„НАСЛЕДСТВО, ИНОВАЦИЈА И КУЛТУРЕН ПУЛС НА ПРИЛЕП“ – ИНТЕРВЈУ СО МАРИЈА ПОПОВА ЈОВАНОСКА, ДИРЕКТОРКА НА НАЦИОНАЛНАТА УСТАНОВА ЦЕНТАР ЗА КУЛТУРА „МАРКО ЦЕПЕНКОВ“

Сподели на социјалните мрежи

Од ноември 1979 година, Националната установа Центар за култура „Марко Цепенков“ е стожер на културниот живот во Прилеп, чувајќи и негувајќи го богатото културно наследство на градот. Од своето основање како Дом на културата со театарската претстава „Факел“ од Коце Солунски, преку поттикнувањето на аматерските самодејности – фолклор, сликарски школи, литературни, драмски и фото клубови – до трансформацијата во современ и професионален Центар за култура, институцијата постојано се развивала.
Во 2004 година, Центарот добива статус на Национална установа, а во неговите рамки влегува и Народниот театар „Војдан Чернодрински“. Денес, Центарот ја обединува Ликовната галерија, списанието „Стремеж“, Ликовната колонија, кино и новата просторија за млади бендови и пејачи, како и сценско-музичка дејност која вклучува Културно-уметничко друштво „Моминок“, Октет Прилеп, Танцовото студио „Зодијак“ и Младинското драмско студио (МДС).
НУЦК „Марко Цепенков“ е исклучителна поддршка за аматери, но и репрезент на професионални театрални, музички и ликовни дела, а во 2009 година ја добива најпрестижната награда на градот – „3-ти Ноември“. Разговаравме со директорката Марија Попова Јованоска за предизвиците, успесите и идните планови на оваа значајна институција која ја обликува културната сцена на Прилеп.
Марија, како би ни се претставиле себеси и вашата улога како директорка на Националната установа Центар за култура „Марко Цепенков“?

Јас сум Марија Попова Јованоска, директорка на НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, институција која има огромна традиција, но и сериозна одговорност кон културниот развој на градот и државата. Мојата улога како директорка не е само административна или управувачка, туку и визионерска – да го зачувам континуитетот на вредностите што се граделе со децении, но и да отворам нови перспективи за развој.
Работам на тоа Центарот за култура да биде современа, транспарентна и динамична институција, која ќе ги обединува уметниците, публиката и младите генерации. Воедно, се стремам кон унапредување на условите за работа, јакнење на институционалната стабилност и создавање програма која ќе биде и квалитетна и достапна. Верувам дека културата не е луксуз, туку неопходност – таа го обликува духот на едно општество.

Центарот го одржува културниот живот на Прилеп повеќе од четири децении. Какво е неговото значење за градот и за граѓаните?

Центарот за култура „Марко Цепенков“ е повеќе од институција – тој е културен симбол на Прилеп. Повеќе од четири децении претставува место каде што се создава, негува и презентира уметноста во различни форми. За граѓаните, тоа е простор каде што се раѓаат спомени, се гради естетски вкус и се поттикнува критичко размислување.
Центарот ја обединува традицијата и современоста, професионалното и аматерското творештво, локалното и националното. Тој создава културна динамика што влијае врз целокупниот општествен живот во градот. Неговото значење се мери не само преку бројот на реализирани настани, туку преку влијанието врз идентитетот и културната свест на заедницата.

Од Дом на културата во 1979 година до современа Национална установа – кои се најважните моменти и достигнувања во историјата на Центарот?

Патот од Дом на културата до Национална установа претставува процес на постојан развој и институционално зацврстување. Основачкиот момент во 1979 година постави темел за организирана културна дејност во градот. Во текот на годините, преку бројни аматерски и професионални активности, Центарот изгради силна културна традиција.
Клучен момент е 2004 година, кога добива статус на Национална установа и во неговите рамки влегува Народниот театар „Војдан Чернодрински“. Со тоа се проширува дејноста и се зајакнува институционалната тежина. Континуитетот на списанието „Стремеж“, работата на Ликовната галерија и Ликовната колонија „Марко Цепенков“ – Дрен, како и бројните фестивали, премиери и концерти, се доказ за стабилност и зрелост на институцијата.

Народниот театарот „Војдан Чернодрински“ се соочува со проблеми со својата зградата и користи алтернатива во Сцена 105. Како ова влијае на продукцијата и програмата на театарот и кога може да се очекува решението на проблемот на зградата?

