„ЗАМОКОТ НА АРДЕЉАН“ ПРОМОВИРАН ВО ПРИЛЕП – ГОТСКА ПРИКАЗНА ШТО ОСТАВА ТРАГА КАЈ ЧИТАТЕЛИТЕ

Сподели на социјалните мрежи

Во Големата сала на ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ во Прилеп, вчера (26.5.2026) успешно се одржа промоцијата на романот „Замокот на Ардељан“ од авторката Драгица Ристиќ Стојческа. Настанот привлече љубители на литературата, а присутните имаа можност поблиску да се запознаат со делото кое носи готска атмосфера и филозофски тонови.
Промоцијата ја отвори директорката на библиотеката Андриана Ристеска, која истакна дека библиотеката и понатаму ќе биде поддржувач и промотор на домашните автори и на творештвото на македонски јазик. Таа нагласи дека добрите приказни секогаш оставаат трага кај читателите, изразувајќи уверување дека романот „Замокот на Ардељан“ ќе допре до публиката со својата силна и мистична приказна.
Низ промоцијата присутните ги водеше актерот Игор Трпчески, додека за романот говореа промоторите Јан Вега и Христина Ангелеска Мијоска.
„Замокот на Ардељан“ е прв роман на Драгица Ристиќ Стојческа и претставува готски роман со елементи на филозофска фикција, исполнет со мистерија, љубов, предавство и проклетство. Делото отвора прашања за човечката природа, судбината и внатрешните борби.
Авторката, која живее во Крушево, а е родена во Ријека, Хрватска, посочи дека ова е нејзин прв роман, но и дека приказната добива продолжение. Нејзиното второ дело „Доктрината на тишината“ е добитник на наградата „Пелистерски ракувања“ на „Дата песнопој“ од Битола и е дел од едицијата „Книжевни меридијани“, а во моментот работи и на третото продолжение од серијалот.
Со вчерашната промоција, прилепската публика имаше можност да зачекори во светот на „Ардељан“ – книжевен простор исполнет со мистерија, симболика и силна емоција.

Фото: ФБ на ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“ – Прилеп


Сподели на социјалните мрежи