Јас сум Кристијан Саламовски, апсолвент по ветеринарна медицина на Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола, и мојата приказна започнува во планинското село Лавци, над Битола – таму каде што пчеларството не е само работа, туку семејна традиција и начин на живот.
Годинава освоив грант од 8000 евра од проектот NanoBioTech Nexus, финансиран од European Institute of Innovation and Technology, за основање на центар за апитерапија со концептот „Дигитално поддржана One Health апитерапија во планинското пчеларство“. Дополнително, на натпреварот Deep Tech EnterPRIZE ја освоив наградата како единствен студент на ниво на целиот универзитет – рамо до рамо со компании и стартапи.
За мене тоа беше повеќе од признание. Тоа беше доказ дека идејата, знаењето и храброста да се аплицира вредат, без разлика дали зад вас стои компанија или студентски индекс.
Потекнувам од пчеларско семејство. Најактивен е мојот татко, но сите сме вклучени – затоа што ги сакаме пчелите. Руралната средина во која живееме нуди извонредни природни и еколошки услови, а токму таа инспирација ја преточив во проект што ги интегрира современите технологии со апитерапијата и концептот One Health.
Центарот ќе нуди инхалациона апитерапија преку вдишување аеросоли директно од пчелното живеалиште – прополис, нектар, етерични масла, мед, восок, матичен млеч и полен. Овие третмани се насочени кон поддршка при респираторни заболувања и зајакнување на имунитетот. Покрај терапевтските третмани, ќе се развива и апивелнес сегмент за релаксација и благосостојба, со користење на пчелни производи со докажани придобивки.
Концептот One Health ја нагласува поврзаноста меѓу здравјето на луѓето, животните и животната средина. Пчелите како главни опрашувачи имаат клучна улога во одржувањето на екосистемот, а нивните производи се природна поддршка за човековото здравје. Во рамки на проектот ќе се применуваат и иновативни технологии за мониторинг на активноста на пчелите, енергетска ефикасност и подобрување на одржливоста на пчелното стопанство.
Ова искуство ми покажа дека студентите на УКЛО можат рамноправно да се носат со компании на иновативната сцена. Кога знаењето од факултет ќе се спои со лична страст и храброст да се излезе од комфорната зона – резултатите не изостануваат.
Проектите како NanoBioTech Nexus се реална можност за секој студент. Универзитетот редовно ги споделува повиците, а потребна е само иницијатива да се аплицира. Благодарен сум на УКЛО и на NanoBioTech Nexus за поддршката и шансата младите идеи да станат реалност.
Ако јас, како студент, можев да ја раскажам оваа приказна – може секој што верува во својата идеја.
















