Економскиот факултет во Прилеп вчера (3.4.2026) беше исполнет со енергија, креативност и младински ентузијазам, обединети околу една од најактуелните теми – циркуларната економија.
По четврти пат се одржа натпреварот од оваа област, во организација на факултетот, на кој учествуваа 26 тимови, односно 146 средношколци од 12 училишта од Прилеп, Битола, Кавадарци, Кичево, Ресен и Македонски Брод. Континуираниот раст на бројот на пријавени учесници најдобро говори за зголемената заинтересираност на младите за оваа тема, но и за нивната подготвеност активно да придонесат со свои идеи и решенија.
Креативните проекти беа оценувани од стручно жири составено од претставници на бизнис секторот: Никола Чадамов, финансиски директор на „Комфи Ангел“ ДОО – Прилеп, Александар Матески, директор на сектор за корпоративни и правни работи во „Прилепска пиварница“ АД – Прилеп, и Верица Исајловска, претставник од секторот за човечки ресурси во „Витаминка“ АД – Прилеп.
Економскиот факултет – Прилеп обезбеди парични награди за најуспешните тимови:
• Прво место: Тим 9 „Кружен напад“ од СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ – Прилеп
• Второ место: Тим 11 „ТхрифБуддy“ од СОУ „Мирко Милевски“ – Кичево
• Трето место: Тим 2 „Тиквешко злато“ (МБС) од Гимназија „Добри Даскалов“ – Кавадарци
Дополнителна поддршка на настанот даде „Пакомак“ ДОО – Скопје, кој додели три специјални награди во форма на зелени поени за користење на повратни вендинг машини преку апликацијата „Екомак“:
• Прво место: Тим 24 „Греен Пионеерс“ од СОУ „Јане Сандански“ – Битола
• Второ место: Тим 17 „Аппле Лооп“ од СОУ „Цар Самоил“ – Ресен
• Трето место: Тим 6 „Гим тим“ од Гимназија „Мирче Ацев“ – Прилеп
Со вакви активности, Економскиот факултет – Прилеп активно придонесува кон подигнување на свеста кај младите за значењето на циркуларната економија, охрабрувајќи ги да размислуваат креативно и одговорно. Преку нивните идеи се гради визија за систем во кој отпадот станува ресурс, се користат одржливо природните богатства и се создава економија што ја штити животната средина и идните генерации.
Организаторите најавуваат дека натпреварот ќе продолжи и следната година, со уште поголем интерес и нови, иновативни решенија од младите.
Фотографиите од албумот на Економски факултет – Прилеп

















