„МУЗЕЈОТ ЗА ТУТУН“ – ПРИЛЕП: ПАТУВАЊЕ НИЗ ИСТОРИЈАТА, УМЕТНОСТА И ЧОВЕКОВИТЕ ПРИКАЗНИ

Сподели на социјалните мрежи

МУЗЕЈОТ ЗА ТУТУН ВО ПРИЛЕП
НУ Завод за заштита на спомениците на културата и Музеј – Прилеп располага со 11 музејски поставки, отворени за посетители секој работен ден од 9 до 15 часот. „Клуб Деница“ започнува серија текстови за промоција на музејските поставки со цел да ја приближи музејската понуда до локалната заедница и да поттикне поголем интерес за нивно посетување.
Постојаната поставка на Музејот за тутун се наоѓа во зградата на Институтот за старословенска култура во кругот на ЈНУ Институт за тутун – Прилеп, во сала со површина од 250 м².
Музејот за тутун во Прилеп не е класичен музеј на предмети, туку музеј на човечки навики, културни обрасци и историски приказни што со векови се развивале околу тутунот. Основан во 1973 година, по повод значајни јубилеи поврзани со тутунопроизводството, музејот денес брои над 2.200 експонати и се вбројува меѓу најзначајните од ваков тип во Европа.
Постојаната поставка опфаќа околу 1100 експонати од сите континенти – лули и чибуци изработени од мершам, злато, сребро и скапоцени материјали, предмети што припаѓале на владари, познати личности од историјата, дипломати и уметници, како и богата уметничка збирка во која тутунот е мотив и симбол.
Музејот не ја слави навиката на пушење, туку го истражува феноменот на тутунот – од украсни и лековито растение до симбол на моќ, луксуз и човечки хир. Затоа, посетата на Музејот за тутун не е само разгледување, туку целосно културно доживување.
Во рамки на ова издание, следува и интервју со раководителот на поставката, Александар Цветкоски, кој говори за уникатноста на музејот, за приказните зад експонатите и за улогата што Музејот за тутун ја има во културниот идентитет на Прилеп и Македонија.

„МУЗЕЈОТ ЗА ТУТУН“ – ПРИЛЕП: ПАТУВАЊЕ НИЗ ИСТОРИЈАТА, УМЕТНОСТА И ЧОВЕКОВИТЕ ПРИКАЗНИ


Музејот за тутун во Прилеп е единствен од ваков вид на Балканот и еден од поголемите во Европа. Што го прави навистина посебен и различен од класичните музеи?
Александар Цветкоски: Музејот за тутун не е само колекција на предмети – тој е музеј на човековиот дух и на приказните што ги носат експонатите. Нашата поставка ги обединува уметноста, индустријата, културната антропологија и феноменологијата на тутунот. Имаме експонати од сите континенти, од лули и чибуци до табакери, водни лули за опиум и ретки фотографии, експонати кои им припаѓале на кралеви, војводи и историски личности. Реткоста, екстравагантноста и документарната вредност на експонатите го прават музејот уникатен – тоа е комбинација на културно наследство и вистински историски раритети што се среќаваат на малку места во Европа.
Основан е во 1973 година, во значаен историски момент за Прилеп и Македонија. Колку таа локална тутунска традиција е вградена во идентитетот на музејот денес?
Александар Цветкоски: Музејот ја носи целата историја на тутунот во Прилеп – од првото садење во 1573 година до модерните индустриски процеси. Музејот е основан во 1973 година од страна на Народниот Музеј – Прилеп, сега Национална установа Завод и Музеј – Прилеп, Институтот за тутун (сега Научен институт за тутун – Прилеп), „Југотутун“ – Скопје, а поводот биле двата јубилеи: стогодишнината од почетокот на организирано производство на тутун во прилепско и 400 години присуство на тутунот во Македонија. Прилеп бил центар на тутунската индустрија и на науката за тутун на Балканот. Денес, музејот ја валоризира таа улога и ја презентира како дел од локалниот и националниот идентитет, но и како дел од светската историја на тутунот. Секоја витрина, секој експонат, раскажува за тутунската традиција во светот, па и кај нас и за влијанието на Прилеп во светски рамки. Во 24 витрини се сместени повеќе од 1100 експонати: лулиња, чибуци, табакери, бурмутници, дозни за тутун, пепелници, наргилиња, апарати за потсекување и режење цигарети и цигари, кутиии за виткање цигарети, машички, калапи за правење глинени лули, хартии и палмини листови за виткање цигарети (ризла), апарати за пулверзирање тутун за шмркање, за режење тутун за лула, направи за заштита на шмркачи – почетници (инјектори), рекламни експонати од тутунската индустрија, индустриски производи од тутун, експонати за уживање пушачки дроги, кибрити, пирогени (запалки), уметнички дела, каде е тутунот мотив и инспирација и многу др. Музејот за тутун – Прилеп ги собира експонатите, но и вистинитите приказни, кои одат со нив.
