ИЗЛОЖБА „ДОЗИМЕРИ“ ОД ДРАГАН ВЕРГОВСКИ – АЛПИ ВО ПРИЛЕП

Сподели на социјалните мрежи

Во организација на НУЦК „Марко Цепенков“, на 17 април (петок) со почеток во 19:00 часот, во Ликовната галерија при Центарот ќе биде отворена изложбата „Дозимери“ од истакнатиот ликовен уметник Драган Верговски – Алпи.
Изложбата опфаќа околу 30 дела, работени на картон и алуминиумски лим, во кои авторот пренесува разновидни мотиви – од симболични крстови, преку пејзажи, до инспирации од кочанскиот предел. Делата се создадени во еден интензивен творечки процес, кој, според авторот, бил проследен со силно претчувство:
„Ги работев оддеднаш како да претчувствував голема трагедија. И потоа се случи трагедијата во Кочани. По 20 часа творев додека работев на конзервација на мозаикот од Чемерски“, вели Верговски – Алпи.
Изложбата е реализирана со поддршка на Министерство за култура и туризам.
Драган Верговски – Алпи е советник-конзерватор со богато и долгогодишно искуство. Образованието го стекнал во средното уметничко училиште, продолжил на Педагошката академија кај проф. Борко Лазески, а дипломирал на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, во класата на проф. Димитар Кондовски. Својата изложбена активност ја започнува уште во 1968 година, со изложба во Нов Белград, а оттогаш реализира бројни самостојни и групни претставувања.
Покрај сликарството, работи и икони, а како советник-конзерватор за мозаици во Конзерваторскиот центар во Скопје, има значаен придонес во зачувувањето на македонското културно наследство. Неговото искуство опфаќа широк спектар на техники и материјали – од масло на платно, иконопис и темперна техника, до фрескосликарство, мозаик и конзервација на уметнички објекти и скулптури.
Изложбата „Дозимери“ претставува редок увид во еден длабоко личен и истовремено општествено чувствителен творечки циклус, кој не треба да се пропушти.


Сподели на социјалните мрежи