На Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, студентите имаат можност за активно учество во создавање модерна и ангажирана академска заедница. Нивните приказни се инспиративни и претставуваат вистински доказ дека УКЛО е многу повеќе од место за стекнување знаење – тоа е живо и поттикнувачко опкружување каде талентот, идеите и ангажманот се препознаваат и поддржуваат. Студентите од сите студиски циклуси се вклучуваат во низа активности, проекти и иницијативи, меѓу нив и европските перспективи со учеството во Алијансата КОЛОРС. Ангажирани во креирање содржини, истражувачки иницијативи, медиумски проекти, настани и други содржини, тие активно го градат својот личен и професионален развој.
„Студирањето на УКЛО е поглавје што создава кариерен темел, но и лично оформување – поткрепено и поддржано од големи луѓе. Ништо не може да се спореди со тоа кога знаете дека некој верува во вас, а тоа е најсилен мотив,“ споделува Ева Нешкоска, од Прилеп, со искуство на демонстраторка на Педагошкиот факултет – Битола, воедно студентка на втор циклус студии, која активно се вклучува во работилници и настани насочени кон развој на заедницата. Еве ја нејзината инспиративна приказна:
– Секој од нас избира каков незаборав ќе остави. Кога се запишав на Педагошкиот факултет – Битола, на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, на насоката македонски јазик и книжевност, бев сигурна дека тоа е ќе биде остварување на една моја смисла. Да ја проучувам повеќеслојноста на својот јазик, да ја осознавам бескрајноста на книжевниот свет и да бидам добар пример, за младите, што ќе доаѓаат после мене. Низ годините го усовршував поривот да истражувам, пишувам за јазикот и книжевноста и посуштински да придонесам кон наставните и воннаставните активности. Студентските денови ми го потврдија она во кое верував одамна, дека животот го обновуваме со посветеност, негување на сопствените амбиции и неуморно работење за да ги оствариме. Водени од дарот што го носиме во себе, стремиме кон испишување на нови приказни, кои ќе направат ново време каде младите, преку реализирање на своите цели, ја менуваат заедницата на подобро.
А промената, се случува единствено кога има доследност и истрајност во работата. На УКЛО, КОЛОРС направи една таква заедница, каде професорите и студентите, заедно работат, за да бидат промената што му треба на светот. Мојата вклученост во проектот КОЛОРС како ново поглаје на УКЛО – обои еден прекрасен период од мојот живот. Во КОЛОРС се доживува вистинската смисла на академијата, затоа што тука се поддржуваат вредности и цели, што ги движат универзитетите. Мојот почеток во КОЛОРС беше учество во проекти каде бев сигурна дека можам да го дадам својот максимум. Пишување на статии за студентско списание, учество на студентска конференција, превод на текстови, активно учество на голем број настани настани, создавање на содржини поврзани за јазикот и културата и содржини што ја истакнуваат работата на УКЛО КОЛОРС. Подоцна, дотогашното искуство со работата и стекнатите познанства, направија да бидам дел од активности, што не беа директно поврзани со мојата сфера на студирање. Така, со тек на време, како студентка на втор циклус студии, бев дел од микроквалификацијата Глобални Виртуелни Тимови, имав прилика да навлезам и во делот на водење, организација и реализирање на повеќејазичното списание (КАЛЕИДОСКОП) и да го видам сложениот процес зад секој проект на КОЛОРС. КОЛОРС е временско-просторен дел од студентскиот живот, што ќе ја оформи секоја млада личност, во зрел човек со богати искуства.














