„Етиката на современиот истражувач во научните истражувања“ е темата на академското предавање, што во организација на Друштвото за наука уметност -Прилеп, ќе се одржи на 3 март, 2026 (вторник) во Градската библиотеката „Борка Талески“- Прилеп.
„Во време на експанзија на дигитални содржини, лажни вести, дезинформации и масовна продукција на информации, улогата на научникот и истражувачот, добива особена општествена тежина. Плагијатите, фалсификувањето и фабрикувањето податоци, манипулацијата со резултати и отсуството на академска одговорност не претставуваат само индивидуален пропуст, тие директно ја поткопуваат довербата во науката и во институциите. Предавањето ќе ги отвори прашањата за научниот интегритет во услови на глобална информациска криза, за одговорноста на истражувачите при работа со луѓе и податоци, за границата меѓу научна слобода и етичка обврска, како и за потребата од развивање личен и професионален етички хабитус. Во современи услови, кога информацијата се шири со невидена брзина, а научните резултати имаат влијание врз јавните политики, образованието и секојдневниот живот, одговорноста на истражувачот станува прашање од јавен интерес“, вели предавачот, м-р Моника Талеска, докторанд на ФТУ-Охрид.
Ова академско предавање е дел од годишната програма на Друштвото за наука и уметност-Прилеп, а се реализира во соработка со ЈОУ Градска библиотека „Борка Талески“-Прилеп. ДНУ ги покануваме сите граѓани, младите истражувачи, идни студенти, автори на трудови, како и сите што веруваат дека науката мора да остане простор на чесност, транспарентност и одговорност.















