ДЕНИС ДИМОСКИ – ГЛАС ШТО ОСВОЈУВА

Сподели на социјалните мрежи

Од Детската Евровизија до Македонската опера и балет, разговор со пејачот и менторот што ги инспирира младите таленти.
Денис Димоски е еден од познатите македонски вокални артисти со богата кариера што започнува уште во детството. Од освојувањето на награди на престижни меѓународни фестивали како „Славјански базар“ и „New Wave“, до претставувањето на Македонија на Детската Евровизија, Денис го гради својот пат како интерпретатор на различни музички жанрови – од поп и поп-рок, преку R&B и народна музика, до класична оперска сцена.
Покрај своите сценски успеси, тој е и посветен ментор во приватното музичко училиште „Матрикс“, каде ги поддржува младите таленти да го развијат својот потенцијал и да ги освојуваат првите музички сцени. Во ова интервју, Денис зборува за својот пат, инспирациите, предизвиците и радоста од музиката што ја споделува со публиката и со своите ученици.
Вашиот музички пат започнува уште од најрана возраст. Што беше пресудно музиката да стане ваша животна определба?

– Уште во предшколска возраст сум пројавувал желба за музика, особено за пеење. Како многу мал сум пеел заедно со мојот дедо на семејните прослави. Дедо ми е првиот човек кој што ме однесе на аудиција во основно музичко училиште и од тука започнува моето музичко патешествие.
Формалното музичко образование го стекнавте на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Колку академската дисциплина влијаеше врз вашиот вокален и сценски развој?

– Апсолутно е неминовно да се има добро музичко образование ако човек сака да биде професионален музичар, пејач или вокален ментор. Талентот ни е даден од Бога, но без правилна работа тој останува “суров материјал” што не може да се искористи на сцената, особено во оперската уметност каде што се’ се случува во живо, а уметникот речиси и да нема право на грешка.
Дипломата е документ што се добива за успешно завршено школување со одреден просек, но дипломата не пее на сцена.😄😄
Уметникот / пејачот е тој што треба да ја направи магијата на сцена, на секој настап одново и одново…За мене работата на еден пејач и сопствената професионална надградба не завршува додека е човек жив, барем во оваа наша професија.
Освоивте бројни награди на престижни меѓународни фестивали, меѓу кои и „Славјански базар“. Кое признание за вас има најголема емотивна и професионална тежина – и зошто?

– На мое големо задоволство можам да се пофалам со многу освоени први и Гран – При награди на фестивали и натпревари за пеење во Македонија и во странство. Би ја издвоил победата, за мене и Македонија, на еден голем меѓународен фестивал во Украина “Мајбутне краини” во 2007 – ма година. Точно за време на мојот престој во Украина почина мојот дедо, а настапот во големото финале и победата му ги посветив нему. До ден денес ми поминуваат морници по телото кога ќе се сетам на настапот.
Исто така ми беше голема чест како прилепчанец, уште како дете, веднаш по настапот на Детската Евровизија да ја добијам престижната 3-то ноемвриска награда.
Во 2005 година ја претставувавте Македонија на Детската Евровизија со песната „Роденденски бакнеж“. Како денес, со ова искуство зад себе, гледате на тој настап и неговото влијание врз вашата кариера?

– Едно од најубавите, најпозитивните, највозбудливите и најголеми музичко-сценски искуства за мојата кревка возраст тогаш. Една од најважните точки во мојата детска музичка кариера со која што ме запозна пошироката публика во Македонија и ми отвори можности за настапи на редица фестивали, натпревари и музички манифестации во Светот. Од денешен аспект и по толку години јас сум задоволен од целокупниот настап, пласманот (8-мо место) и најважното, тоа што песната сеуште живее и кај денешниве деца.
Вашиот репертоар опфаќа поп, поп-рок, R&B, народна и класична музика. Колку е предизвик да се одржи автентичноста кога се работи со толку различни жанрови?

– Навистина е голем предизвик за еден пејач да проба да плива во различни вокални жанрови и да исплива успешно. Потребна е дисциплина на гласот, редовно тренирање на гласилките, соодветна техничка подготвеност на гласот, знаење и умеење, но и емоционална интелигенвија и зрелост. Пливањето во различните музички жанрови бара голема претпазливост, прецизност и свесност за тоа каде и како пејачот го користи својот глас, за да се избегнат било какви несакани ефекти врз гласот.
Денес сте дел од Македонската опера и балет и имате значајни улоги во оперски и музички продукции. Кој сценски лик досега најмногу ве предизвикал како уметник?

