„СААТОТ“ – НОВА ПРЕМИЕРА НА ПРИЛЕПСКИОТ ТЕАТАР

Сподели на социјалните мрежи

Прилепската публика ќе ја доживее премиерата на современата драма „Саатот“, во продукција на Театар „Војдан Чернодрински“. Претставата е по текст на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, во режија на Кристина Димитрова,.

Премиерната изведба е закажана за 2 април 2026 година, со почеток во 20 часот, на сцената 105 во Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп.
Станува збор за современа драмска поставка која на суптилен, но впечатлив начин го истражува односот на човекот кон времето – како објективна категорија и како длабоко лична, субјективна перцепција.
Во центарот на приказната е еден брачен пар чиј живот е обележан од присуството на персонифициран ѕиден часовник. Тој не е само предмет, туку активен сведок и учесник во нивното секојдневие – постојано присутен, го исполнува просторот и симболично го одбројува времето што им е дадено.
Конфликтот произлегува од различниот однос кон времето: додека сопругот го прифаќа неговото присуство со спокој, сопругата сè повеќе станува вознемирена од непрекинатото чукање, кое ја потсетува на минливоста и на неискористените можности. Нејзината желба за промена и потрага по смисла ја води кон обид да избега – но каде и да замине, времето останува неизбежен сопатник.
Ова е претстава за судирот меѓу објективното и субјективното време кои ретко се синхронизирани, но и за повторливоста наспроти минливоста – две спротивности од кои колку и да бегаме, секогаш, без исклучок, нѐ наоѓаат.
Во претставата играат Филип Јездиќ, Димитар Ѓорѓиевски и Наташа Ачански, а во финалната сцена вокална појава и Ана Митоска. Музиката ја потпишуваат Филип Јездиќ и Томе Темелкоски, додека сценографијата и костимите се дело на Благој Мицевски.


Сподели на социјалните мрежи