100 ГОДИНИ ПРИЛЕПСКИ МЕЧКАРИ – 25 ГОДИНИ ПРИЛЕПСКИ КАРНЕВАЛ

Сподели на социјалните мрежи

Од 20 до 23 февруари, Прилеп ќе ја живее карневалската магија на „Прочка 2026“, година во која се одбележуваат два значајни јубилеи – 25 години организиран прилепски карневал и 100 години од традиционалната заштитена маска „Прилепски мечкари“, препознатлива и наградувана ширум Европа и светот, а од 2019 година прогласена за нематеријално културно наследство. Оваа година најавени се повеќе од 500 учесници во групни и поединечни маски.

Ќе се реализираат низа манифестации во рамките на карневалот „Прочка 2026“, а за најавување на карневалот организаторите одржаа прес конференција.

– Оваа година го враќаме сјајот на фестивалот и го враќаме неговиот меѓународен карактер, славиме 25 години од фестивалот и 100 години на оние кои го зачнаа фестивалот, Мечкарите. Како што знаете пред десетина дена го обновивме Дувачкиот оркестар на Прилеп, со што враќаме уште една традиција, кој на овие два карневалски денови ќе ги предводи поворките – изјави на прес конференцијата за карневалот градоначалникот на општина Прилеп Дејан Проданоски.

– Успеавме како организационен одбор на „Прилепските мечкари“ и организатори на прилепскииот карневал од Историскиот архив и прилепските граѓани да најдеме материјал со кој потврдуваме дека во 1921 година имало веќе организирани поворки на Мечкарите така што тоа славиме еден голем јубилеј повеќе од 100 години – изјави на прес конференцијата за претстојниот карневал Ванчо Ѓорѓиев, Претседател на Здружението „Прилепски мечкари“. Тој објасни дека првите две години карневалот бил домашен, а од третата меѓународен и дека во Прилеп во 2012 година се одржал првиот конгрес на Федерација на карневалски градови на Европа.
За организацијата и програмата на фестивалот во името на општината зборуваше Снежана Ристеска, советник за култура во Општина Прилеп:

– Активностите ќе започнат на дваесетти февруари (петок) со отворање на изложба на маски/сурати, изработени од учениците во основните и средните училишта, под менторство на нивните наставници по ликовно образование и оделенска настава, кои се партнери во целокупната организација. Изложбата ќе биде поставена во Центарот за култура „Марко Цепенков“, каде ќе бидат прогласени и најдобрите избрани маски, а стручна жири комисија ќе го спроведе изборот.
Во сабота на 21февруари ќе се организира детскиот карневал, односно дефилето за учесници до 14 години. Тука ќе настапат основните училишта од градот и околината, а настанот ќе биде збогатен со забава и музика.
Централен настан е дефилето на маски во недела (22.02.2026 год.), на кое ќе се претстават групни и поединечни маски од Прилеп и од други градови од Македонија, а годинава и гости од соседните држави со нивни групи и претставници на ФЕК.
Најавени се групи од Србија: Шабац, Белград, Бела Црква и Врњачка Бања, Бугарија:Перник. Од Македонија учество ќе земат Куратица, Мориево, Бегниште, Сопот, Пробиштип и други, а на задоволство на Прилеп своето присуство го најави и Ларс Алгел претседателот на ФЕК, асоцијацијата на европски карневалски градови. Тоа претставува чест за прилепскиот карневал, затоа што на истиот датум има многу карневалски случувања во регионот, како Херцег Нови, Словенија, Грција и други.
Покрај дефилето ќе има куклено шоу, магионичари, жонглерски и други атракции, кои се карактеристични за овај празник. Почетокот на дефилето е во 13.00 часот.
Карневалските случувања се завршуваат во понеделник (23.02.2026) со традиционален заеднички ручек на здружението Прилепски Мечкари во Манастир Св. Ѓоргија.


Сподели на социјалните мрежи