Татко и син, авторски звук и упорност што го одржа блузот жив на македонската сцена и пошироко.
Во музички простор каде блузот отсекогаш бил на маргините, Crossroad Blues Band успеа да изгради редок и автентичен пат. Веќе 27 години, бендот опстојува како симбол на посветеност, авторски интегритет и искрена љубов кон музиката. Приказната за Crossroad не е само бендовска хроника, туку и семејна музичка релација, во која искуството и традицијата се среќаваат со новата енергија и современиот продукциски пристап. Во ова интервју, со фронтменот Давид Нешкоски, разговараме за долгогодишниот опстанок на сцената, за блузот како избор и мисија, за генерациската транзиција и за идните чекори на бендот кој веќе децении стои на својот музички крстопат.
Crossroad Blues Band постои веќе 27 години – како успеавте да опстанете и да се развивате толку долго на сцената?
Кросроуд Блуз Бенд е организација која започна пред многу години и со текот на времето прерасна во нешто многу повеќе од обичен бенд – стана вистинска музичка фамилија, дел од нашите животи. Искрено, тешко е да го замислиме животот без бендот. Особено за мене, бидејќи уште од најрани години сум дел од оваа приказна.Екипата што најдолго се задржа во оваа музичка формација продолжува да настапува, да снима и да создава музика во ист состав веќе речиси десет години. Низ годините многу луѓе поминаа и се променија во бендот, но името остана, традицијата остана, а музиката продолжува да се движи напред.
Блуз музиката нема силна традиција во Македонија – колку тоа беше предизвик, а колку мотив?
Блузот е традиционална американска музика која потекнува од почетокот на 20 век. Иако љубовта кон овој музички стил е релативно ретка на овие простори, во последните децении интересот за блузот постепено расте. Причината е многу едноставна: блузот како музички правец е технички еден од поедноставните стилови за свирење на инструмент, но истовремено е еден од најтешките за вистински да се долови емотивно. Токму затоа блузот е повеќе емоција отколку техника или чиста инструментална виртуозност. Секако, потребно е да се владее инструментот за да може таа емоција да се изрази, но суштината на блузот е во чувството. Веројатно токму таа искреност и емоција се причината што нè привлече кон оваа музика и што овозможи една ваква формација да живее, да свири и да опстојува повеќе од 30 години на македонската сцена.
Како би го опишале звукот и идентитетот на бендот денес?
Сегашната дивергенција, односно новата фаза на Цроссроад Блуес Банд, е значително поразлична од она што бендот беше на самиот почеток и од она што го диктираше историјата на бендот во претходната ера. По прераното заминување од сцената на Сале, кој беше фронтмен на бендот, се отвори едно ново поглавје во нашата приказна. Во оваа нова формација на Crossroad Blues Band имаме поинаков пристап кон музиката – со два придружни вокали, со различен начин на функционирање, компонирање и изведување на настапите. Целиот концепт е еволуиран и развиен во една поинаква, би рекол и подобра насока. Нашата цел е да се движиме кон светските стандарди на блуз музиката – и во начинот на изведба и во компонирањето на новата музика која допрва ќе ја објавиме. Се стремиме да бидеме рамо до рамо со современите светски блуз изведувачи и да ја донесеме таа енергија и на македонската сцена.
Колку е важна авторската музика во вашата работа и како настануваат вашите песни?
Круната на секој музички бенд, на секоја музичка формација, секако е авторството – делата што ги оставаш зад себе. Затоа и за нас во бендот е исклучително важно да создадеме сопствена музика, а не само да свириме концерти и настапи базирани на преработки или кавер материјал. Во моментов се подготвува новиот албум на Цроссроад Блуес Банд, кој ќе содржи десет нови авторски песни. Музиката и текстовите се напишани од фронтменот Давид, а аранжманите се заедничка работа на целата екипа од бендот. Песните се снимаат во нашето студио „Матрикс“, и целиот процес се одвива онака како што функционираме од самиот почеток – идејата ја започнува еден, а сите заедно ја развиваме и ја доведуваме до крај. Така се создава нова, автентична музика која веќе има свој препознатлив стил и една зрела музичка насока.
Зад бендот стои интересна приказна – татко и син на сцена. Како изгледа таа музичка соработка?
Фамилијарноста во бендот има една посебна динамика на функционирање. Мислам дека тоа е едно од најуникатните и најубавите нешта што може да ги имаш во било која сфера на дејствување – не само во музиката, туку и во животот воопшто. Фамилијата е она што нè држи заедно, а музиката кај нас е ослободена од многу други притисоци. Имаме една ретка и привилегирана позиција каде што можеме целосно да се посветиме на музиката, без товарот на сите други притисоци на модерното време. За нас Crossroad пред сè е простор за креација и за музика. Сè друго – менаџерскиот, организацискиот и финансискиот аспект на функционирањето на бендот – доаѓа дури потоа. И мислам дека токму тоа е една од најздравите формули за секоја музичка формација која сака да го достигне својот максимум и вистинската кулминација во своето творештво.
Бранко, како основач, а Давид како ново лидерско лице – како природно се случи таа транзиција?
