Разговор за творештвото што се развива повеќе од седум децении – од детските песнички до обемниот романескен и драмски опус.
Со повеќе од четири децении активна книжевна работа и над четириесет објавени дела, Мирјанка Ристеска Селчанец е препознатливо име во современата македонска литература. Родена во Прилеп во 1944 година, таа својот живот го преточила во романи, поезија и драмски текстови, оставајќи сведоштво за едно време, за семејството и за градот што го носи во срцето. Нејзините промоции, награди и книжевни вечери се случувале низ годините – од првите јавни настапи, па сè до претставувањето на седум нови книги во Скопје. Во разговорот што следува, таа отворено зборува за аманетот на дедото, за доцното појавување на книжевната сцена и за потребата да се пишува – додека има здив.
Родени сте во штотуку ослободениот Прилеп, во 1944 година. Колку детството ја одреди Вашата творечка судбина?
Родена сум на 3 декември 1944 година, како Мирјана Мирческа, во едно чесно и топло семејство. Моите родители, Анка и Методија, ми ја дадоа првата и најважна лекција – љубовта. Но, ако треба да го посочам „виновникот“ за мојата фантазија и љубов кон зборот, тоа е дедо ми Рампо. Ми рече: „Пишувај за сè што гледаш, за да создадеш животна симфонија“. Тоа ми стана водилка. Од него ја наследив мудроста, љубопитноста и потребата да го гледам светот со внатрешни очи. Почнав да пишувам на осум години. За мене, тоа не беше хоби – туку дишење.
Уште како дете сте биле активни во културниот живот на Прилеп.
Да, од десеттата година бев уредник и водител на Пионерската емисија на Радио Прилеп. Рецитирав, глумев, свирев виолина, посетував курс по графичко цртање… Секоја приредба започнуваше и завршуваше со мене – така велат. Моите први песни беа објавени во „Титов пионер“ и во „Колибри“. Тоа беа години кога талентот се калеше со дисциплина и љубов.
Вашето образование е импресивно и разновидно – од јазици до право. Како се вклопи тоа со литературата?
Завршив Педагошка академија – англиски и македонски јазик, а потоа и Правен факултет, со положен правосуден испит. Работев како наставник, библиотекар, а најдолго како правен советник. Но, пишувањето никогаш не престана. Пишував ноќе, меѓу обврските како сопруга и мајка. Верував дека „што е твое – ќе си дојде“. И дојде.
Јавно се афирмиравте релативно доцна. Дали тоа беше свесна одлука?
Приоритет ми беше семејството. Се радував на успесите на сопругот Ице, на децата, на внучињата. Моите ракописи чекаа. Но, со поддршка од пријатели и колеги, конечно го отворив „кафезот“. Трилогијата „Приказни за Марко“ беше моето прво големо излегување пред јавноста. Потоа следуваа монодрамите – „Камен на душата“, „Мактуб“, „Живи закопани“… Актерот Мите Грозданов ја изведе „Чекајќи го Илко“ повеќе од 300 пати – тоа е посебна чест.
Вашето творештво е жанровски разновидно – од поезија до романи и драми. Кои фази би ги издвоиле?
Првата фаза е детската – чиста, искрена, полна со фантазија. Потоа доаѓа драмската – монодрами и дуодрами, каде човекот се соочува со себеси. Следува романескната фаза: трилогијата „Прилепчанки“ („Гена“, „Маргарита“, „Анка“), „Насадена љубов“, „Бунтовник со причина“, „Интимни исповеди“… Особено место има автобиографскиот роман „Лет кон божилакот“. Поезијата, пак, е мојата внатрешна молитва – „Еден бакнеж“, „Венец од мирта“, „Крлушки од душата“, како и изборот „Верувам дека смислата на животот е во љубовта“.
Љубовта е централна тема во Вашата поезија.
Љубовта е мојата филозофија. Детската, неостварена симпатија; зрелата љубов кон сопругот; мајчинството; радоста од внучињата; љубовта кон татковината и родниот Прилеп. Сè е љубов. Дури и болката. Без љубов, зборот е празен.
Добитник сте на бројни награди, меѓу кои и „Награда на градот за животно дело“ на Прилеп. Што значи тоа признание?
Тоа е благослов од мојот град. Кога Прилеп ќе ве прегрне, тоа е како мајчина прегратка. Наградите се потврда, но најголемата награда е кога читателот ќе се препознае во вашите зборови.
И на 80 години продолжувате да творите.
Тоа е мојот седми подвиг – што сум жива, здрава и што уште пишувам. Во компјутерот ме чекаат нови романи, раскази, есеи. Ако Бог милува, ќе ја видат светлината на денот.
Фотографии од архивата на Мирјанка Ристеска Селчанец

















