пренесоа. Од нив не научив само техника и репертоар, туку и однос кон инструментот, кон трудот и кон уметноста воопшто како животна определба.
Наградите и признанијата дојдоа како потврда за вложениот труд, но вистинската вредност за мене беше уметничкото созревање. Учењето да се остане искрен, дури и кога сцената бара совршенство.
Настапувате во различни формати – соло, камерна музика, оркестри, пијано-трио. Кој облик на музицирање Ви е најблизок и зошто?
Секој облик носи своја вистина, но камерната музика ми е особено блиска до срцето. Во неа постои дијалог, слушање, взаемно дишење. Тоа е простор каде егото мора да замолчи, за да се роди заедничкиот звук. Соло настапите се интимна исповед, свирењето во оркестар е колективна сила, но камерната музика е на некој начин како разговор меѓу блиски души. Таму најмногу ја чувствувам суштината на музицирањето, а таа е во заедништвото.
Како член виолончелист во пијано-трио “TRIO DOLCE” настапивте на значаен меѓународен фестивал во Рим, Италија. Што за Вас значи претставувањето на македонската музичка сцена надвор од државата?
Настапот со “TRIO DOLCE” на меѓународната сцена беше особено значаен за мене. Концертот во Рим, во Teatro di Marcello, беше длабоко емотивно искуство. Освојувањето први награди, златни медали и титула LAUREATE на два меѓународни натпревари во Италија и еден во Москва, Русија, за нас беа потврда дека искрената, посветена работа си го наоѓа патот и надвор од границите.
Претставувањето на македонската музика надвор од државата, за мене е силна одговорност. Тоа не е само настап, туку сведоштво за културата од која доаѓам. Скромна, длабока, често ненаметлива, но исклучително богата! Секогаш кога свирам или пеам надвор од државата, чувствувам дека носам дел од мојата татковина Македонија во звукот, во чувството, во ставот. Тоа ме прави горда!
Дел од Вашата кариера е и педагошката работа. Што Ви даде работата со деца и младинци, и како таа перспектива ја збогати Вашата уметност?
Иако сум повеќе од петнаесет години дипломиран виолончелист, единствена во својот град, животот ме одведе по пат кој воопшто не беше линеарен и лесен. Тоа е голем општествен пропуст! До денес немам ниту еден ден формален работен стаж во мојата основна струка, но токму тој “празен простор” ме научи на длабока смиреност и преиспитување на сопствениот идентитет надвор од титулите.
Во моментов работам како образовен асистент на деца со попреченост во развој, според инклузивно образование. Работа што е многу далеку од концертната сцена, аплаузите и наградите.
Работата како просветен работник ме научи на вистинско присуство, на слушање без очекување и на љубов без услови. Таму има чиста човечка комуникација. Тоа искуство длабоко го збогати и пристапот кон мојата уметност, ме направи понежна, поискрена и посвесна дека музиката не е професија, туку состојба на духот. Денес знам дека мојата вредност како уметник не се мери со институционален “статус” во општеството, туку со способноста да допрам, да разберам и да бидам човек.
Работата со деца генерално ме научи на трпение и на вистинска љубов. Тие ме потсетуваат зошто сум започнала. Кога работиш со млад човек, мораш да бидеш искрен, присутен и човечен. Таа перспектива ме направи понежна како уметник, но и посвесна дека музиката не е цел, туку пат.
Покрај музиката, се изразувате и преку поезија, ракотворби и пеење во црковен хор. Како се надополнуваат овие различни уметнички светови во Вашиот живот?
Сите овие изрази се дел од една иста потреба, да се создава, да се благодари и да се служи.
Поезијата ми е тишина претворена во збор, ракотворбите, честитките, се моја молитва преку рацете и благодарење за секој дар даден од Бога, а пеењето во црковниот хор “Св.Петка” е духовно враќање дома. Веќе десет години сум член во хорот при Храмот Св.Петка во Прилеп и токму преку него доживеав едно од најубавите, најдлабоките уметничко-духовни искуства во мојот живот. Целовечерниот концерт на духовна музика во Капелата Saint Vincent de Paul во Париз, Франција, беше момент во кој времето како да застана. Чудо се случи! Пеењето во таков простор, пред публика што тивко слуша и чувствува, беше искуство што никогаш нема да го заборавам. Слава на Бога!
Сите овие уметнички изрази, не се одвоени светови, туку различни јазици на истата душа. Мојата душа! Кога едниот ќе замолчи, другиот ќе проговори. Сите ме враќаат кон суштината и ме потсетуваат зошто уметноста за мене секогаш била и ќе остане пат кон внатрешната светлина.
Што можеме да очекуваме од Вас во блиска иднина – како музичар, но и како автор на поезија?
Не ветувам гласност, туку ќе ветам искреност и вистина. Како автор на поезија ќе ветам конечно созревање на едно дело, стихозбирка во која зборовите долго живееја во тишина. Сакам сè што ќе излезе од мене, дали тоа ќе биде концерт или можеби книга, да биде автентично, без брзање, без маски. Да биде вистинско, да биде она што јас длабоко сум…

_____________________________________________________________________________________
Биографија
Андријана Дукоска е родена во 1987 година во Прилеп. Средно Музичко училиште завршува во 2006 г. во Битола, во класа на Проф. Панде Тунтевски, како музичар изведувач – Виолончелист. Своето Високо образование го продолжува на Факултетот за Музичка Уметност во Скопје, во класа на Проф. м-р Живко Фирфов, а го завршува во 2010 г. со највисока оцена (10), со што се закитува со титулата Виолончелист. Учествувала на повеќе државни натпревари и е добитник на: втора државна награда за соло виолончело во 2004 г. и прва државна награда за камерна музика во 2005 г. Учествувала на мајсторски часови и семинар кај светски познатиот и маестрален виолончелист Јоханес Мозер – Германија. Настапува на многу значајни и културни манифестации низ државава, соло изведби на свечено отворање изложби и промоции на книги, бројни настапи како член во гудачки квартети, камерни и симфониски оркестри и е добитник на повеќе први меѓународни награди (LAUREATE) во Италија и Русија, како член, виолончелист во пијано-трио „TRIO DOLCE“, со кое реализирале целовечерен концерт на Фестивалот „Festival Musicale delle Nazioni“ во Рим, Италија во Teatro di Marcello.
Пее во црковниот хор “Св.Петка” во Прилеп, со кој како активен и долгогодишен член и еден од основачите, оствариле бројни настапи и концерти на духовна музика. Во рамки на меѓународната културна соработка, хорот “Св.Петка” реализирал целовечерен концерт на духовна музика во Капелата Chapelle Saint Vincent de Paul во Париз, Франција, претставувајќи ја македонската духовна и хорска традиција пред меѓународна публика.
Работела како Наставник по Музичко образование во повеќе основни училишта во Прилеп. Во моментов работи како образовен асистент на деца со попреченост во развој.
Нејзини хоби-активности се: пишување поезија (дебитантска стихозбирка е во подготовка), изработка на накит и рачно-изработени честитки.

_____________________________________________________________________________________






Сподели на социјалните мрежи