76 ГОДИНИ НАРОДЕН ТЕАТАР „ВОЈДАН ЧЕРНОДРИНСКИ“

Сподели на социјалните мрежи

На денешен ден, во далечната 1950 година, пред точно 76 години, блесна светлото на сцената на тогашниот „Градски народен театар“ во Прилеп. Роден во услови во какви што се раѓаа речиси сите наши театри, на 18 февруари 1950 година, со премиерата „Кир Јања“ од Јован Стерија Поповиќ, во режија на Аце Михајлоски, Градскиот театар во Прилеп го започна својот професионален живот, продолжувајќи ги светлите традиции на предвоените аматерски трупи, кои претставуваа трибина преку која зрачеше слободарската мисла на напредните луѓе во градот.
Составен најмногу од млади и неискусни театарски работници, кои, освен преголемата љубов кон театарското дело и извесната аматерска рутина, не располагаа со ништо друго, поткрепен со грижата и помошта на народната власт и нескриената љубов и симпатии од прилепските граѓани, театарот ги направи своите први чекори. Чекори прилично несигурни, но затоа смели, кои се карактеристични за речиси целиот изминат пат на театарскиот колектив.
Првите актери кои несебично гореа на сцената беа: Рампо Ачески, Борка Димкароска, Благоја Кепески, Борка Солеска, Блага Аламлиоска, Блага Батаклиева, Рада Смилеска, Маре Русеска, Владо Спиркоски, Аце Михајлоски, Нада Гешоска, Цане Настоски, Димче Шилоски. Потоа доаѓаат и Димитар Гешоски, Кирил Жежоски, Благоја Ивчески, Благоја Спиркоски – Џумерко, Трајче Иваноски, Димитар Вандески, Лидија Иваноска, Андон Јовановски, Цветанка Чавлеска, Најдо Тодески , Марјан Чакмакоски, Виолета Чакарова и други актери.
Низ годините, различни генерации глумци редеа премиери една по друга; имаше и падови, но и успеси на Театарот. Досега се прикажани околу 370 премиери, одиграни се над 8.000 претстави, кои ги гледале повеќе од 2 милиони луѓе.
Денес, прилепскиот театар НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп слави 76 години од своето постоење.
За одбележување на роденденот Народен театар „Војдан Чернодрински“ роденденската недела ја слави со театарска програма на Сцена 105 во НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп: 16 февруари (Понеделник), „Синиот портокал“ Продукција: НТ „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ Велес, 17 февруари ( Вторник) ,„Фетишист“ – монодрама со Здравко Стојмиров Продукција: Здравко Стојмиров во копродукција со НУ ,,НТБ“, 18 февруари (Среда) , „Делириум тременс“ Продукција: Театарска работилница- Прилеп , 19 февруари (Четврток) „Црнила“ Продукција:НТ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, а Народниот театар „Војдан Чернодрински“ роденденската недела ќе ја заокружи со претставата ,,Црнила “ гостување во Македонски народен театар – Скопје на 21 февруари во 20:00 часот.
За одбележување на роденденот на театарот поставена е и ретроспективна изложба на фотографии од театарски претстави во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“.


Сподели на социјалните мрежи