ЕМИЛ СОЛЕСКИ: КАМЕНОТ Е МОЈОТ ЈАЗИК, А ПРИЛЕП МОЈАТА ТРАЈНА ИНСПИРАЦИЈА

Сподели на социјалните мрежи

Разговор со Емил Солески, вајар и професор по ликовна уметност, за творечкиот пат, образованието и современата улога на уметникот.
Прилеп е градот од кој тргнува и во кој постојано се враќа уметничката мисла на вајарот и професор по ликовна уметност и културно-историско наследство Емил Солески. Роден во 1969 година во Прилеп, образуван на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, Солески повеќе од две децении создава препознатлив скулпторски израз во камен и мермер, со бројни самостојни и групни изложби, учества на ликовни колонии и значајни монументални дела. Паралелно со уметничкото творештво, како професор, активно работи на едукација на младите и на афирмација на ликовната уметност и културното наследство. Со него разговараме за почетоците, за изборот на каменот како медиум, за изложбите и одговорноста на уметникот денес.
Роден сте во Прилеп, град кој често го спомнувате како своја главна инспирација. На кој начин просторот, историјата и духот на Прилеп се вградуваат во Вашето творештво?

Прилеп е град со богато културно-историско и прироно наследство. Околината со монолитни камени форми и култни места од различни периоди, сакралната и профана архитектура, скулптурите од мермер, духот на чаршијата, како дел од моето секојдневие ме изградија и се причина никогаш да не посакам да заминам од него. Ќе се обидам вака да објаснам….повеќе од пола живот сум со жена ми која е велешанка…скоро исто толку време, половина од денот го поминувам во Крушево…значи пола сум велешанец, пола кушевчанец……АМА….табиетот прилепски тежи како каменот….ха,ха,ха.
Вашиот интерес за ликовната уметност се појавува рано. Кога и како ја почувствувавте првата потреба да се изразувате преку форма и материјал?

Од оваа гледна точка би рекол дека формата и каменот се мојата прва љубов. Од кога памтам за себе, од прошетките низ природа секогаш се враќав дома со малецко, убаво по форма камче во џебот, кое го поставував во некој дел од домот, изложено на видно место. И денес го правам истото, само што сега се загледувам и во поголеми камчиња, кои ќе ми „проговорат“ на поминување. Додека растев си играв со кал и песок а цртежите се појавуваа спонтано, тематски неповрзани, со различни материјали и на разни површини. Креативната слобода ја подобрував со анализа на цртежот со туш од селска куќа во с. Селце изработена од Аче, која во 1962 година ја купил дедо ми.
Омилен ден за на училиште ми беше сабота кога имавме ликовна секција со наставникот Илија Миноски-Мината во ОУ„Климент Охридски“, а во средно хемиско ја изненадив проф. Виолета Грабулоска со човечка фигура од гипс. Ама кој ти мислел…и така, по завршување на средното образование и неколку „изгубени“ години на промашен факултет (сите учеа, јас цртав) и хонорарни работи (заработените пари ги трошев за материјали за сликање), одлучив да се запишам на Ликовната академија во Скопје.
Студиравте вајарство на Факултетот за ликовни уметности во Скопје. Колку академското образование беше клучно за оформување на Вашиот уметнички јазик?

Факултетот за ликовна уметност за мене беше голем пресврт, еден вид на „освестување“ за моите ликовни афинитети и можност да практикувам различни техники во скулптурата, но и повторно да влезам во лабораторија на часовите по конзервација и реставрација. Пред да се запишам изработив портрет од глина по жив модел кој го виде Жарко Башески, тогаш асистент на академија, и ми рече: -Шо си чекал до сега, пакувај торбицата и Скопје. За приемен испит се спремав во неговото ателје во Сарај со група на други кандидати, а проф. Драган Попоски-Дада кој имаше ателје во близина, редовно го консултирав и така уште повеќе напредував. Влегов на одделот вајарство во класата на проф. Бранко Конески и го завршив факултетот како студент на генерација. Дипломирав под менторство на проф. Жарко Башески како вајар, конзерватор реставратор со што се затвори кругот на моето образование со искуства пренесени од три маркантни лика на македонската скулптура.

