„ЉУБОВ И ВИНО“ – ПОЕТСКО-МУЗИЧКА ВЕЧЕР ВО ЗНАКОТ НА ЕМОЦИЈАТА И ТРАДИЦИЈАТА

Сподели на социјалните мрежи

Во Ликовниот салон при НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, на 13 февруари 2026 година (петок), со почеток во 18:00 часот, по четврти пат се одржа поетско-музичката манифестација „Љубов и вино“, настан кој низ стих и песна ја слави најсилната човечка емоција и вековната традиција поврзана со виното.
Вечерта беше посветена на љубовта – на првите бакнежи, на копнежите, на спомените што греат, но и на виното како симбол на радост, заедништво и празнување. Во пресрет на 14 февруари – денот кога се чествуваат Свети Трифун и Свети Валентин, љубовта и виното се испреплетоа во едно инспиративно уметничко доживување.
„Љубовта и виното се верни сопатници, еден до друг се радуваат, но заедно чекорат и рани си лекуваат… На љубовта да ѝ се радуваме, со виното рујно да славиме, да наздравуваме…“ (А.Р.)– беа само дел од стиховите што одекнаа во топлата атмосфера на салата, каде бројната публика со внимание и емоција ги проследи настапите.
Поетите и литературните творци од Клубот на литературни творци – Прилеп ја „разлеаја душата“ преку своите интерпретации, создавајќи вечер исполнета со нежност, искреност и уметничка сила. Настанот беше збогатен и со настапот на КУД „Преродба 2024“, чии изведби внесеа дополнителна топлина и музичка убавина, разгалејќи ја публиката.
Поетско-музичката манифестација „Љубов и вино“ традиционално ја реализираат Центар за култура „Марко Цепенков“ и Клубот на литературни творци – Прилеп, со цел преку уметноста да се негуваат љубовта, традицијата и културниот живот во градот.



Сподели на социјалните мрежи