На 27.03.2026 во Ликовна галерија – НУЦК „Марко Цепенков“ – Прилеп, со почеток во 19,00 часот, ќе биде отворена ликовната изложба со перформанс „Оган“ на Бојана Артиновска.
„Во своите нови апстрактно асоцијативни дела академската уметница Бојана Артиновска ја црпи инспирацијата од огнот. Острите назабени контури се извишуваат како бранови и создаваат ликовни структури што интуитивно пурифицираат преку визуелната интерпретација.“ – м р Викторија Димеска, историчар на уметност.
Циклусот е сведоштво на трансформацијата. За пламенот што не уништува, туку буди. За жарта што ја носиме во себе и за моментот кога таа конечно проговара…. Секое дело е длабок здив, искра родена од личен процес согорување, прочистување и повторно раѓање. Почуствувајте ја топлината што со себе ја носи циклусот „Оган“. Влезете во просторот каде што уметноста пулсира и станува искуство.
Мултимедијалниот проект „Оган“ кој ќе се одржи во НУЦК Марко Цепенков Прилеп е под покровителство на Министерството за култура на Република Македонија. Во рамки на отворањето на изложбата авторката Бојана Артиновска ќе изведе перформанс сликање во живо како дел од процесот на создавање и непосредно претставување на енергијата на огнот.
Бојана Артиновска е сликар со повеќе од 30 години активно творештво, со седум самостојни изложби и три перформанси – сликарство и танц, реализирани во повеќе градови во Македонија и Србија. Како член на ДЛУМ, ДЛУП и ДЛУБ учествувала на бројни групни и хуманитарни изложби, перформанси и уметнички проекти. Паралелно со сликарството, работи и како визуелен театарски уметник создавајќи сценографија, костимографија, шминка и рекламен материјал.

















