,,ЉУБЕЊЕ СО СТИХОВИ” ПО СЕДМИ ПАТ

Сподели на социјалните мрежи

На 14 февруари во кафе-галеријата ,,Лувр” во Прилеп по седми пат се одржа поетско-музичкиот перформанс ,,Љубење со стихови” на поетот Филип Димкоски и поетесата Лина Димоска. Освен нивна авторска поезија, со француска музика во фон, овојпат, домаќините, многубројната публика низ стихови ја одведоа во Франција. Воведот во програмата посветена на француската поезија која се поврзува со љубовта и романтиката, го направи проф. Љупка Томиќ која беше специјален гостин на настанот. Таа интерпретираше поезија на француски јазик обојувајќи ја вечерта со посебен шарм. Следеа интерпретациите на добро познати, но и помалку познати стихови на Бодлер, Рембо, Деснос, Лабе, Иго, Превер… Публиката освен што се насладуваше на поетската реч во интерпретација на Лина и на Филип, имаше можност да чуе и многу интересни факти за француските поети, па дури и едно љубовно писмо меѓу Алфред Мисе и Жорж Санд. Просторот на кафе-галеријата ,,Лувр” беше преполн со љубители на зборот на кои брзо им изминаа минутите па останаа желни за поезија и ги повикаа на бис домаќините. Со авторски песни на бис, Димкоски и Димоска ја заокружија оваа романтична вечер, а голем дел од публиката остана уште долго да ужива во атмосферата и да споделува впечатоци. Настанот е во организација на Здружението за образование, уметност и култура ЗОКУМ-Прилеп кое во моментов има актуелен конкурс за лични литературни творби за учениците од основните училишта во општините Прилеп, Крушево, Долнени и Кривогаштани во чест на поетот Волче Наумчески, а истиот е отворен до 27 февруари. Здружението најави богата уметничка и едукативна програма за годинава, а го најави и осмото издание на ,,Љубење со стихови” предвидено за октомври.


Сподели на социјалните мрежи