Народниот театар Битола на 16 октомври ќе настапи на меѓународниот театарски фестивал „Direction East“ во Бјалисток, Полска, каде што ќе ја претстави претставата „Кориолан“ од Вилијам Шекспир, во режија и адаптација на Џон Блондел. Гостувањето е дел од јубилејното, десетто издание на фестивалот, кој обединува театарски продукции и уметнички искуства од различни средини.
Претставата е закажана за 18 часот, а со неа битолскиот театар го продолжува своето присуство на меѓународната театарска сцена. Претходно, „Кориолан“ беше изведен на фестивалот „Охридско лето“, на „Shakespeare Fringe Festival“ во Верона, Италија, и на фестивалот „Magical Nights in Butrint“ во Саранда, Албанија.
Современата адаптација на Шекспировата трагедија ги отвора прашањата за власта, политичката одговорност и односот меѓу поединецот и општеството. Преку приказната за Кориолан, класичното дело добива актуелно значење и поттикнува размислување за односите меѓу личните убедувања, политичките интереси и колективните очекувања.
Меѓународните гостувања претставуваат можност македонската театарска уметност да се претстави пред нова публика, но и да се воспостават контакти и да се отворат можности за идни културни соработки.
Во претставата играат Васко Мавровски, Петар Горко, Марјан Георгиевски, Борче Ѓаковски, Петар Спировски, Јулијана Мирчевска и Сандра Грибовска Илиевска. Асистент на режија е Дамјан Димовски, сценографијата и костимите се на Благој Мицевски, дизајнот на светло е на Џонатан Хикс, музиката е на Александар Димовски, а видеото на Владимир Переловски.

