– Операта за мене претставува Кралица на уметностите, затоа сум одлучил да се насочам кон таа музика изминативе неколку години, особено после моето дипломирање. Следен голем предизвик за мене е главната тенорска улога во “Севилскиот бербер” од Џ. Росини Гроф Алмавива. Се работи за колоратурна тенорска улога со многу специфични и захтевни колоратурни делници. Токму на тоа работиме со мојот ментор изминатиов период. Се надевам ќе го имам задоволството да ја изведам во блиска иднина.
Победата на „Casting Talent Show“ и улогата во мјузиклот „Тајно моја“ посветен на Тоше Проески беа особено забележани од публиката. Каква одговорност носи интерпретацијата на дело посветено на таква музичка легенда?

– Да се игра ликот на Тоше Проески за еден млад, сеуште недипломиран пејач во тоа време како мене, беше огромна одговорност и чест од друга страна, за укажаната доверба на тогашната дирекција на МОБ и мојот тогашен вокален ментор Игор Дурловски. Да се испеат 13 од песните на Тоше во еден таков сценско-музички облик, во живо со оркестарот на МОБ, исто така е голем предизвик, затоа што сите знаеме какви вонсериски музички квалитетот поседуваше Тоше и колку квалитетна и захтевна за изведба е неговата музика.
За мене Тоше беше и ќе остане мој музички идол. Почнав да пеам со неговите песни уште од најмала возраст и ќе ги пеам додека имам глас. И не само музички идол…Идол во многу поширока смисла, пример за тоа како еден млад човек треба да се однесува во секој поглед на животот. Нека биде пример и за сите наредни генерации.
Покрај активната изведувачка кариера, работите и како ментор во приватното музичко училиште „Матрикс“. Што за вас значи работата со млади таленти?

– Најблагородната работа на Светот. Нема ништо поубаво од тоа да можеш своето музичко знаење и искуство успешно да го пренесеш на помладите генерации музички таленти.
Вашите ученици освојуваат бројни награди. Каков е вашиот педагошки пристап и што сметате дека е најважно во развојот на еден млад пејач?

– На мое големо задоволство имавме неколку многу плодни години со дел од моите ученици. Настапи со победи и освоени награди на натпревари за пеење во Македонија и по Светот. Признанија за вокалните достигнувања на моите ученици од Светската асоцијација на фестивали. Се гордеам со секој нивен успех.
Најважното за правилен развој на еден млад пејач е правилен пристап и избор на соодветни вежби за вокална надградба. Секој пејач си има своја посебна карактеристика и автентичност. Јас знам да кажам: Секое пиле треба да си пее со својот глас. Токму тоа е улогата на вокалните ментори. Со правилен пристап, соодветна техничка подготовка и правилен избор на вежби за дадениот глас, да се изваде максимумот и најдобрата верзија од секој пејач.
Како наоѓате баланс меѓу сценската кариера, работата во институција како МОБ и едукативната улога?

– Како дете кога ќе ми се натрупаа многу обврски: училиште, тестови, музичко училиште, постојано патување до Скопје за интервјуа, проби за настапот на Евровизија…Во тоа време и јас бев дете, а имав многу малку слободно време. И кога знаеше да згусти со премногу обврски, а јас дете како дете сакам да играм ГТА на компјутер, татко ми ќе ми речеше: Работа, работа и само работа го краси човекот. Трпение, спасение…И до ден денес се водам по тие зборови. Иако понекогаш се случува да немам време на раат да јадам во денот, не се жалам.
Кои се вашите идни планови – дали повеќе се насочувате кон оперската сцена, авторска музика или менторството?

– Како што спомнав погоре периодов работам на Гроф. Алмавива, главната тенорска улога во “Севилскиот бербер” од Росини.
Веќе е при-крај мојата нова авторска песна која што е планирано да излезе на почеток на летото со видео спот. Една певлива, брза и заразна мелодија што ми влезе во глава од прво слушање.
Со моите ученици неуморно работиме и се спремаме за следните музички настани и предизвици. Дел од нив годинава ќе имаат можност да ја претставуваат Македонија на големи музички манифестации и фестивали низ Европа. Но за тоа ќе зборуваме во иднина.


Сподели на социјалните мрежи