Проблемот со зградата претставува сериозен предизвик за институцијата, но никако не претставува пречка за креативноста и континуитетот на уметничката продукција. И покрај ограничените просторни и технички услови, како и користењето на алтернативниот простор – Сцена 105, театарот продолжува активно да реализира премиери, репризни изведби и гостувања, задржувајќи го интересот и довербата на публиката.
Оваа ситуација всушност ја потврди силната професионална зрелост на ансамблот, режисерите, авторските тимови и техничката екипа. Работењето во прилагодени услови бара дополнителна организација, флексибилност и посветеност, а токму тие квалитети се покажаа како наша силна страна.
Во однос на трајното решение, во тек се комуникации и активности со надлежните институции, со цел обезбедување соодветна реконструкција на објектот и создавање современи услови за работа. Овој процес бара внимателно планирање, финансиска конструкција и институционална координација, но нашата определба е јасна – театарот треба да добие функционален, безбеден и технички опремен простор.
Народниот театар „Војдан Чернодрински“, кој минатата година одбележа 75 години постоење, заслужува сцена што ќе одговара на неговата традиција, углед и уметнички потенцијал. Нашата цел е да обезбедиме услови што ќе овозможат уште поголеми продукциски можности, подобро сценско искуство за публиката и долгорочна стабилност на институцијата.

Во рамките на Центарот функционира Сценско-музичка дејност која вклучува Културно-уметничкото друштво „Моминок“, Октет Прилеп и Танцовото студио „Зодијак“. Како овие форми на уметничко изразување ја збогатуваат културната програма и како ја поттикнуваат креативноста кај младите?

Во рамките на НУЦК „Марко Цепенков“ Сценско-музичката дејност претставува значаен и динамичен сегмент од програмата. КУД „Моминок“ ја негува традицијата, фолклорот и народното творештво, пренесувајќи ги вредностите од генерација на генерација. Танцовото студио „Зодијак“ го афирмира современиот танцов израз и создава простор за младите да ја развиваат својата креативност, сценско движење и самодоверба.
Октет „Прилеп“, пак, го сочинуваат повозрасни, искусни љубители на вокалната музика, кои со својата посветеност и зрелост придонесуваат за одржување на вокалната традиција и за збогатување на музичката понуда на институцијата. Нивното присуство создава вредна меѓугенерациска рамнотежа во рамките на програмата.
Преку овие ансамбли се создава простор за уметничко изразување, сценско искуство и личен развој, особено кај младите кои се дел од фолклорниот и танцовиот сегмент. Тие учат дисциплина, тимска работа и одговорност, а истовремено ја развиваат својата креативност и љубов кон уметноста.
Во моментов, во рамките на НУЦК „Марко Цепенков“ не функционира младинско драмско студио, но остануваме отворени за идни иницијативи во таа насока. Нашата цел е да создадеме услови за развој на сите форми на уметничко изразување.

Ликовната галерија, Ликовната колонија и списанието „Стремеж“ се важен дел од културната мисија на Центарот. Како успевате да ја одржите и развивате оваа уметничка сцена?

Ликовната галерија и Ликовната колонија „Марко Цепенков“ – Дрен претставуваат значаен сегмент од визуелната култура во Прилеп и пошироко. Преку внимателно осмислена изложбена програма, соработка со реномирани и млади автори и континуирано збогатување на ликовната збирка, успеваме да одржиме квалитет и релевантност. Колонијата, со својата традиција и акумулирано уметничко наследство, претставува траен културен капитал на институцијата.
Особено значење има списанието „Стремеж“, кое се издава веќе 70 години – редок и вреден континуитет во македонскиот културен простор. Тоа е едно од најстарите и најреспектабилни списанија за литература, уметност и култура во државата. Неговото траење сведочи за истрајност, квалитет и способност да се адаптира на различни општествени и културни периоди. „Стремеж“ не е само издание, туку интелектуална платформа што ги поврзува авторите, критиката и читателската публика.
Одржувањето на оваа сцена бара посветеност, стручност и долгорочна визија. Ние вложуваме во програмска доследност, во квалитетна уредувачка политика и во отвореност кон нови идеи, со цел да ја зачуваме традицијата, но и да создадеме простор за современ израз.

Школата за модерни танци и новата просторија за млади бендови и пејачи го привлекуваат младото население. Кои резултати и интерес сте забележале досега?

Школата за модерни танци и новата просторијата за млади бендови и пејачи покажуваат дека младите имаат силна потреба од културен израз. Интересот е стабилен и охрабрувачки.
Овие содржини не само што развиваат таленти, туку создаваат чувство на припадност и институционална поддршка. Тоа е инвестиција во иднината на културниот живот на Прилеп.

Киното и салата на Центарот се користат за различни културни активности, од филмски проекции до концерти и изложби. Како овие простории придонесуваат за исполнување на културната мисија на Центарот?

Киното и салата на Центарот се клучни простори преку кои ја реализираме нашата културна мисија. Иако киното во моментов функционира со технички можности што овозможуваат МП4 проекции, сепак успеваме да понудиме внимателно одбрана филмска програма што ја одржува филмската култура во градот. За нас е важно континуитетот – публиката да има простор каде може да проследи филмска содржина и да ја негува навиката за кино-култура.
Салата, од друга страна, е централна сцена во која се одржуваат концерти, фестивали, свечени академии, театарски претстави – како на Народниот театар „Војдан Чернодрински“, така и на бројните гостувања од други театри, како и други културни манифестации што го збогатуваат јавниот живот во Прилеп.
Овие простории придонесуваат кон исполнување на нашата мисија преку тоа што обезбедуваат достапност на културните содржини за граѓаните. Тие се место на средба меѓу уметниците и публиката, простор каде што се создаваат спомени, емоции и заеднички културни искуства. Нашата определба е постепено да ги подобруваме условите и да продолжиме да ги развиваме програмите во согласност со можностите и потребите на заедницата.

