НАУКА И ТЕХНОЛОГИЈА ВО СЛУЖБА НА ВИДОТ: ПРИЛЕПСКАТА БОЛНИЦА ДОБИ АПАРАТ ЗА ОПТИЧКА КОХЕРЕНТНА ТОМОГРАФИЈА

Сподели на социјалните мрежи

Прилепската болница ја збогати својата опрема со апарат за оптичка кохерентна томографија – современа, неинвазивна и безболна дијагностичка метода која овозможува прецизно снимање на ретината и структурите на задниот сегмент на окото. Со ова значително се проширува опсегот на офталмолошки услуги што им се достапни на пациентите во регионот.
Досега, граѓаните кои имаа потреба од вакви прегледи беа принудени да патуваат во други градови или да ги користат услугите на приватните клиники.
„Се решивме да набавиме ваков апарат. Тој е купен со сопствени средства, во вредност од околу 4,7 милиони денари, и е еден од најдобрите во Македонија. Сега пациентите ќе можат да се прегледуваат тука, без да патуваат во други градови“, изјави д-р Кире Јоноски, директор на болницата.
Д-р Дејан Ристески, началник на очното одделение, истакна: „Успеавме да го набавиме овој апарат, со кој ќе се овозможи прецизна дијагностика на заболувањата на задниот дел од окото, односно на ретината. Тоа вклучува дијагностика на сенилни дегенерации на макулата, промени поврзани со дијабетес и прецизна рана идентификација на промени кај покачен очен притисок, односно глауком.
На овој начин пациентите ќе добиваат рана и навремена дијагноза во Прилеп, со можност за континуирано следење. Се надеваме дека во иднина ќе можеме да воведеме и анти – вегеф терапија за третман на дијабетичната ретинопатија.“


ОЦТ технологијатa овозможува рано откривање и следење на заболувања како макуларна дегенерација, дијабетична ретинопатија, глауком, макуларен едем и други заболувања на ретината.
Доцент д-р Наташа Шекеринова директорката на Универзитетската клиника за очни болести – Скопје, која ја посети болницата, истакна:
„Набавката на апарат за оптичка кохерентна томографија претставува значаен чекор за Општа болница Прилеп. Оваа современа и неинвазивна алатка овозможува брза и прецизна дијагностика на заболувања кои се водечки причинители за слепило и значително го унапредува квалитетот на здравствените услуги во регионот.“
Со новата апаратура, болницата дополнително ги зајакнува своите капацитети, надополнувајќи ја постојната офталмолошка опрема, меѓу која ултрасонографија и периметрија.
Во моментов, Општата болница Прилеп располага со четворица очни лекари, а во наредните три години се очекува враќање на уште четворица специјалисти. Главниот предизвик останува зголемување на средномедицинскиот персонал, кој е неопходен за понатамошен развој на одделението.
Со воведувањето на апаратот за оптичка кохерентна томографија, Прилепската болница се позиционира како регионален центар за современа офталмолошка дијагностика, каде науката и технологијата директно придонесуваат за подобрување на квалитетот на живот на граѓаните.


Сподели на социјалните мрежи