Во Големата сала на ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ во Прилеп се одржа свечено доделување на наградите и признанијата за учениците и нивните ментори – учесници на литературниот конкурс „8-ми Март 2026“, во организација на Клубот на литературни творци Прилеп.
На конкурсот учествуваа ученици од сите основни општински училишта во Општина Прилеп, кои со своите творби го одбележаа празникот посветен на жената. Настанот беше можност да се истакне креативноста и литературниот талент на младите, како и поддршката што ја добиваат од своите наставници и ментори.
Од Клубот на литературни творци Прилеп изразија благодарност до учениците и менторите за нивното активно учество, нагласувајќи дека ваквите активности се важни за поттикнување и развивање на творечкиот потенцијал кај младите.
Претседателката на Клубот, Андријана Ристеска, упати честитки до наградените ученици и нивните ментори, како и благодарност до членовите на комисиите кои, како што посочи, имале тешка задача да ги изберат најдобрите творби меѓу големиот број пристигнати литературни дела.
Со доделувањето на наградите, уште еднаш беше потврдена важноста на литературното творештво кај младите и нивната посветеност кон пишаниот збор.
Фотографиите се од албумот на Клубот на литературни творци Прилеп



