НУЦК „Марко Цепенков“ е познат по високо професионални театарски, музички и ликовни дела, но и по поддршката на аматерите. Како се балансира оваа улога и кои проекти ви носат најголема гордост?

Балансирањето помеѓу професионалното и аматерското творештво не го доживуваме како предизвик, туку како природен дел од нашата културна мисија. Како национална установа, имаме обврска да одржуваме високи уметнички стандарди преку професионалните продукции – особено преку работата на Народниот театар „Војдан Чернодрински“, концертната дејност и ликовната програма. Истовремено, чувствуваме одговорност да бидеме отворени кон аматерските ансамбли, здруженија и поединци кои претставуваат важен сегмент од културниот живот на заедницата.
Овој баланс го постигнуваме преку внимателно планирана годишна програма, јасни критериуми за квалитет и отвореност за соработка. Професионалната продукција поставува стандард и пример, а аматерските активности внесуваат ентузијазам, автентичност и широка вклученост на граѓаните. Нам ни е важно институцијата да не биде затворен систем, туку жив културен простор.
Подеднакво сме горди на повеќе сегменти од нашето работење: премиерите и јубилејните проекти на Народниот театар „Војдан Чернодрински“, седумдесетгодишниот континуитет на списанието „Стремеж“, богатата изложбена активност на Ликовната галерија, како и традицијата и значењето на Ликовната колонија „Марко Цепенков“ – Дрен. Секој од овие сегменти придонесува за препознатливоста на институцијата и за културниот идентитет на Прилеп.
Нашата најголема гордост, сепак, е континуитетот – фактот дека институцијата опстојува, се развива и успева да ги обедини различните форми на уметнички израз под еден покрив, со почит кон традицијата и со отвореност кон иднината.

Во 2009 година Центарот ја доби најпрестижната награда на градот – „3-ти Ноември“. Какво значење има ова признание за оваа институција?

Наградата „3-ти Ноември“ има особена тежина затоа што доаѓа од градот – од заедницата за која и постоиме. Таа претставува признание за долгогодишната работа, посветеност и придонес во културниот развој на Прилеп. Кога една институција ќе биде препознаена од сопствената средина, тоа е најголемата потврда дека нејзината мисија има смисла и резултат.
Особено сме горди што во 2024 година наградата „3-ти Ноември“ ја доби Ликовната колонија „Марко Цепенков“ – Дрен, како признание за нејзиниот огромен уметнички придонес и трајното културно наследство што го создава. Во 2025 година, пак, оваа престижна награда му беше доделена на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ по повод 75 години постоење – значаен јубилеј кој сведочи за силна традиција и континуитет во македонската театарска уметност.
Овие признанија за нас не се само чест, туку и обврска – да продолжиме со уште поголема одговорност, професионалност и визија за идниот развој на институцијата.

Кои се најголемите предизвици со кои се соочува една културна институција во Прилеп денес и кои се вашите цели за иднината?

Еден од најголемите предизвици денес е одржувањето на висок квалитет на програмата во услови на ограничени финансиски и технички ресурси. Културните институции мораат постојано да се прилагодуваат на новите општествени навики, на дигитализацијата и на променетите интереси на публиката, а истовремено да го зачуваат својот идентитет и традиција.
Дополнителен предизвик е привлекувањето и задржувањето на младата публика, како и создавањето услови за нивно активно учество во културниот живот. Потребно е континуирано вложување во техничка модернизација, во кадровско јакнење и во развој на нови програмски концепти.
Нашата цел за иднината е постепено унапредување на инфраструктурата, зајакнување на продукциските капацитети и проширување на соработката со национални и меѓународни партнери. Сакаме НУЦК „Марко Цепенков“ да остане стабилна, современа и отворена институција, која ќе го чува културното наследство, но и ќе создава нови вредности.

Што би порачале на граѓаните на Прилеп за да ја посетуваат и поддржуваат културната програма на Центарот?

Културата не постои без публика. Таа живее преку луѓето што ја следат, ја поддржуваат и ја чувствуваат како своја. НУЦК „Марко Цепенков“ е институција што припаѓа на граѓаните на Прилеп – тоа е нивен простор за уметност, размислување, емоција и заедништво.
Ги повикувам сите генерации – од најмладите до повозрасните – активно да ја посетуваат нашата програма, да ги поддржуваат театарските претстави, концертите, изложбите, промоциите и сите културни настани што ги организираме. Со секое присуство, тие директно придонесуваат за опстанокот и развојот на културниот живот во градот.
Културниот пулс на Прилеп зависи од сите нас. Со заедничка поддршка, можеме да продолжиме да градиме институција што ќе биде современа, достоинствена и препознатлива, не само на локално, туку и на национално ниво.

Фотографии од албумот на Марија Попова Јованоска


Сподели на социјалните мрежи