„ПЕДАЛИ И ПРИКАЗНИ“ ЗАВРШУВА СО ОТКРИВАЊЕ НА МУРАЛ И ВЕЛО-НАСТАН ВО ПРИЛЕП

Сподели на социјалните мрежи

По повеќе од шест месеци активна работа, проектот „Педали и приказни“, реализиран од Форумот за Авангардна Креативност (ФАК) – Прилеп и здружението Go Green, ќе биде заокружен со завршен настан што ќе се одржи на 3 јуни во Прилеп.
Проектот беше поддржан од фондацијата HEARTEFACT, во соработка со Општина Прилеп, НУЦК „Марко Цепенков“, СОУ „Ристе Ристески – Ричко“, СОУ „Ѓорче Петров“ и CLS Equipment.
„Педали и приказни“ ја отвори културата кон јавниот простор и преку низа активности на градскиот плоштад и низ прилепските улици ги поврза уметноста, граѓанскиот активизам и велосипедската култура. Проектот имаше цел да создаде нови можности за културно изразување надвор од институционалните рамки и да поттикне поголема вклученост на младите во јавниот живот.
Паралелно со активностите кои се одвиваа на плоштадот во центарот на градот и низ прилепските улици, учениците и нивните ментори во СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ изработија мурал кој ќе биде презентиран пред прилепската јавност во последната епизода од проектот, на 3 јуни 2026г.
Програмата започнува во среда, 3 јуни, во 12 часот со критична маса од плоштадот „Александрија“, додека во исто време во дворот на СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ ќе започне главниот настан со диџеј-сет на ученици од СОУ „Ѓорче Петров“.
По пристигнувањето на велосипедистите во СОУ „Ристе Ристески – Ричко“, ќе следува обраќање на организаторите и поддржувачите на проектот, по што ќе биде откриен муралот. Во програмата се предвидени и настап на училишен бенд, вело-кино, како и панел-дискусија со присутните. Се очекува настаните во СОУ „Ристе Ристески – Ричко“ да завршат околу 15 часот.
Организаторите ги повикуваат сите граѓани да се приклучат на завршните активности и со своите велосипеди да станат дел од последната епизода на „Педали и приказни“, проект кој во изминатиот период покажа дека културата, уметноста и активизмот можат успешно да се движат по ист пат.


Сподели на социјалните мрежи