Често велите дека ова не е само музеј на предмети, туку „музеј на приказни“. Какви човечки приказни најчесто „говорат“ преку експонатите?
Александар Цветкоски: Нашите експонати зборуваат за човековата глупавост, суета, желба за покажување и „алфа“ амбиции – од екстравагантни лули кои чинат колку лимузина, до чибуци на историски личности или морнарски етуи-ја од времето на Колумбо. Публиката ги следи судбините на луѓето, нивните навики за пушење, џвакање и шмркање на тутун, но и културните, социјалните и политичките приказни поврзани со него. Тутунот станува објект низ кој ја гледаме историјата и човечките страсти. Самата мисла, потврдена од големи имиња на литературата дека „кога човекот запалил лула, станал филозоф“, доволно го илустрира тутунот како земјоделска култура, која околу себе гради култура и духовна сфера. Во минатото се излегуваше на корзо, откако ќе го донижеме тутунот, или се правеше свадба, откако ќе го предадеме тутунот. Тоа е веќе поле на социјалното.
Во поставката се изложени раритети што припаѓале на кралеви, војводи и историски личности. Кој експонат најчесто ја изненадува или фасцинира публиката?
Александар Цветкоски: Експонатите што најмногу фасцинираат се „султанското луле од преговорите на Крим“, чибукот на Романов, лулето на надвојводката Ана, но и студентските лули од побуната против реформите во образованието од 1848 година. Публиката секогаш е воодушевена од објаснувањата – поврзани со овие експонати, затоа што тука ќе ја чујат вистинската приказна, која е секогаш „кулоарска“, а не званична, како што сака моќниот. Така ја „оживуваме“ историјата. Музејот поседува богата библиотека со ретки книги, меѓу кои е и „Табакологијата“ од Јоханес Неандер од 1626 година, како и збирки на фотонегативи, рекламен материјал, графики и ракописи. Секој дел од библиотеката ја документира феноменологијата на тутунот – од неговата агрикултурна, индустриска, маркетиншка, даночна, црноберзијанска, основа, која е секогаш уметничка инспирација акумулирана низ вековите.
Постојаната поставка обединува уметност, индустрија, етнологија и феноменологија. Како ја балансирате научната документација со наративниот, „жив“ пристап кон посетителите?
Александар Цветкоски: Музејот за тутун поседува 3 големи збирки – прогласени за споменици на културата од највисок ранг, од кои едната е Споменик на културата со највисок степен на заштита. Тоа значи дека секој експонат е евидентиран и документиран со највисоки стандарди во 9 музејски книги. Но тоа е закон, а кај публиката владеат други закони: „Дај приказна“, нека е „питка“ и инстересна, нека е поврзана со човекова судбина и лик, нека е современо раскажана, без непотребни детали во адресиран контекст (историски, кулоарски, феноменолошки, споредбен). Тоа музејот го приближува до посетителот како збирка на приказни, или на „експонати кој говорат“. Музеологијата не бара мрви предмети, за да ги покажува. Новите трендови, на кои нашата Институција полага високо влимание, точно тоа го сака и потенцира. На пример, лулите и чибуците не само што се изложени како предмети, туку се објаснуваат нивните корисници, технички детали, производствени центри и занаетчиски работилници, уметнички техники и социјални контексти, нивната старост, како показател на близината на „изворот“ до стилот, хирот, модата и времето. На овој начин научниот и наративниот пристап се надополнуваат и создаваат „живо“музејско доживување или воведуваат во парадокси, разбивајќи стандардни предубедувања. Замислете како им е на посетителите, кога ќе им го покажеме морнарското етуи, кое патувало на бродот на Колумбо, во 1494 година, во џебот на еден морнар, на кое има изгравирано една цела наука за пресметување колку е денови морнатор на море, во која прилика – на кој светец треба да се моли, како да ги претвори тежинските мерки од шпански во британски или арапски мерки, да ги погледне ликовите на папите, кардиналите… На крај, кога ќе им кажеме дека Кристифор Колумбо, во суштина е Кристобал Колом (што е скоро и докажано со генетски испитувања), не е Италијан, туку Шпанец и патувал на брод, кој до пред 6 месеци бил јавна куќа на вода (најевтино што кралицата можела да најде), кулоарските приказни, кои веќе се покажаа како точни, ги пленат посетителите, кои веќе „не брзаат на ручек“.
