Во Прилеп повеќе од две децении пулсира еден ритам што обединува генерации – ритамот на Танцовиот спортски клуб „Темпо“. Формиран во 2004 година од визијата и ентузијазмот на г-ѓа Славица Илиоска, клубот прерасна во препознатлив симбол на спортскиот танц во градот. Како лиценциран клуб и член на Танцова спортска федерација на Македонија, со активна поврзаност со World Dance Sport Federation (WDSF), „Темпо“ е еден од двигателите на танцовата култура и спортскиот дух во Прилеп. Носител на Третоноемвриската награда во 2011 година за успешна едукација на деца и придонес во развојот на танцот, клубот денес зад себе има 22 години посветена работа, бројни настапи на национални и меѓународни шампионати, организација на натпревари, фестивали и хуманитарни концерти, како и безброј млади танчери кои преку танцот ја изградиле својата самодоверба, дисциплина и љубов кон уметноста и спортот.
Во продолжение разговараме со основачот и лиценциран тренер за почетоците, предизвиците, успесите и идните визии на клубот.
Како се роди идејата за формирање на Танцовиот спортски клуб „Темпо“ во 2004 година и со каква визија започнавте?
Пред 22 години започнав една успешна приказна создавајќи жив, културен простор каде се слави и разменува љубовта кон танцот. Како силно мотивиран ентузијаст си поставив пред себе си сериозен проект со голема енергија, страст и искрена желба да бидам двигател на промена ,да учам и создадам нешто значајно, што би придонело во локалната заедницата да се одржи жив духот на танцот.
Кои беа најголемите предизвици во првите години од постоењето и што беше клучно за клубот да опстои и да се развива 22 години?
Започнав со мали чекори но секој чекор колку и да е мал носи напредок. Но со вистинска посветеност проектот не е само мисла туку реалност во создавање. Во првите години од постоењето на ТСК ТЕМПО најголем предизвик беше да се чекори таму каде што патот не беше се уште трасиран но кога срцето гори и најтемниот пат станува осветлен. Улогата на двигател, мотор на енергијата и креативноста во ТСК ТЕМПО ја сватив од првиот ден многу сериозно и со активна посветеност во тренажниот процес, како и во менаџирањето на клубот. Основен мотив при создавањето на клубот и она што беше клучно беше идејата да работам професионално и да ги исполнам сите потребни услови за клубот да оствари членство во Танцовата Спортска Федерација на Македонија и да се вклучи со свои натпреварувачи во Националниот систем на натпревари. Се заложив да ги исполнам сите услови и правни работи, обезбедување на објект според пропишаните стандарди за спроведување на тренинзите,соодветен стручен кадар а најважно од се, дозвола за работа од Агенција за Спорт и Млади и Танцовата Спортска Федерација на Македонија.
Кои натпревари, шампионати или моменти ги издвојувате како најзначајни во историјата на „Темпо“ и што значеше за Вас Третоноемвриската награда?
Не би можела да издвојам некој шампионат зошто за мене се сите значајни, а низ годините моите натпреварувачи покажале добар квалитет и успех. Поминале многу успешни генерации и не би сакала да издвојувам. За мене лично и од особено значење е наградата и признанието што сум го добила од Локалната заедница каде што егзистира клубот, од мојот сакан Прилеп, а тоа е Третоноемвриската награда која се доделува на личности кои дале придонес за нејзино унапредување и развој.
Колку значи членството во Танцовата спортска федерација на Македонија и поврзаноста со WДСФ за квалитетот на работа и можностите за танчерите?
Членството на ТСК ТЕМПО во Танцовата Спортска Федерација на Македонија и поврзаноста со најзначајната организација во областа на танцот на светско ниво (Wорлд ДанцеСпортФедератион) е од непроценливо значење,како за квалитетот на работа така и за можноста што им се дава на танчериоте, да се најдат на Светската листа на натпреварувачи. Тоа значи да се учи од најдобрите. Чест и привилегија ми е да бидам член на Танцовата Спортска Федерација на Македонија и WДСФ. Уште поголемо е задоволството да се учи од најдобрите судии, тренери и инструктори а уште поголем предизвик е да им се конкурира на најзначајните имиња на танцовата сцена во Македонија. Тоа се организации со најголем пиетет и легитимитет кога се зборува за Спортскиот танц. Танцовата Спортска Федерација е призната од Министерство за Спорт, Сојуз на Стари Спортови, Олимписки Комитет, Факултет за физичко образование, спорт и здравје.
Кои вредности и животни лекции ги учат децата преку спортскиот танц – надвор од самата техника и кореографија?
Се трудам да ги научам моите ученици. дека откажувањето не е опција, дека во светот на танцот како и во животот, секој чекор е победа, а секој обид е лекција. Ги охрабрувам секоја пречка да ја претворат во предизвик, а секој предизвик во можност. Секој ден поминат на танцовиот подиум, секој танцов турнир носи нова можност, а секој предизвик е скриена нова шанса која со упорност може да создаде успех. Штом тренираш и работиш со љубов и верба, светот станува твоја сцена а секој ден нова шанса за блесок.
Како изгледа еден тренинг во „Темпо“ и на што најмногу инсистирате – дисциплина, техника, тимска работа или љубов кон танцот?
Како Танцов Спортски тренер секогаш настојувам да бидам извор на позитивна енергија за своите ученици. Во сала на тренинг со своите ученици е местото каде најмногу сакам да бидам, со срце полно со страст и секогаш отворен ум за нови идеи тука сум да инспирирам, Промовирам заеднички ентузијазам и се трудам да ги охрабрам новите танчери. Секој учител вложува многу од својот живот во едукацијата на малдите генерации но тоа му е најголема награда. Никогаш не дозволив приватниот живот да ми влијае на професионалниот, ниту на квалитетот на работа. За да се раководи Спортски клуб потребна е максимална посветеност со време и енергија во учење, усовршување и прикажување на танцови вештини, изучување на различни стилови, практики и техники и постојано надоградување со учество на семинари, едукативни танцови работилници. Никогаш не жалам за пропуштените викенди, вечерни излегувања кои не ми биле слободни со години. Но штом си ја сакаш работата, штом работиш со љубов и верба, како да не си работел еден ден, работата преставува задоволство.
„Темпо“ организира натпревари, фестивали и хуманитарни концерти. Колку Ви е важно клубот да биде активен дел од културниот и општествениот живот во Прилеп?
Од голема важност е активноста на клубот на локално ниво но голем хендикеп при планирањето на вакви настани е нефункционалноста на Спортските сали во Прилеп. Танцот е спорт кој има стандардизирани правила за организација кои треба да се исполнети, особено кога се работи за квалитетот на подот. Вообичаено е танцовите наптревари и настани од сличен вид да влечат бројна публика, што значи и поголем капацитет на просторот за реализација. Но сепак ТСК ТЕМПО секогаш излегувал во пресрет кога бил повикан од хуманитарни причини да збогати некој настан.
Која е Вашата визија за иднината на „Темпо“ и што би им порачале на децата и младите кои размислуваат да станат дел од оваа танцова приказна?
Во иднина би сакала ТСК ТЕМПО да има успешни натпреварувачи и на Светската сцена како и услови повторно да организира танцови шампионати во Спортските сали, на радост на сите љубители на танцот во Прилеп.
На децата и младите кои сакаат да танцуваат би им го препорачала овој спорт како одлична активност за зголемување на здравствената и психофизичката благосостоба преку активноста и самоизразувањето кое е својствено за танцот.
Фотографиите се од албумот на ТСК „Темпо“



















