Со претставата „Пламенка“, драматизација на истоимениот роман од Петре Димовски, Народен театар Битола ја отвора премиерната 2026 година. Премиерата ќе се одржи вечерва (19 февруари) во 20 часот на матичната сцена, а првите репризи се закажани за 24 и 25 февруари во истиот термин.
Станува збор за силна и длабоко емоционална сценска приказна за жената што не прифаќа да згасне – жена што преживува војни, загуби, ропства и самотија, но ја зачувува својата внатрешна светлина. Режијата ја потпишува Софија Ристевска Петрушева, која истакна дека делото на Димовски претставува исклучително важен сегмент од македонската книжевност и битолската историска меморија.
„Остануваме доследни на нашата визија – акцентот да биде на македонските автори и домашната драматургија. Минатата сезона ја отворивме со праизведба, а 2026 ја започнуваме со уште една – ‘Пламенка’“, нагласи директорот на театарот, Васко Мавровски.
Драматизацијата ја изработи Билјана Крајчевска, која низ повеќе верзии го обликувала романот во сценски текст што во концентрирана форма ја пренесува судбината на една жена – архетип на издржливоста и борбата за слобода.
Претставата е копродукција меѓу Интимен театар, Народен театар Битола и Центар за култура Битола, со поддршка од Министерството за култура и туризам.
Особен печат на сценската поставка ѝ дава и учеството на КУД Илинден Битола, чии играорци и кореографката Љупка Стефановска преку сценските движења ја оживуваат традицијата и нематеријалното наследство, спојувајќи го минатото со современиот театарски израз.
Музиката е комплетно авторска и е дело на Александар Талевски. Сценографијата ја потпишува Михаел Димитровски, костимографијата Андреј Ѓорѓиевски Папаз, видеото е на Владимир Переловски, додека фотографиите, графичкиот дизајн и авторските видеа се дело на Сашо Илковски.
Во претставата играат: Катерина Аневска Дранговска, Викторија Степановска, Маја Андоновска Илијевски, Вероника Ефтимова, Валентин Дамчевски и Давид Балтовски.
„Пламенка“ не е само нова премиера – таа е средба на литературата и театарот, на живиот автор и сцената, на зборот и емоцијата. Приказна што потсетува дека секоја епоха има свои Пламенки – жени што одбиваат да згаснат.