Од самиот почеток се определивте за работа со камен. Што е тоа што Ве врза токму за овој материјал?
– Природните камени форми во околината на Прилеп отсекогаш предизвикувале воодушевување и посебно чувство кај мене, што сигурно го стимулира мојот творечки порив. Ние сме град со карактеристично природно богатство од разни видови мермер. Посебно белиот мермер за мене претставува благороден материјал кој го победува времето, симбол на чистотата кој ме поврзува со духовното и трансцедентното. Би сакал да појаснам дека изработката на скулптура од камен бара доста психофизичка подготовка и материјални услови.
Дали покрај каменот чувствувате потреба да експериментирате и со други медиуми?
– Кога сум во креативна бура имам потреба да експериментирам со други медиуми. Во слободно време сеуште сликам а повеќе од 10 години изработувам Гран При и 10 пропратни награди во керамика, кои се доделуваат на ФНИП „Пеце Атанасовски“.
Тајна љубов од мал ми е фотографијата заради чичко ми Орде, фотограф карши поштата, каде трошев слободно време и се воодушевував на магијата на фотографијата, посебно на ретушот на негативи што го правеше тој. И така си купив апарат „Зенит“, ги совладав техниките на фотографирање, развивање на негатив и вадење фотографиија со копир апарат. Потоа дојде дигиталното време и напоредно со се друго продолжив да се занимавам со дигитална фотографија и комјутерско едитирање.
Вашиот творечки израз се проширува и кон театарот и мултимедијалните проекти. Како се развиваше тој дел од Вашата работа?
– Во 2005 една случајна средба со Игор Трпчески се разви како ангажман за подготовка на сценографија, документарна фотографија и плакат за претставата „Оркестар ТитанХ“ по што се случи соработка со театарот „Војдан Чернодрински“ за чии потреби работев документарна фотографија од претстави. Соработката со Трпче продолжи со сценографија за претставата „Големата измама“ произлезена од стрипот Алан Форд и ТНТ. Големото креативно изненедување што си го приредив себеси и на другите, беше моето актерско претставување на „штиците што живот значат“ со три улоги во истоимената представа каде го глумев Шефот на групата, татко и свиња (тие што читале стрип „Алан Форд“ знаат за што се работи)….ха, ха, ха.
И така во меѓувреме сеуште чкрапам со апаратот и по тастатурата од компјутерот во дизајнирање на корици за литературни дела, плакати, каталози за изложби и други подготовки за печатење.
Мултимедијалниот израз како одраз на времето го начнав со композиција на скулптури од дрво, која во 2003 со наслов „КОРИЈА“ ја поставив во бањата, можност прилепчани да се потсетат а некој и прв пат да влезат во овој запуштен и оставен на забот на времето објект во центарот на градот. Кон идејата за афирмација и зачувување на културно-историското наследство се приклучија Гоце Јованоски и Бранислав Николов од „Фолтин“, со што за прв пат а до сега и последен, ја доживеавме двојната бања како изложбен простор со одлична акустика.
Во 2018 заедно со Дарко Талески и Јасмина Руневска во Македониумот го поставивме аудиовизуелниот проект „Мапирај го Крушево“ кој беше обид за актуелизација на подзаборавените места. Истиот беше презентиран во Меморијалниот музеј „11 Октомври“ во Прилеп.
Во 2022 година го реализирав мултимедијалниот проект „Керамикум во мермер“ каде се фокусирав на недоволно истражени аспекти на македонската историја и култура, со цел да привлечам внимание кон значајни, но запоставени локалитети и теми. Инспириран од Неолитот, проектот содржи композиција од 28 мемерни, архитектоско – скулптурални објекти и експериментален филм „ЖЕЛБЕНИК“ кој заедно со Марко Солески го снимивме во 5 неолитски локалитети низ Македонија. Проектот беше презентиран во Заливот на коските – Охрид и Музеј на Македонија – Скопје, а во 2023 во „Македониумот“ во Крушево.
Во 2024 во 8 Домови на култура низ Македонија го поставив мултимедијалниот триптих „Генеза на хроничната мистерија“ кој го продуциравме со Марко Солески. Концептот е ликовно – просторен експеримент, фантастична дијагонала на „архаичниот“ и дигиталниот идентитет, во кој истражувам теми како губењето на идентитетот, духовната празнина и социјалниот дисбаланс. Триптихот се формира со проекција на аудио-визуелни елементи врз просторно поставени ликовни метафори: распаднато огниште, кантар без тег и празна лулка со што ги прикажав различни аспекти на општествените и културните кризи.
