ВО ЈОУ ГРАДСКА БИБЛИОТЕКА „БОРКА ТАЛЕСКИ“ ОДБЕЛЕЖАН 21 ФЕВРУАРИ – МЕЃУНАРОДНИОТ ДЕН НА МАЈЧИНИОТ ЈАЗИК

Сподели на социјалните мрежи

Со пригодна и емотивна програма, во ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ во Прилеп беше одбележан 21 Февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик. Во одбележувањето учествуваа учениците од ООУ „Климент Охридски“ – Прилеп, кои преку рецитации и настапи ја истакнаа љубовта кон мајчиниот збор и книгата.
Од библиотеката потенцираа дека во време кога на половина од јазиците во светот им се заканува изумирање, особено е значајна грижата за зачувување и унапредување на македонскиот јазик, како темел на културниот и националниот идентитет.
„Во време кога на половина од јазиците им се заканува изумирање, ние како чувари на македонскиот јазик и на пишаното културно наследство, остануваме посветени на заложбата за чување и поголема промоција на нашиот мајчин јазик, особено кај најмладите. А пак денешните наши гости покажаа и докажаа дека зборот живее кај младите, во нивните срца и во нивната љубов кон мајчиниот јазик и книгата воопшто“, истакнуваат од библиотеката.
Настанот го водеше м-р Маја Камшикоска, а од установата упатија благодарност и до менторите кои посветено работат со учениците, вложувајќи труд во негувањето на љубовта кон мајчиниот јазик кај младите генерации.
„Нашата установа ќе продолжи со чување, негување и промоција на македонскиот литературен јазик како своевиден чувар на нашиот идентитет“, порачуваат од библиотеката, честитајќи го 21 Февруари – Меѓународниот ден на мајчиниот јазик.
Со вакви активности, прилепската библиотека уште еднаш ја потврдува својата улога како културен столб и простор во кој јазикот, книгата и младите генерации се среќаваат во заедничка мисија – зачувување на зборот и јазикот како трајна вредност.
Фото: ФБ на ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп


Сподели на социјалните мрежи