Со текот на времето и еволуцијата на бендот, природно се менува и звукот. Се менуваат луѓето кои свират во составот, се додаваат нови идеи, се заменуваат стари стилови, а заедно со тоа се развиваат и нови насоки, желби и музички стремежи. Така, по заминувањето на фронтменот Сале, Crossroad доживеа една целосна трансформација. Тоа беше нешто што мораше природно да се случи – бендот да еволуира и да влезе во нова фаза. Името Crossroad останува исто, но со истите членови кои продолжуваат да свират заедно, се создава нов звук и започнува нова ера на бендот. Со преземањето на фронтменската улога од страна на Давид, целата музичка формација доби нова динамика. Се појави нова енергија – и во авторството, и во концертните изведби. Тоа може да се почувствува на секој наш настап и со секоја нова песна што ја создаваме.
Давид, со студиото за аудио и видео продукција, отвора ново поглавје за бендот – што ви носи таа независност?
Главната идеја зад отворањето на сопствено аудиовизуелно студио, односно комплетен ин-хоусе систем, беше токму ослободувањето од сите притисоци што можат да ги носат снимањето на аудио и видеоматеријали – временски, технички или креативни ограничувања. Кога целиот процес е во свои раце, добиваш слобода да експериментираш и да ја реализираш идејата токму онака како што си ја замислил. Способноста да се испорача комплетен аудио и видео пакет на едно место е навистина драгоцена во денешниот аудиовизуелен свет. Така можеме целосно ин-хоусе да создадеме материјал кој е подготвен за објава, без потреба од надворешни соработници. На тој начин креативноста доаѓа на прво место и можеме автентично да го доловиме она што сакаме да го изразиме преку музиката и преку сите нови песни што ги снимаме.
Колку настапите низ Македонија и регионот, особено на јадранскиот брег во Хрватска, влијаат на препознатливоста на бендот?
Настапите, и во Македонија и надвор од неа, се веројатно најдобрата промоција за нашиот бенд – а и за било кој музички состав. Концертите и посериозните настапи што ги имаме во последно време се најдобриот показател дека бендот активно функционира: дека работиме, дека снимаме нов материјал и дека се движиме во една нова, нагорна линија на развој. Нашите концертни настапи се многу добро прифатени и дома и надвор од Македонија. Интересно е што многу често, кога настапуваме надвор од државата, ја добиваме истата реакција од публиката: изненадување дека бенд со ваков звук доаѓа од Прилеп, Македонија. Луѓето често прашуваат како е возможно да се создаде толку автентичен, американски ориентиран блуз звук, а да биде произведен токму кај нас, на домашната сцена.
Како реагира странската публика на вашиот блуз и рок израз?
Автентичноста, особено при креирањето на нова музика, е една од најважните работи кон кои се стремиме, особено во овој период на еволуција на нашиот бенд. Реакциите на публиката се секогаш очекувани – позитивни и со доза на неверување. Луѓето најпрво се изненадуваат од она што им го нудиме, а потоа сфаќаат и заклучуваат: не е важно каде си на светот, туку е важно да го правиш она што го сакаш од срце и да се трудиш да бидеш најдобар во тоа што го работиш.
На што работите во моментов – нови песни, албум или видео проекти?
Новиот албум на Цроссроад Блуес Банд е во тек на снимање, и работата се одвива со полна пареа.
Албумот ќе содржи десет нови авторски композиции на англиски, подготвени како за домашна публика, така и за извоз. Тоа значи дека бендот по многу години за прв пат ќе има целосно авторски албум – напишан и создаден тука, дома, во Македонија, а истовремено со амбиција да се натпреварува со светските имиња во овој музички стил.
Кои се плановите и амбициите на Цроссроад Блуес Банд во наредниот период?
Објавата на албумот ќе биде еден од најважните моменти за нас во оваа тековна година.
По снимањето и објавувањето на целосно авторскиот албум, ќе следи и турнеја – промо-турнеја, со која ќе го претставиме албумот и пред домашната публика, и надвор од границите на Македонија.
На настапите ќе го изведуваме целосно снимениот материјал, новиот звук што го креиравме и сите нови авторски песни. Се планираат и неколку видео записи за дел од песните кои би биле објавени во текот на оваа и наредната година.
Што би им порачале на младите музичари кои сакаат да се занимаваат со блуз и авторска музика?
Младите секогаш имаат ексклузивното право да избираат и да се определат за она што го сакаат. Колку порано започнеш со нешто, толку полесно ќе го научиш и совладаш. Нашата порака до сите млади е да слушаат квалитетна музика, да препознаваат квалитет, и кога ќе одлучат дека сакаат да се занимаваат со музика, да се впуштат целосно и со максимален капацитет. Убавината на уметноста е тоа што целосно те обзема и те носи низ сите подеми и падови, а во нашиот случај – низ врвовите и низатајните на музиката. Ги охрабруваме сите млади кои имаат интерес да почнат и да се занимаваат со музика, затоа што токму таа посветеност води кон вистински раст и задоволство.
Фотографии од албумот на Crossroad Blues Band



















