ROCK BLUES BAND СО РОК-КЛАСИЦИ ЈА ОСВОИ ПРИЛЕПСКАТА ПУБЛИКА

Сподели на социјалните мрежи

Плоштадот „Александрија“ синоќа беше исполнет со рок и блуз звуци, а публиката уживаше во настапот на Rock Blues Band, во рамките на летната манифестација „Од 0 до КултурА“, која ја организира Општина Прилеп. Прилепскиот бенд приреди концерт посветен на еден од најголемите рок-бендови на сите времиња –The Rolling Stones.
Присутните уживаа во добро познатите рок и блуз звуци, а членовите на Rock Blues Band со својата енергија и сигурна интерпретација создадоа атмосфера во која публиката активно го следеше настапот и уживаше во музиката.
Концертот уште еднаш покажа дека кај прилепската публика постои интерес за квалитетна музика и концерти на отворено, особено кога на сцената настапуваат домашни музичари. Добрата посетеност и реакциите на публиката се уште една потврда дека Прилеп има публика за рок и блуз звукот, но и музичари и бендови кои можат да понудат квалитетна концертна програма.
Rock Blues Band постои од 2015 година, а во својот репертоар го негува звукот на рок и блуз класиката. Во составот на бендот се Борче Шабаноски – гитара, Игор Јагуриноски – вокал, Горан Ивановски – тапани и Методија Костоски – бас.
Настапот на Rock Blues Band беше уште еден од музичките четвртоци во рамките на „Од 0 до КултурА“, манифестација која и ова лето носи различни културни и музички содржини на прилепските отворени сцени.
Со концертот на Rock Blues Band, Плоштад „Александрија“ повторно се покажа како место каде што прилепчани сакаат да се дружат, да слушаат добра музика и да уживаат во културните содржини што се реализираат во градот.


Сподели на социјалните мрежи