Синоќа, во „Бабанеделино“ училиште во Прилеп, се одржа промоцијата на публикацијата „Еден музеј на една архитектура“, посветена на еден од најзначајните прилепски и македонски ликовни уметници, Ѓорѓи Ачески – Аче, чии автори се Паре Зареска и Елизабета Дерменкоска – Цефи, а издавач е Завод и музеј Прилеп. Во просторот на објектот, кој на симболичен начин го долови духот и естетиката на уметникот, после промоцијата на публикацијата беше промовирана, отворена и Камерната галерија „ Ѓорѓи Ачески – Аче “ со поставка од цртежи и документи од Аче.
Публикацијата претставува значаен придонес во валоризацијата на творештвото на Ачески, но и обид за подлабоко разбирање на неговиот уметнички свет, во кој архитектурата, линијата и личниот израз се преплетуваат во специфична визуелна поетика. Како што беше нагласено, станува збор за дело кое не е само документ, туку и сведоштво за еден творечки немир и континуирана потрага по уметничка автентичност.

На промоцијата говореа директорката на НУ Завод и музеј – Прилеп, Мимоза Христоска, кустосот и автор Елизабета Дерменкоска – Цефи, претставникот на списанието „Стремеж“, Александар Еленин, како и уметникот и близок пријател на Ачески, Кирил Гегоски. Преку лични сеќавања, стручни осврти и културолошки контекст, тие го осветлија ликот на Аче како уметник, но и како препознатлива фигура на прилепската боемска сцена. Настанот го модерираше Паре Зареска виш кустос и еден од авторите на публикацијата.
Во својата суштина, публикацијата ја следи идејата за уметникот како хроничар на просторот и времето, а неговото творештво како „цртеж на живеењето“ – мотив што беше особено потенциран и во самиот предговор на публикацијата. Таму се нагласува дека Ачески не само што го бележел архитектонското наследство, туку и го трансформирал во личен, експресивен ликовен јазик, поставувајќи го „домот“ – како симбол и мотив – во центарот на своето творештво.
Посебен сегмент од настанот беше дигиталната презентација „Аче – последниот боем“, која преку факсимили, цртежи и архивски материјали од МАНУ, Националната галерија и приватни колекции, понуди визуелно патување низ богатото творештво на уметникот.
Авторките на публикацијата изразија посебна благодарност до раководителот на архивот Харалампие Поленаковиќ при МАНУ Љубомир Ѓорѓиевски за неговото залагање и упатување во фондовите за Ачески, на Маја Чанкуловска и Игор Василев од Националната Галерија за отстапените дигитални фотографии и се заблагодарија на семејствата на Ачески и на Ангеле Иваноски.
Промоцијата уште еднаш потврди дека делото на Ѓорѓи Ачески – Аче останува живо и релевантно, не само како дел од културното наследство, туку и како инспирација за нови читања и интерпретации на уметноста денес.
















