„ЖИВИ РАНИ, МЕЛЕМ ПЕСНИ“ – ПОЕТСКИ ДОМ НА ГАБРИЕЛА СТОЈАНОСКА

Сподели на социјалните мрежи

Во Арт-кафе „Апореа“ синоќа се одржа промоцијата на најновата книга на прилепската писателка Габриела Стојаноска, поетската збирка „Живи рани, мелем песни“. На промоцијата присуствуваа љубители на пишаниот збор, поетската реч и почитувачи на творештвото на Стојаноска, кои имаа можност непосредно да се запознаат со нејзината прва поетска книга.
За книгата зборуваше писателката Оливера Андоноска, која во своето обраќање ја отвори поетската збирка низ нејзините најлични и најчовечки теми – болката, љубовта, загубата, телото, сеќавањето и соочувањето со сопствените сенки.
Говорејќи за поезијата на Стојаноска, Андоноска ја опиша книгата како дом – простор во кој читателот поминува низ најтемните делови од сопствените мисли, чувства и искуства, но истовремено пронаоѓа разбирање и блискост.
„Живи рани, мелем песни“ од Габриела Стојаноска е дом“, истакна Андоноска, посочувајќи дека поезијата на авторката не бара од читателот едноставно да ја разбере, туку на еден поинаков начин му дава чувство дека токму таа го разбира него.
Во своето обраќање, промоторката се осврна на начинот на кој Стојаноска во стиховите ги отвора и најскриените места на човековото доживување и нѐ поттикнува да се откриеме целосно и да сфатиме дека тоа не е страшно. Болката и ранливоста не се сокриени, туку се претвораат во поетски материјал, а од живата рана се создава „мелем песна“.


Посебно место во промоцијата имаше и читањето на стиховите. Младата актерка Лора Штарго интерпретираше четири песни од збирката – „На распетието на една песна“, „Рајска какао песна“, „Преосетлива“ и „Преграб“, откривајќи нови димензии на поетскиот свет на Стојаноска.
„Живи рани, мелем песни“ е прва поетска книга на Габриела Стојаноска, но нејзино шесто дело. Збирката содржи шеесетина песни создадени во период од триесет години и е поделена во четири поетски циклуси. Во неа се среќаваат личните искуства, сеќавањата, загубите, љубовта и силните чувства, преточени во стихови кои ја носат авторката низ различни периоди од нејзиниот живот.
За Стојаноска, оваа книга е нејзин „најинтимен лирски дневник“, но синоќешната промоција покажа дека личното може да стане и општо, препознатливо и блиско. Она што е запишано како сопствено искуство, преку поезијата може да стигне до читателот и да го допре неговото сопствено сеќавање, болка или радост.
Поетската вечер во „Апореа“ беше средба со една книга, но и со еден авторски свет во кој ранливоста не е слабост, туку начин на соочување со себе и со животот.
„Живи рани, мелем песни“ сега го продолжува својот пат меѓу читателите.

Фотографиите се од албумот на Габриела Стојаноска.


Сподели на социјалните мрежи