На 23 март 2026 година, во рамките на активностите на Центарот за професионални обуки и кариерен развој при Економски факултет – Прилеп, се одржа првата сесија од настанот насловен „Алумни предавања: Бизнис – лидерки“.
Во фокусот на сесијата беа искуствата и перспективите на поранешни студенти на Економскиот факултет – Прилеп – истакнати професионалци од областа на сметководството и финансиите, кои во пријатна и мотивирачка атмосфера ги споделија своите кариерни патишта, предизвиците на женското лидерство и значењето на континуираното усовршување. Преку своите пораки, алумните ги охрабрија студентите да инвестираат во себе, да бидат отворени кон промени и нови предизвици и да го комбинираат формалното и неформалното образование како темел за личен и професионален развој.
м-р Жаклина Николоска, раководител на сметководствено – финансов сектор во МИКРОСАМ ДОО Прилеп, на инспиративен начин го сподели своето професионално искуство од работењето во реномирана светска компанија, при што изрази задоволство што повторно е во институцијата која ѝ ги поставила темелите во сметководството. Воедно, нагласи дека работата во ваква компанија носи голема одговорност и
посветеност. Во своето излагање таа се осврна на потребните знаења, професионални сертификати и специфики на работењето во сметководствено – финансискиот сектор,
давајќи вредни практични насоки кои се од особено значење за студентите што се подготвуваат да го градат својот кариерен пат, посебно во оваа област, истакнувајќи ја и важноста на постојаното усовршување, следењето на современите трендови во професијата и нивната практична примена во секојдневното работење.
Лина Димоска, извршен директор на Друштво за застапување во осигурувањето Протектор АД, со особена инспирација и ентузијазам говореше за своето студирање на Економски факултет – Прилеп, нагласувајќи ја важноста на формалното и неформалното образование како клучни двигатели за личен и професионален развој, како и значењето на практикантството како прв чекор кон стекнување реално работно искуство. Таа се осврна на своите искуства со AIESEC, ораторските натпревари и дебатните средби, кои значително придонеле за развој на нејзините вештини и самодоверба, истакнувајќи ја
примената на стекнатото знаење во пракса, како и еопходноста од континуирано надградување. Со тоа, им пренесе на студентите вредни и конкретни насоки за градење
успешен и одржлив кариерен пат.
Емилија Гершанова, сопственик и управител на ДООЕЛ Леџет Акаунт Битола, ги охрабри студентите да не се откажуваат од своите цели, нагласувајќи дека пред нив стојат бројни можности и дека вложувањето во знаење и образование секогаш се исплати. Таа го потенцираше значењето на економијата во функционирањето на секоја компанија и
институција, споделувајќи дека професионалниот пат често започнува со работа кај други, каде се стекнуваат искуство, знаење и самодоверба, по што следи храбриот чекор кон градење сопствен бизнис. Воедно, преку елаборација на својот кариерен и професионален пат, им порача на студентите да веруваат во себе, постојано да инвестираат во сопствениот развој и да бидат отворени кон нови области и искуства, како клуч за личен и професионален успех.
На Економскиот факултет Прилеп драго му е што имаше можност за дружба со нивни поранешни студенти – денес алумни и успешни жени бизнис-лидерки, чие присуство претставува силна инспирација и мотивација за нивните сегашни студенти, па затоа веруваме дека ваквите средби треба да станат честа и вредна практика.

















