ПРИЛЕП ВИКЕНДОВ ДИШЕШЕ ВО РИТАМОТ НА „ПРОЧКА 2026“ – ЈУБИЛЕЈ ШТО ЈА СПОИ ТРАДИЦИЈАТА И СОВРЕМЕНИОТ КАРНЕВАЛСКИ ДУХ

Сподели на социјалните мрежи

Од 20 до 23 февруари, Прилеп беше обоен во боите на маските, музиката и вековната традиција.
Викендов градот ја живееше својата карневалска приказна – „Прочка 2026“, година во која се одбележаа два значајни јубилеи: 25 години организиран прилепски карневал и повеќе од 100 години од организираното излегување на „Прилепските мечкари“.
Карневалските денови започнаа со изложбата на маски/сурати изработени од учениците од основните и средните училишта, поставена во Центар за култура „Марко Цепенков“. Креативноста на младите, поддржана од нивните наставници, беше увертира во викенд исполнет со боја, фантазија и традиција.
Саботата му припадна на детскиот карневал – дефиле кое по неколку години пауза повторно ја разбуди радоста кај најмладите. Стотици деца продефилираа низ градот со внимателно осмислени маски, а прилепчани уживаа во нивната креативност и непосредност. Неделата беше резервирана за централното дефиле, на кое учествуваа повеќе од 500 маскирани учесници – групни и поединечни – од Македонија и од странство.
Особена чест за фестивалот беше присуството на претседателот на Федерација на европски карневалски градови, Ларс Алгел, што претставува значајно признание за прилепската карневалска традиција и нејзиниот континуитет на европската сцена.
Фестивалот, во организација на Општина Прилеп и Здружение „Прилепски мечкари“, заврши со доделување на наградите за најуспешните маски на Меѓународниот карневал „Прочка“ 2026.
Гран при:
„Весела фарма“ – ООУ „Добре Јованоски“
Детски карневал:
1.„Од цветот на знаењето се раѓа медот на успехот“ – ООУ „Кочо Рацин“

2. „Шах-Мат“ – ООУ „Рампо Левката“
3„Јинг Јанг“ – ООУ „Кире Гаврилоски Јане“
Возрасни групни маски:
1.„Пепелашка на карневал“ – Зодијак
2.„Прилепска златна кралица“ – СОУ „Ѓорче Петров“
3.„Врховниот совет на смарагдите“ – Здружение за развој и едукација
Поединечни маски:
Детска: „Gothic girl“ – Мидеа
Возрасни: „Puxelstar“ – Мила Спиркоска
Покрај официјалната програма, градот живееше во духот на Прочка и низ бројните забави по локалите, како и низ традицијата децата маскирани да шетаат од куќа на куќа, барајќи прошка и благослов. Карневалската атмосфера се чувствуваше на секој чекор – од централното градско подрачје до манастирската трпеза.
Фестивалот завршува со традиционалниот заеднички ручек на мечкарите во манастирот „Св. Ѓорѓија“, денес (понеделник 23.02.2026), симболично затворајќи едно јубилејно издание кое покажа дека „Прочка“ не е само настан, туку живо културно наследство што се пренесува од генерација на генерација.
Со успешната организација и богата програма, Прилеп уште еднаш потврди дека е еден од најпрепознатливите карневалски градови во регионот – град што знае да ја негува традицијата, но и да ѝ даде современ, меѓународен сјај.

„Шах-Мат“ – ООУ „Рампо Левката“


Сподели на социјалните мрежи