На 14 февруари, со почеток во 20:00 часот, во кафе-галеријата „Лувр“ во Прилеп ќе се одржи поетската вечер „Љубење со стихови“ бр. 7. Настанот, го организира ЗОКУМ – Здружение за образование, култура и уметност.
Овојпат, седмото издание „Љубење со стихови“ ќе понуди поетско патување низ романтиката и еротиката на француската поезија, надополнето со авторските стихови на Филип Димкоски и Лина Димоска. Комбинацијата од различни поетски гласови ветува интимна, сензуална и инспиративна вечер посветена на љубовта во сите нејзини облици.
Француска поезија, љубов и вино – асоцијација што неизбежно нè води кон Париз. Иако Македонија го нема Париз, Прилеп ја има кафе-галеријата „Лувр“, место каде поезијата станува живо искуство.
Поетската вечер „Љубење со стихови“, започна на 14 февруари 2023 година исто така во кафе-галеријата „Лувр“ во Прилеп. Настанот што од самиот почеток го врзува зборот со љубовта, повторно се враќа токму на денот кога се слават виното и љубовта.














