МУЗИЧКИ УСПЕСИ И ПЛОДЕН ПЕРИОД ЗА ЖЕНСКИОТ КАМЕРЕН ХОР „КЕРАМИЈА“

Сподели на социјалните мрежи

Изминатиот период беше исклучително успешен и исполнет со значајни настапи, фестивали и признанија за Женскиот камерен хор „Керамија“, кој со својата посветеност и квалитет уште еднаш го потврди своето место на македонската хорска сцена.


На 5 мај 2026 година хорот учествуваше на меѓународниот онлајн натпревар „Music Arte“ во Тиџано, Италија, во категоријата Amaterius – a cappella, каде освои извонредни 98 од можни 100 поени, со што се закити со највисокото признание „First Absolute“, односно прво место.

Успешните настапи продолжија и на 7 јуни, кога „Керамија“ беше дел од Петтиот „Classic International Festival“, кој се одржа од 1 до 10 јуни во прекрасниот амбиент на храмот „Свети Петнаесет Тивериополски Великомаченици“ во Струмица. Хорот се претстави со целовечерен концерт од духовна музика пред организаторите на фестивалот, претставници на Струмичката епархија на МПЦ-ОА и бројна публика, која со големи аплаузи и воодушевување го проследи настапот.

На 21 јуни 2026 година Женскиот камерен хор „Керамија“ настапи и на 26. издание на фестивалот „Солстис 2026 – Fête de la Musique“ во Битола, каде изведе четириесетминутна програма со дела од световната хорска литература. Фестивалот е во организација на Француската алијанса од Битола и е дел од програмата на „БИТ ФЕСТ 2026“.

Круна на овој успешен период беше учеството на IX Меѓународен хорски фестивал „Драган Шуплевски“, кој од 4 до 7 јули се одржа во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје. За првпат „Керамија“ беше дел од овој реномиран фестивал, кој се организира во чест на професорот Драган Шуплевски – основач на Катедрата по хорско диригирање при Факултетот за музичка уметност во Скопје.


Хорот настапи на првата фестивалска вечер, заедно со реномирани ансамбли како Џез хорот „Артизан“ под водство на Ана Дамјановска-Поповска, Градскиот мешан хор „Гортинија“ од Гевгелија под диригентска палка на на проф. Илија Атанасов и Женскиот младински хор при МКЦ под диригентска палка на проф. Сашо Татарчевски.

„Сите овие настапи, признанија и нови искуства претставуваат чекор напред во нашето музичко и духовно созревање. Изминатиот период беше исполнет со многу работа, нови предизвици и прекрасни моменти на сцената. Сите овие настапи се потврда дека со љубов, посветеност и заеднички труд можат да се постигнат значајни резултати. По оваа успешна сезона заслужено заминуваме на летен распуст, подготвени со нова енергија да се вратиме со уште многу музички предизвици“, изјави диригентката на Ж.К.Х “Керамија“ Катерина Попоска.


Сподели на социјалните мрежи