Музејот за тутун е меѓу најприсутните музеи во медиумите и туристичките водичи, а сепак го посетуваат релативно малку домашни посетители. Како го објаснувате овој парадокс?
Александар Цветкоски: Музејот за тутун е, без конкуренција, најприкажуваната музејска збирка во медиумите, во целата држава. За него се снимени и емитувани 38 телевизиски емисии од познати македонски и странски режисери и новинари, реализирани биле повеќе од 630 ТВ интервјуи, 117 написи во медиумите и на веб асетите и бил внесен во најголемите туристички водичи во Европа, како туристичка дестинација.
Вкупно, Музејот за тутун е прикажан околу 1000 пати во Македонија, 22 пати на странска ТВ програма и го има во скоро сите електронски медиуми и бази на податоци. Исто така Музејот за тутун е прикажан на државни телевизии во Франција, Германија, Србија и Австралија.
Тоа е интересно – скоро цел дипломатски кор и туристички тури од Израел, Холандија, Норвешка, Турција и Кина го посетуваат музејот, додека домашната публика е малку поскромна. Веројатно тоа се должи на тоа што локалното население го смета музејот за „познато“, а туристите доаѓаат со љубопитност кон нешто уникатно и меѓународно. Сепак, континуирано работиме на едукација на домашната публика, особено учениците, за да го почувствуваат значењето на своето културно наследство.
Навиката за посета на музеите е, сепак, најсилниот негативен адут за посетеноста и нашата Институција работи на проекти, со соработка со училиштата, за љубовта кон музеите да им ја вдахнеме на младите душички уште од најрана возраст. Полека и бавно, оваа битка ја добиваме.
Голем дел од колекцијата е собрана од целиот свет, често со необични патишта. Колку пријателствата, уметничките мрежи и институционалната соработка биле клучни за создавањето на ова богатство?
Александар Цветкоски:
Многу. Без поддршката на „Институтот за тутун“ – Прилеп, „Југотутун“, „Македонија табак“, локалните уметници и интернационалните контакти, музејот никогаш не би ги добил овие експонати. Некои биле подарени лично од уметници кои се сеќавале на своите први симпозиуми во Прилеп. Други пристигнале со институционална соработка, а дел дури и од законски ограничени земји – што само ја илустрира страста и посветеноста за собирање на овие реткости.
Централна личност во овие операции е сепак д-р Бошко Бабиќ, тогашниот директор на Народниот музеј – Прилеп, кој својата меѓународна соработка во доменот на уметноста ја дигнал на највисоко ниво преку трите симпозиуми, кои Музејот ги организирал, па во 1972 година, кога експонатите требало да се набават за отворањето во 1973 година, Музејот испратил на илјадници писма до своите пријатели уметници, во цел свет, а истото го сторил и Тадеуш Полак, во Прилеп познат како „Цар Милан“ (толку бил близок на овој град) директор на најголемиот конзерваторски завод (ПКЗ) во светот, од Полска. Во оваа операција добиени се огромен број информации за експонати низ светот, кои музејските откупни комисии ги откупиле. Некои од уметниците и самите ги купиле експонатите и нѝ ги донеле, да се потсетат на прекрасното искуство, кое го имале во Прилеп, веројатно како неафирмирани студенти. Можеби тука имало и по некоја локална љубов, кој знае?