Во Вашите циклуси, како „Ритам“, „Момент“ и „Музички орнаменти“, често се зборува за звук, тишина и внатрешни состојби. Од каде произлегуваат овие теми?
-Во спомнатите циклуси се изразувам преку слободни, апстрактни форми кои произлегуваат од тишината, ритамот на животот и музиката кои се дел од мојот живот (татко ми и брат ми свиреа гитара а син ми свири народни инструменти). Процесот започнува со мисловна скица која се појавува во креативен немир, синтетичко размислување кога звукот и тишината се претвораат во форма. Моментот е минлива состојба на времето, односно материјата може да носи енергија и вибрација низ времето, па кога „го барам звукот на каменот“ доживувам ехо од минатото.
2025 година ја поставив изложбата „Насмеани лица и сосојби“ каде се претставив со неколку нови размисли за и околу постоењето и опстојувањето. Фигуративните скулптури од глина, оникс и мермер ,,Да си излезеш од кожата“, ,,Напнат, да не речам распнат“ и композицијата „За уметникот и неговите Пиериди“ во себе носат своевиден психолошки профил на времето кое го живееме. Контемплацијата кај скулптурите ја поставив во контраст со сликани портрети „Насмеани лица“, надополнувајќи ја празнината на духовното надградување кое денес и тоа како нам ни е потребно.
Автор сте и на значајни монументални дела и споменици. Каква е разликата помеѓу интимното вајарско дело и јавната скулптура со историска симболика?
Ангажираната уметност си дојде сама по себе. Прво како вајар, конзерватор-реставратор ги изработив бистите на народните херои на Могилата на непобедените што претставуваше предизвик, со оглед на оскудните визуелни податоци за ликовите. Потоа дојдоа спомениците на Пере Тошев и Пеце Атанасовски кои се поставени во централното градско подрачје. Во изработката на овие дела успеав да ја зачувам интимноста и белегот што сакам да остане како дел од моето творештво.
Паралелно со уметничката работа, Вие сте и професор по ликовна уметност и културно-историско наследство. Како денешните млади ја доживуваат уметноста и дали имаат простор за вистинска креативност?
Во мојата 25 годишна образовна работа во Крушево сум имал ученици кои повеќе или помалце биле заинтересирани за ликована уметност или умееле ликовно да се изразуваат. Младите ја доживуваат уметноста според своите афинитети. Успехот во мојата работа го гледам преку создавањето на простор за поттикнување на креативна слобода, независно со која професија секој од нив замислил или во иднина ќе се занимава. Овој пристап функционира и го потврдиле родители на мои ученици, кои биле мои ученици….ха,ха,ха. Работата како ликовен педагог не ја сфаќам сувопарно…час, задача, оценка. Важно ми е учениците да почувствуваат дека се дел од просторот во кој живеат, односно да им се даде креативна слобода да го подобрат и разубават. Како резултат на ваков пристап се проектите „Обои камен, обои мозаик на македонски јазик 1 и 2“ и „Пијано за Тоше“.
Во 2025 година добивте и признание од Општина Крушево за придонес во областа на уметноста. Колку ваквите признанија се важни за еден уметник, или најважна останува личната потреба за создавање?
Ваквите признанија за мене се стимулација на личната потреба за творење. Покрај спомнатата, посебно ме радуваат признанијата од државата и надвор како ликовен педагог и наградата за најдобро дело во 2024 г. од Друштвото на ликовни уметници – Прилеп, кои се потврда за моето одговорното и професионално работење низ годините.
Кога би требало со една порака да им се обратите на младите кои размислуваат дали уметноста може да биде нивен животен пат – што би им кажале?
-Уметноста е во природата, вие само бидете отворени и слободни да ја доживеете и интерпретирате во било која област на своето живеење. Ако сакате да бидете уметник, тогаш моливот во рака и цртајте. Линијата ќе ви го покаже патот.


Сподели на социјалните мрежи