ДОДЕЛЕНИ НАГРАДИТЕ 13 ВЕЛИЧЕСТВЕНИ ОД РАДИО ПЕЛА

Сподели на социјалните мрежи

Синоќа во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во организација на „Радио Пела“ по 7 пат се одржа манифестацијата „13 Величествени“. Оваа манифестација се одржува по повод Светскиот ден на радиото и одбележувањето на роденденот на радиото. Тимот на „Радио Пела“ години наназад ја организира оваа манифестација со која им доделува признанија на институции, личности, здруженија кои изминатата година биле препознати од медиумите дека дале најголем придонес во заедницата во различни сфери.
Во декември минатата година почнаа номинациите за учество во „13 Величествени“. До редакцијата стигнуваа предлози, номинации на лица и институции и тимот на „Радио Пела“ го состави списокот на учесници во овогодинешната манифестација. Тоа беа: Филип Димкоски – млад културен активист, Данче Оклеска – активист кој ја мобилизира јавноста, Марија Дулевска – професор кој ја освојува јавноста со своите ставови, Кире Јоноски – лекар/менаџер кој ја менува сликата на здравството во Прилеп, СОУ „Орде Чопела“ – училиште кое ја гради заедницата преку неформално образование, Киро Ристески – гласот на тутунарите што ја мобилизира јавноста, Николче Здравески (постхумно) – легенда на фудбалскиот терен, ФК „Големо Коњари“ – инспиративна приказна за спортот, Ротари Клуб – Прилеп – приказна за солидарност, култура и општествена одговорност, Tuning Car Show- уникатен начин на промовирање на автомобилската култура, Емилија Ема Плејс – урбан лик од еснафот на фризерството кој ја освојува јавноста, Ангела Конева – херој од секојдневието со срце поголемо од стравот и Градската библиотека „Борка Талеска“ – 80 години центар на културна енергија.
Со најмногу гласови повеќе од 50.000 како прво рангиран беше промовиран Tuning Car Show – уникатен начин на промовирање на автомобилската култура, организација која 18 години со успех организира изложба на олд тајмери кои доаѓаат од цела Европа, настан посетен од илјадници вљубеници во автомобилите. Беа доделени три награди според гласовите од јавноста: стрип креација за првонаградените Tuning Car Show, и две карикатури за Кире Јоноски, доктор и директор на Прилепската болница и Емилија Ема Плејс, сите дело на прилепскиот уметник Дарко Талески.
Салонот беше полн со публика, новинарите од „Радио Пела“ за свој помошник и презентер ја имаа вештачката интелегенција, а амбиентот во фоајето го разубави Lock dоwn бендот.
Новинарките Елизабета Филипоска и Гордана Цветаноска го водеа овој настан како што ја водат програмата и на „Радиото што се гледа“ и најавија дека идната година повторно ќе има „13 Величествени“.






Сподели на социјалните мрежи