Синоќа во Прилеп се одржа главната фестивалска вечер на првото издание на Меѓународниот фолклорен фестивал „Итар Пејо“, со настапи на учесници од Македонија, Полска и Словачка.
Фестивалот, во организација на КУД „Мирче Ацев“ – Прилеп, со поддршка на Општина Прилеп и НУЦК „Марко Цепенков“, на едно место ги собра фолклорните традиции, песната, играта и музиката на учесниците од трите земји.
Пред прилепската публика настапија фолклорни ансамбли кои преку традиционалните носии, песни и ора го претставија културното богатство и фолклорното наследство на своите земји. Различните фолклорни изрази донесоа вечер исполнета со традиционални ритми, енергија и културна размена.


На главната фестивалска вечер се обрати претседателката на Советот на Општина Прилеп, Билјана Кржеска, која им посака добредојде на гостите и учесниците и истакна дека ваквите настани се значаен придонес за културниот живот на градот и за зачувувањето на традицијата.
Во своето обраќање таа ја истакна важноста на културната размена, посочувајќи дека преку песната, играта, носијата и музиката се создава простор за средба на различни народи, култури и традиции.
За првото издание и плановите фестивалот да прерасне во традиционална манифестација зборуваше и Горан Васелески, претседател на КУД „Мирче Ацев“ – Прилеп.
„Иако се вели дека крајот го краси делото, ние докажавме дека почетокот е исто така многу важен. Ова беше почеток на нешто што планираме да стане традиција и препознатливост на градот Прилеп. Мислам дека организацискиот одбор доследно ја заврши работата, иако во текот на реализацијата на фестивалот сами си пронаоѓавме забелешки и нови идеи кои мора да се применат веќе на наредниот фестивал, следната година. Прилепската публика, како и секогаш, нè удостои со многубројна публика пред платото „Итар Пејо“ и преполна сала во НУЦК „Марко Цепенков“, што ни даде поттик следната година фестивалот да биде уште побогато организиран“, изјави Васелески.
Првото издание на „Итар Пејо“ овозможи прилепската публика да се запознае со дел од фолклорното наследство на Полска и Словачка, а воедно македонската фолклорна традиција да биде претставена пред гостите од странство.


Со своето прво издание, фестивалот испрати порака за пријателство, културна размена и заедништво, потврдувајќи ја моќта на фолклорот да ги поврзува луѓето и народите, без оглед на границите и јазичните разлики.
„Итар Пејо“ со ова издание ги постави темелите на една нова меѓународна фолклорна манифестација во Прилеп, со надеж дека фестивалот ќе прерасне во традиција и во годините што следуваат ќе донесе нови учесници, нови култури и нови средби.



















