По успешното прво издание, во Прилеп продолжува „Киното на отворено“, иницијатива на Граѓанското здружение за подобар Прилеп „Мој Прилеп“, наменета пред сè за дружење и забава на децата и семејствата.
Второто издание ќе се одржи во четврток, 27 август, со почеток во 20 часот, во дворот на НУЦК „Марко Цепенков“, на летната сцена.
Поради добриот одзив на првото издание, организаторите најавуваат дека ваквите проекции ќе продолжат секоја недела, сè додека временските услови го дозволуваат тоа.
Овојпат, покрај филмската проекција, за најмладите е подготвена и дополнителна програма. 45 минути пред почетокот на филмот ќе се одржи мини-фитнес тренинг со двајца професори по физичко образование, кои ќе покажат различни вежби и игри за децата.
За дополнително освежување, продавницата „Мое Пазарче“ ќе обезбеди свежо овошје за децата и родителите, додека Прехранбената индустрија „Витаминка“ АД – Прилеп повторно ќе биде поддршка на настанот, обезбедувајќи бесплатен Стоби Флипс и Цевитана за време на проекцијата. Организаторите ќе обезбедат и вода за присутните.
И овојпат изборот на филмот е оставен на публиката. Гласањето сè уште трае, а граѓаните можат да го дадат својот глас и да учествуваат во изборот на филмот што ќе биде прикажан во четврток.
Гласањето е достапно на страницата на „Мој Прилеп“:
Гласајте за филмот на „Мој Прилеп“
Проекцијата започнува во 20 часот, а влезот е слободен. Седењето е по принципот „прв дојден – прв услужен“, а за посетителите ќе се користи страничниот влез од зад НУЦК „Марко Цепенков“.
Со второто издание на „Киното на отворено“, Граѓанското здружение за подобар Прилеп „Мој Прилеп“ продолжува да создава простор за дружење, забава и активности на отворено, со содржини наменети за најмладите и нивните семејства.
За информациите за оваа, како и за останатите активности на здружението, граѓаните можат да го следат Фејсбук-профилот „Мој Прилеп“, каде редовно се објавуваат најави и информации за нивните активности.


Фотографиите се од албумот на Мој Прилеп.
















