ВЕСНА ШЕРЕМЕТКОСКА НА ЧЕЛО НА КЛУБОТ НА ЛИТЕРАТУРНИ ТВОРЦИ – ПРИЛЕП

Сподели на социјалните мрежи

Клубот на литературни творци – Прилеп веќе повеќе од една деценија претставува значајно собиралиште на автори, поети и љубители на пишаниот збор, кои преку различни активности го збогатуваат културниот живот на градот. Основан во 2011 година, клубот обединува творци без разлика на нивната припадност, водејќи се од заедничката љубов кон литературата и творештвото.
Со изборот на новата претседателка Весна Шереметкоска, Клубот влегува во нова фаза – со свежа енергија и амбициозна програма. За досегашната работа, улогата на клубот во локалната културна сцена, како и за плановите во периодот што следи, разговараме токму со неа.
Најнапред, честитки за изборот за претседател на Клубот на литературни творци – Прилеп. Што за Вас лично значи оваа улога?
– Ви благодарам за честитките. Оваа улога за мене претставува чест, но и голема одговорност. Да се биде претседател на Клубот значи да се зачуваат вредностите што со години се граделе, да се одржи високото ниво на кое функционира клубот во рамки на државата, но и да се внесе нова енергија, нови идеи и да се отворат вратите за нови автори.
Покрај новата функција, Вие сте и активен автор. Кажете ни нешто повеќе за Вашето творештво и што Ве инспирира да пишувате?
– Активно почнав да творам од 2011 година, со објавувањето на романите „Старецот со кавалот“ и „Жртва на љубовта“. Во 2013 година, на покана на тогашната претседателка, станав член на Клубот на литературни творци – Прилеп. Со поддршка на Клубот објавив уште две стихозбирки, две книги за деца и една збирка раскази. Добитник сум на повеќе награди за поезија и проза, како и на највисокото признание на град Прилеп за особен придонес во развојот на литературното творештво – наградата „3 Ноември“ во 2022 година. Во изминатите четири години ја извршував функцијата заменик-претседател на Клубот. За прозните текстови најчесто ме инспирираат општествено-социјални теми, додека за поезијата можат да ме инспирираат различни нешта, најчесто љубовта.
Како би го претставиле Клубот денес – каква е неговата позиција и значење во културниот живот на Прилеп?
– Клубот е единствен од ваков вид на локално ниво и има значајно место во културниот живот на Прилеп. Континуирано функционира повеќе од една деценија и е препознатлив по бројни литературни настани, особено по меѓународната поетска манифестација „Поетско Маркукуле“. Се надевам дека и во иднина достојно ќе го претставуваме нашиот град на литературните настани во регионот, како и досега.
Клубот постои од 2011 година. Кои активности, според Вас, оставиле најсилен белег во неговото досегашно работење?
– Би ја издвоила манифестацијата „Поетско Маркукуле“, која од 2019 година е во организација на Клубот на литературни творци – Прилеп. Таа им овозможи на многу неафирмирани автори да се претстават пред пошироката јавност, што е значајно за нивниот творечки развој. Исто така, тука се и „Мајските поетски средби“, настан со голем број учесници од Македонија, каде што сме се докажале како добри домаќини и организатори. Особено сме горди што дел од нашите членови се добитници на највисокото признание на град Прилеп – наградата „3 Ноември“, меѓу кои и самиот Клуб.
Клубот на литературни творци е познат по организирање на литературни конкурси, читања и промоции. Колку ваквите настани влијаат врз развојот на локалната литературна сцена?
– Конкурсите, особено оние наменети за основците и средношколците, имаат големо значење. Тие не само што ја збогатуваат културната сцена, туку ги поттикнуваат младите да творат на македонски литературен јазик, што е една од главните цели на Клубот. Преку ваквите активности се создава и нова публика, со што литературата станува подостапна за јавноста.
Колку е важна соработката со институции како НУЦК „Марко Цепенков“ и Градската библиотека „Борка Талески“?
– Од исклучителна важност е, бидејќи тие се наши најголеми соработници и поддржувачи во реализацијата на настаните.
Каква програма и активности планирате да реализирате во периодот што следи?
– Веќе започнавме со реализација на новата програма, која ја претставив пред членовите и беше едногласно прифатена. Успешно го реализиравме првиот настан на 1 април и продолжуваме со нови активности. Програмата е обемна и бара многу работа и посветеност, бидејќи содржи и новитети. Покрај традиционалните настани, воведовме и нови активности, како одбележување на Денот на шегата, одбележување на 20-годишнината од смртта на Петре М. Андреевски, како и промоции на автори од други градови.
Дали ќе има новини во концептот на работа на Клубот под Ваше водство?
– Да, секако. Во денешно време, кога темпото на живот е забрзано, не секогаш можеме да присуствуваме на сите настани и ги следеиме сите конкурси. Затоа воведовме и современ пристап, преку организирање онлајн конкурси на социјалните мрежи, со надеж дека ќе бидат добро прифатени.
Колку Клубот е отворен за нови членови, особено за млади автори кои допрва го градат својот израз?
– Клубот секогаш бил и ќе остане отворен за нови членови, особено за младите автори. Тие се иднината на литературата и токму тука можат да добијат поддршка, насока и охрабрување.
Како гледате на состојбата со литературата и читателската култура денес, особено кај младите?
– Иако дигитализацијата е во подем, верувам дека интересот за литературата не исчезнал. Младите имаат потенцијал и желба да читаат и да творат, но им е потребна инспирација и поддршка.
Која е Вашата визија за иднината на Клубот на литературни творци – Прилеп?
– Пред сè, би сакала Клубот да биде место што секој член ќе го доживува како свој дом – простор во кој се негуваат пријателството и заедништвото, каде што постои меѓусебна поддршка и почит. Тоа да биде дом на таленти и мост меѓу генерациите, поврзани од љубовта кон пишаниот збор. Со таква енергија, верувам дека можеме да постигнеме многу.
Со ваква визија и ентузијазам, Клубот на литературни творци – Прилеп најавува период на засилена активност и нова енергија на локалната културна сцена.


Сподели на социјалните мрежи