АРХИВОТ КАКО ЖИВО СВЕДОШТВО НА ГРАДОТ: ИНТЕРВЈУ СО ФИЛИП РИСТЕСКИ, В.Д. РАКОВОДИТЕЛ НА ДРЖАВНИОТ АРХИВ – ОДДЕЛЕНИЕ ПРИЛЕП

Сподели на социјалните мрежи

Документи постари од два века, човечки приказни и сеќавања што го обликуваат идентитетот на Прилеп и регионот.

Во времето на брзи информации и дигитална комуникација, архивите остануваат тивки, но незаменливи чувари на колективната меморија. Државниот архив – Одделение Прилеп, со фондови што опфаќаат повеќе од два века, претставува богат извор за историјата, културата и секојдневието на градот и поширокиот регион. Со в.д. Раководител Филип Ристески разговараме за организацијата и функционирањето на прилепскиот архив, неговото значење за граѓаните и институциите, но и за личната одговорност да се чува минатото за идните генерации.

Како е организиран и како функционира Државниот архив, односно Одделението во Прилеп?
Државниот архив има статус на управна организација со централна управа и подрачни одделенија, а Одделението во Прилеп е дел од таа мрежа што директно работи со архивскиот материјал од нашиот регион. Ние сме врската помеѓу институциите што создаваат документи и нивното трајно чување. Во пракса тоа значи дека го преземаме архивскиот материјал од државните органи, училиштата, судовите и другите институции но и приватен архивски материјал за кој ќе процениме дека е од интерес за државата, го средуваме, обработуваме, чуваме во соодветни услови и потоа го правиме достапен за користење. Одделението функционира како жив сервис за граѓаните и истражувачите, но и како чувар на историската меморија на Прилеп и регионот.
Што го прави Архивот во Прилеп посебен во однос на другите архивски одделенија?
Посебноста на Архивот во Прилеп е во континуитетот и богатството на архивскиот материјал. Со над 600 фондови и документи постари од два века, ние располагаме со исклучително вреден архивски материјал што сведочи за историјата на Прилеп и поширокиот регион. Овде може да се следи развојот на градот, општествено – политичките прилики, културата, традицијата, стопанството, институциите, и секојдневниот живот на луѓето низ генерации. Тоа го прави нашиот архив еден од најзначајните носители на локалната историска меморија во државата.
Кои документи или збирки се особено значајни за историјата и културната меморија на Прилеп?
Особено значајни се старите матични книги од 19 век, кои овозможуваат да се следи демографската и семејната историја на населението. Многу вреден е и архивискиот материјал на општинските власти, фондови на верски установи, црковната општина и црквите, училиштата и судските институции, кои ја прикажуваат административната и општествената еволуција на градот како и материјали за настани и личности. Не смеат да се изостават ниту фотографските збирки, бидејќи тие се живо визуелно сведоштво за изгледот на Прилеп и животот на неговите жители низ времето.
Колку архивот е присутен во секојдневието на граѓаните?
Архивот е постојано присутен во животот на граѓаните, најчесто преку решавање на конкретни животни и правни прашања. Луѓето бараат документи за работен стаж, сопственост, семејно потекло или образование. Но зад тие барања секогаш стојат лични приказни. Архивските документи често помагаат некој повторно да го открие своите корени и да дознае повеќе за историјата на своето семејство.
Како архивот ја остварува својата културна и едукативна мисија?
Архивот ја остварува својата културна улога преку изложби, јавни настани и тематски презентации. Работата со ученици и млади е од особено значење, бидејќи преку директен контакт со оригинални документи тие развиваат почит кон историјата и пишаниот извор. Читалната претставува простор каде што архивот станува активен учесник во образованието и истражувањето.
Со какви предизвици се соочува современата архивистика?
Најголем предизвик е дигитализацијата и заштитата на чувствителниот материјал. Со дигитализацијата се обезбедува заштита на архивскиот материјал и истиот станува подостапен за сите. Дигитализацијата бара сериозни ресурси, опрема и стручен кадар. Денешниот архивист мора да биде подеднакво подготвен за работа со хартиени и со дигитални записи.
Што за вас лично значи работата со архивското наследство и каква е Вашата визија за иднината?
Работата со архивското наследство за мене е голема чест и одговорност. Секој документ што го чуваме е дел од идентитетот на Прилеп и неговите граѓани. Мојата визија е архивот да биде отворена и динамична институција, препознаена не само како административен сервис, туку и како културен центар на меморијата и знаењето.


Сподели на социјалните мрежи