„ЖЕНАТА КАКО ДВИГАТЕЛ НА ПРОМЕНИ“ – ПАНЕЛ ДИСКУСИЈА НА РОТАРАКТ КЛУБ ПРИЛЕП

Сподели на социјалните мрежи

Вчера вечер (04.03.2026) по повод 8-ми Март – Денот на жената, Ротаракт клуб Прилеп во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“ организираше панел-дискусија на тема „Жената како двигател на промени“, на која се отворија значајни прашања за улогата на жената во современото општество, нејзината рамноправност и влијание во различни сфери од јавниот и приватниот живот.
Пред присутните свои излагања имаа Даниела Перканоска од „Авто контрол“ – станица за технички преглед, како претставник на бизнис-секторот, Андријана Ристеска – директор на Градската библиотека „Борка Талески“ и претседател на Клубот на литературни творци од Прилеп, како и Марија Спиркоска Илијеска – актерка и дел од Театарскиот фестивал за деца „Силјан Штркот“.
Модератор на настанот беше Марија Трајкоска, која низ серија отворени прашања ја водеше дискусијата и пред полната сала ги отвори размислувањата на панелистките за позицијата на жената во општеството, нејзината рамноправност, како и за улогата што ја има во семејството, културата и бизнисот. Низ лични искуства и примери од својата професионална и животна практика, говорничките говореа за предизвиците, но и за можностите кои ги носи современото време.
Со своите искрени и инспиративни излагања тие го задржаа вниманието на присутните, а дискусијата поттикна и прашања и коментари од публиката, со што настанот доби интерактивен карактер.
По завршувањето на панел-дискусијата, претседателот на Ротаракт клуб Прилеп, Христи Николоски, по повод 8-ми Март им подели цвеќе на панелистките, изразувајќи благодарност за нивното учество и придонес во разговорот. Воедно, тој ги најави и следните активности на младите ротаријанци во градот.


Сподели на социјалните мрежи