КРЕАТИВНОСТ, СЛОБОДА, ИДНИНА – 15 ГОДИНИ УКЛО ФМ

Сподели на социјалните мрежи

13 февруари се одбележува како Светски ден на радиото – медиум што информира, образува и ја чува слободата на изразување, востановен од УНЕСКО и поддржан од Обединетите нации во 2013 година.
Но, уште две години пред ова глобално признание, на 12 февруари 2011 година, како предвесник на современото значење на радиото, во етерот се роди Универзитетското радио УКЛО ФМ – Битола и од самиот почеток ја живее и ја остварува својата суштина со активно вклучување на младите.
„Вие сте со програмата на универзитетското радио УКЛО ФМ“ – оваа препознатлива најава веќе една и пол деценија е секојдневен поздрав до слушателите. Како универзитетско радио, УКЛО ФМ емитува 24-часовна информативно едукативно-забавна програма, која може да се следи и преку интернет, uklofm.uklo.edu.mk, опфаќајќи ги сите аспекти на студентското и општественото живеење. Со својот автентичен музички избор и отворен пристап, радиото одамна ги надмина рамките на академската заедница и со право се препознаава како „градско радио“.
Особено значајна за развојот, континуитетот, веродостојниот и оригинален дух на УКЛО ФМ е улогата на главната и одговорна уредничка, м-р Соња Тантарова Груеска. Со својата визија, отвореност и несебична поддршка, а пред се висок професионализам, таа создаде медиум кој е вистинска школа за младите, но и безбеден простор за слободно изразување, без цензура и со целосна креативна слобода, заедно со Љупчо Цветковски, чија тонска реализација, искуство и посветеност со години го обликуваат квалитетот на УКЛО ФМ, што им дава сигурност и поттик на сите сегашни и идни соработници.
Во изминатите 15 години, низ радиото поминале над 150 студенти, од различни факултети, кои како автори и водители на сопствени емисии стекнале значајни знаења, медиумски вештини и самодоверба. Како што истакнува една од поранешните соработнички, Драгана Ѓорѓевиќ, искуството во УКЛО ФМ ѝ помогнало не само професионално, туку и лично: радиото ѝ отворило нови хоризонти, ѝ ги унапредило комуникациските и говорничките вештини и ѝ овозможило активно учество во бројни проекти во граѓанскиот сектор.
Слични се и импресиите на Елена Тодоровска, која го опишува УКЛО ФМ како место каде што секој млад човек е пречекан со поддршка, пријателство и доверба. Таа ја нагласува слободата во изборот на теми, отсуството на цензура и почитта кон македонскиот литературен јазик, потенцирајќи дека атмосферата во радиото е онаква каква што многумина посакуваат на своето работно место – отворена, насмеана и мотивирачка.
Посебно место во јубилејната приказна на УКЛО ФМ имаат најмладите гласови – оние што со искрена љубопитност и храброст застануваат зад микрофонот и нè потсетуваат зошто радиото сè уште има душа. Токму таква е и честитката на Ноела, која својот радио пат го започна на само 10 години, а денес како тинејџерка, со своите 14-ет е симбол на младинската енергија и креативност што ја негува УКЛО ФМ. Во своето обраќање, таа со искрена емоција ја истакнува благодарноста до својата менторка за дадената слобода, поддршка и можност нејзиниот глас да се слушне – детски, младински и автентичен.
„Ми даде фреквенција, саботен термин и креативна слобода“, вели Ноела Нечкоска во својата порака до главната и одговорна уредничка м-р Соња Тантарова Груеска. – До мојата менторка Соња, главната и одговорна уредничка на УКЛО ФМ, по повод 15-годишниот роденден на УКЛО ФМ: Драга Соња, ти благодарам што трпеливо и мноооогууу убаво работеше со мене (и мојата мама), ми даде фреквенција, Саботен термин и креативна слобода и научив многу! Ми се отворија толку нови можности, правевме интервјуа, го патувавме цеееелиот свет виртуелно, а потоа и во живо. Стекнав пријателства, соработници, порачавме убави работи на многу јазици, а го негуваме и се трудиме да го одржиме нашиот, мајчиниот, македонскиот. …. со примеси од мојата генерација, се разбира. Слуушшнете нееее! заокружи 50 радиоемисии со кои успеавме да се чуе гласот и ставот на децата и младите возрасни доооо возрассниииитееее пред да пораснеме. Те сакам, те гушкам, и ти благодарам! Твоја Ноела
Во нејзините зборови се содржани довербата, поддршката и слободата што УКЛО ФМ им ги нуди на новите генерации. „Го негуваме нашиот мајчин јазик, со примеси од нашата генерација“, порачува Ноела, испраќајќи јасна порака дека традицијата и современоста можат да одат рака под рака.
Токму ваквите искуства ја откриваат суштината на УКЛО ФМ – радио кое верува во младите, им отвора простор и ги охрабрува да бидат свои. Радио кое не ја гледа иднината како далечна цел, туку како сегашност што веќе зборува зад микрофонот. Со гласовите на новите млади – основци и средношколци и нивните повозрасни радио – пријатели, студернтите – УКЛО ФМ уште еднаш потврдува дека радиото, кога е живо, искрено и младо, секогаш има иднина.
Како медиум на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, радиото е и гласник и на европската универзитетска алијанса КОЛОРС  https://uklo.edu.mk/colours/, промовирајќи вредности на соработка, интеркултурен дијалог и општествена одговорност. На овој начин, во време на дигитални платформи и брзи информации, радиото не ја губи својата моќ – напротив: со современ концепт, со отвореност кон нови идеи и со активна вклученост на младите, УКЛО ФМ останува медиум со иднина и тоа впрочем е најубавиот подарок што може да се посака и да се добие.




Сподели на социјалните мрежи