ПРЕПОЛНА САЛА ЗА ВЕНКО АНДОНОВСКИ – ПРИЛЕП ЈА СЛАВЕШЕ КНИГАТА

Сподели на социјалните мрежи

Во преполната сала на Градската библиотека во Прилеп, во петокот вечерта (3 април 2026), се одржа промоцијата на најновиот роман на еден од најзначајните современи македонски писатели – Венко Андоновски. Настанот уште еднаш покажа дека интересот за квaлитетната домашна литература е силен и жив.
Големата сала на Градската библиотека „Борка Талески“ беше претесна да ги собере сите љубители на пишаниот збор и почитувачи на делото на Андоновски, кои дојдоа да присуствуваат на промоцијата на романот „Александар јава на запад“.
Настанот го отвори директорката на библиотеката Андриана Ристеска, додека за делото говореше промоторката Габриела Стојаноска Станоеска, чиј осврт се одликуваше со внимателна анализа и богата интерпретација. Актерот Александар Тодески, читаше извадоци од делото, внесувајќи ја неговата атмосфера меѓу публиката.
Промоцијата прерасна и во динамична дискусија помеѓу авторот и публиката – доказ за интересот и љубопитноста што го предизвика новиот роман. Присутните имаа можност одблиску да се запознаат со творештвото на Андоновски и да постават прашања за инспирацијата и пораките на делото.
Венко Андоновски е еден од најплодните и највлијателни македонски писатели, драматурзи и универзитетски професори. Автор е на бројни романи, збирки раскази и драми, меѓу кои се издвојуваат „Папокот на светот“, „Вештица“, „Азбуката за непослушните“ и други дела кои оставија длабока трага во современата македонска книжевност.
Неговото творештво е преведувано на повеќе јазици и е добитник на значајни книжевни признанија, меѓу кои наградата Роман на годината, наградата за најдобар текст на МТФ Војдан Чернодриснки и Балканика.. Андоновски важи за автор кој успешно ги спојува филозофските, историските и современите теми во своите дела, создавајќи препознатлив и автентичен стил.
Со вакви настани, Градската библиотека „Борка Талески“ уште еднаш се потврдува како важен културен центар во Прилеп и пошироко – место каде книгата живее, а љубовта кон литературата се пренесува од генерација на генерација.
Книжевната вечер со Венко Андоновски заврши во одлична атмосфера, оставајќи силен впечаток кај присутните и потврдувајќи дека вистинската литература секогаш го наоѓа својот пат до читателите.


Сподели на социјалните мрежи