Така, нашата институција успеала да створи богат почетен фонд експонати, кој се обогатувал до 1978 година, кога е Музејот за тутун затворен и спакуван во сандаци.
Каква е улогата на Музејот за тутун денес – дали повеќе како чувар на наследството или како активен учесник во современата културна и туристичка сцена?
Александар Цветкоски:
Музејот е и едното и другото, а има и трето: Музејот расне низ откуп на нови експонати, со посебен акцент на времето кога „тутунот дрмаше“, односно кога Македонија имаше вистински интернационални магнати за трговија со тутун. Иако нема многу домашно културно наследство (сепак, ние сме биле сиромав народ), музејот се труди да „го фати“ времето кога секоја втора европска цигарета се викала „Мазедониа“, или „Мацедониа“ и кои ги рекламирале славни светски ѕвезди. Тоа е скор приоритет за музејот, заедно со историјата на тутунот во Македонија, но не преку написи, туку преку експонати од нашата тутунска индустрија, кои тие приказни ги илустрираат. Исто така тоа е случај со етнолошкото наследство, затоа што одгледувањето тутун е веќе на ниво на традиција, а во својот од низ времето, произведени се многу алатки, места за чување и ферментирање тутун, наредби, забрани, откупни документи, даночни документи, плакети, награди, покани, но и уметнички дела, токму создадени по порачка на тутунската индустрија. Тоа е мало богатство на експонати и традиција. Така ги штитиме, обогатуваме, документираме и презентираме ретките и уникатни експонати поврзани со тутунот и неговото минато на нашите простори.
Нашата институција е на линија на новите трендови на утилитарна култура, која нашите поставки и богатства треба да ги отвори за посетителите и да оствари одреден финансиски бенефит. Музејската едукација, промоција и проактивност ја води институцијата до проектен пристап, па имаме и многу проекти за едукација на младите, за посета на нашите поставки, за организирање и на студиски посети, креирање едукативни програми и учество во медиската и туристичката промоција. Тоа го прави музејот динамичен и релевантен за современата публика, иако мораме да речеме дека сеуште ги совладуваме нијансите на оваа тешка дисциплина, која во минатото беше мошне запоставена.
Што би им порачале на оние што сè уште не го посетиле Музејот за тутун – зошто ова е место што мора да се доживее, а не само да се прочита за него?
Александар Цветкоски
: Музејот за тутун не е само приказ на предмети – тоа е патување низ историјата, уметноста и човековите страсти. Кога ќе го видите султанското луле, чибуците на Романов или морнарското етуи од второто патување на Колумбо (Колом?) во Америка, трагично – смешната вистинска приказна со наслов „Мојата жена и мојата баба“, или табакерата „Софиските трудбенички“, која е една единствена на светот, вие станувате актер во заверата против званичната и скоро секогаш лажна историја и соговорник со експонатите, кои некогаш ги држеле можне моќни и значајни чуѓе. Ова е место што се доживува со сите сетила – мирис, вид, чувство на простор и времето – и затоа секогаш велиме: „Музејот за тутун не се чита, тој се живее“. Додуша, понекогаш и се „шмрка“, затоа што кај нас е достапен и воведот во нов грев: Бурмутот.
Посетата на Музејот за тутун не е само турнеја низ витрини и експонати. Таа е патување низ време, култура и човечка креативност. Секое чибукче и секоја табакера раскажува приказна за луксузот, моќта, хедонизмот и историјата на светот, гледана низ призмата на едно растение кое со векови го фасцинирало човештвото, а сепак го забрануваат, надевајќи се дека нема да се намали употребата, затоа што ги полни државните каси. Тутунот е феномен на апсурдот, на човечкиот хир, на детскиот бунт и преку него се искажуваат серија симболи и суштински пораки, како што е објаснувањето заради што луѓето пушат: „Да ја поддржат илузијата дека нешто прават – кога ништо не прават“.





Сподели на социјалните мрежи